1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најужасната година на Борис Џонсон

Роберт Маџ
23 декември 2020

За Борис Џонсон преговорите за Брегзит и Ковид-19 годинава беа огромни предизвици. Но, тоа не е изговор за неговите потфрлања на сите полиња, смета Роберт Маџ.

London Premierminister Boris Johnson
Фотографија: Toby Melville/REUTERS

Каква година за Борис Џонсон! Минатиот Божик уште се грееше на пламенот на неговата повеќестрана победа: не само што им донесе комотно мнозинство на своите конзервативци, туку Ториевците славеа успех и во традиционалното упориште на Лабуристичката партија - во северна Англија.

Но, кој би можел подобро од Џонсон, гордиот познавач на грчката класика, со ароганцијата и претераната самоувереност да ја предизвика лутината на боговите?

Се разбира, пандемијата на коронавирус во повеќе погледи излегува надвор од моќта на неговата контрола, зашто таа е еден вид природна непогода. Но, неговиот тотално неуспешен менаџмент е од човечка природа. Јас на пример не можам веќе да ги добројам наглите маневри кои ги изведе со цел да ја залаже британската јавност дека неговата влада работи во најдобар интерес на нацијата. Како некој кој не пропушта ниедна можност да ги спомене лидерските квалитети и далекувидоста на неговиот идол Винстон Черчил, Џонсон потфрли токму во ваквите способности.

Опомена за Џонсон

Уште полош може да се нарече само неговиот пристап кон Брегзит, оваа бескрајна сага се влече веќе четири години. Мантрата на Џонсон – реализација на Брегзит, обединување на длабоко поделената земја и воведување на сјајната пост-егзит ера, звучи веќе празно, лицемерно и прилично цинично.

Повеќе на темата:

Брегзит: Што ако нема договор?

Колку би чинел Брегзит без договор?

Брегзит: Џонсоновата стратегија на хаос

И да не заборавиме: овој човек во 2013 година се изјасни против излегување на земјата од ЕУ. Тогаш, како автор во „Дејли телеграф", аргументираше дека тоа не би ги решило проблемите на Велика Британија: „Ако ја напуштиме ЕУ, би ја завршиле оваа стерилна дебата и би сознале дека најголем дел од нашите проблеми не настануваат во Брисел, туку се последица на нашата хронична британска кратковидост, неадекватен менаџмент, мрзливост, ниски квалификации, култура на брзо задоволување на потребите и премали инвестиции во хуман капитал, стручност и инфраструктура."

Не се другите виновни

Кој тогаш би помислил дека Борис Џонсон со овие зборови ги опишува своите идни промашувања! Притоа едно штрчи над другите: неговото тврдоглаво следење на краткорочни интереси, што ја втурна земјата во хаос. Повнимателен премиер, имајќи ја во предвид надоаѓачката здравствена криза, би ја замолил ЕУ за пролонгирање на преодниот период на Брегзит, кој сега, најверојатно без постигнат договор, завршува на 31 декември.

Роберт Маџ, автор на коментаротФотографија: DW/R. Mudge

Без дилеми, Брисел би му ја услишил оваа желба. Наместо тоа, неговото егоистичко, разорувачко однесување ја раскинува кохезијата во британското општество и се заканува да ја втурне земјата во тешка криза.

Главниот аргумент на Џонсон за време на целиот процес на Брегзит беше повторно воспоставување на британскиот суверенитет и отрфлање на „прангите" на ЕУ.

Секој студент по економија кој се наоѓа уште во првиот семестар, би можел да му објасни дека секоја пост-Брегзит трговска спогодба на Велика Британија изискува компромиси на сметка на националните интереси. Тоа се нарекува „живеење во глобализиран свет".

Тоа не значи дека ЕУ во преговорите се презентираше алтруистички. Секако не. И ЕУ пропушти бројни шанси, испраќаше двосмислени пораки и во извесен аспект беше тврдоглава.

Ловење во матно

Но, ЕУ ги повлече своите црвени линии уште во 2017 година, на самиот почеток на преговорите. Брисел никогаш не остави двојба дека ќе инсистира на еднакви услови во трговијата и конкурентноста и дека нема да отстапува од правата на своите земји членки во поглед на риболовот. Тука мора да споменеме дека рибарството претставува само 0,1 процент од британскиот економски учинок. Најголем дел од уловот британските рибари го извезуваат во ЕУ. А рибите кои ги јадат Британците, се најчесто увезени. Значи, овде навистина важи старата британска поговорка: Британците можат да ги задржат рибите и сепак да ги јадат.

И на крајот уште еднаш да се навратиме на грчката класика: поимот какистократија – владеење на неспособните и бескруполозните – на Џонсон треба да му е познат. Иако мене лично поприфатлив за Џонсон ми се чини еден англиски израз од 19 век: „Snollygoster" – личност без принципи, која се раководи исклучиво од своите сопствени политички предности.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми