1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Џамбаски му се закануваат санкции по Хитлеровиот поздрав

ЖА / агенции
17 февруари 2022

Со гест кој се смета за нацистички поздрав, десничарско националистичкиот бугарски европратеник предизвика револт во Европскиот парламент.

Angel Dschambaski
Фотографија: D. Anoraganingrum/Future Image/imago images

„Хитлеровски поздрав во ЕП според мене е целосно неприфатлив, секогаш и насекаде“, се вели во соопштението на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Метсола, објавено денеска утрото.

На видео снимка од вчерашниот инцидент се гледа како бугарскиот пратеник Ангел Џамбаски при напуштањето на говорницата се врти кон пратениците и ја подига десната рака. Портпарол на Метсола изјави дека веднаш е почната постапка за испитување на случајот и санкционирање на Џамбаски.

Тој самиот одрекува дека станува збор за Хитлеров поздрав. Во писмо до европратениците, кое било на увид на германската новинска агенција ДПА, тој гестот го опишал како „невино мавтање со рака", со кое сакал да се извини за провоцирачките изјави во своето обраќање од говорницата.Тој е „шокиран од обвинувањата“, означувајќи ги за клевета.

Шефовите на пратеничката група на Европските конзервативци и реформисти, на која припаѓа и Џамбаски, изјавија дека случајот го сфаќаат многу сериозно и имаат поведено итерна истрага. Тие чекаат на одлуката на Европскиот парламент, по што самите ќе донесат одлука за соодветна реакција.

Сцената се случи за време на дебата околу одлуката на Европскиот суд за т.н. механизам на правна држава, кој овозможува ускратување на финансиски средства на членките на ЕУ, доколку кај нив се докаже непочитување на принципите на владеење на правото. Во текот на дебатата Џамбаски изјави дека всушност не станува збор за право, туку за омразата на многумина во Европскиот парламент кон држави и нации. „Никогаш нема да ви дозволиме да ни кажувате како да се однесуваме и што смееме да кажеме. Да живее  Бугарија,  Унгарија, Орбан, Фидес и Европа на националните држави“, изјави европратеникот Џамбаски од  бугарската националистичка партија ВМРО  и кратко потоа следеше гестот.

Претседателот на Европската народна партија во ЕП, Манфред Вебер на Твитер напиша дека неговата пратеничка група го осудува инцидентот и побара итна казна: „Ова е спротивност на она за што се залага ЕП".

Според Деловникот на ЕП, како санкција во предвид доаѓа укор, привремено губење на правото на дневници или суспендирање на парламентарните активности на одредено време.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми