1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Балканот почна „сезоната на гушење“

Самир Хусеиновиќ | Ивица Петровиќ | Далибор Добриќ
30 октомври 2019

Со доаѓањето на зимата, се зголемува концентрацијата на штетни материи во воздухот. Меѓу најзагадните градови во светот деновиве се најдоа Скопје, Белград и Сараево.

Serbien | Smog in Belgrad
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Белград во саботата (26.10) беше најзагаден град на светот. Веднаш зад него на таа неславна листа се најде Сараево. На интернет порталот AirVisual тие два града со денови се меѓу десетте  најзагадени во светот . И главниот македонски град  Скопје се вбројува во врвот на неславната листа од градови со најзагаден воздух.

Надлежните во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска велат дека и во другите градови на подрачјето на Западен Балкан со доаѓањето на зимата „се` потешко се дише.“ Главниот град на Србија затоа изминатите денови беше мета на иронични коментари на социјалните мрежи. Надлежните државни органи, кои беа прозвани, констатираа дека нема место за паника и дека во прашање е „вообичаено загадување за ова време на годината.“

Како што Радомир Лазовиќ од иницијативата Не го даваме Белград вели за Дојче веле, надлежните не само што ништо не работат на отстранување на проблемот, туку и дополнително ја влошуваат ситуацијата. „Близу Белград, во Винча, се гради печка за отпад за која неодамна стигна потврда од Европската инвестициона банка, која одби финансирање на таа печка, а мислењето на Европската комисија е дека таа е спротивна на стандардите кои Србија ги презеде како кандидат за членство во ЕУ“, вели Лазовиќ.

Соопштението на надлежните кои се занимаваат со следење на квалитетот на воздухот, според кои овие загадувања се „редовна појава“, Лазовиќ го гледа како обид за ублажување на проблемот и смирување на граѓаните. „Тоа е бегање од проблемите. Не може да се зборува за загадувањето како нешто што едноставно се случува. Не е така, зашто постои извор на загадувањето, а постојат и начини за тоа да се намали. Мислам дека нашите власти наместо тоа прават чекори за зголемување на загадувањето“, заклучува Лазовиќ.

Гас наместо цврсти горива

И додека во многу балкански градови воздухот е загаден главно во зима, во Зеница, Тузла и Луковац тој е лош во текот на целата година, вели за ДВ претседателот на одборот на здружението Еко форум Зеница, Самир Лемеш. „Сопствениците на индустриски постројки малку или воопшто не вложуваа во нови технологии заради намалување на емисијата на штетни материи. Инвестирањата во напредна технологија беа прекинати од војната, а последната приватизација не доведе промени кои би значеле намалување на емисијата на сумпорен диоксид“, вели Лемеш. Затоа во Зеница, металуршки центар на регионот, бројот денови со пречекорени дозволени вредности на концентрација на штетни материи, наместо допуштените три дена годишно, знае да биде и 252 дена. 

Сараево во зимските месеци е покриено од смогФотографија: DW/Z. Ljubas

Во Сараево воздухот беше загаден и порано, па властите воведоа земен гас во 70-те години од минатиот век. „Концентрацијата на сумпорен диоксид и чад во сараевскиот воздух беа осетно намалени со гасификацијата и елиминирањето на јагленот. Ситуацијата повторно се влоши последните години. Зголемен е бројот возила, а поради високата цена на гасот, се зголеми употребата на цврсти горива. Така, ефектите од 80-те се поништени. Состојбата ја влошува непланската градба, како на високи згради кои го намалуваат струењето на воздухот, така и на приватните куќи без приклучок на гас или централно греење. Покрај малиот процент на зелени површини и надморска висина која создава температурни инверзии, јасно е дека граѓаните се осудени да вдишуваат загаден воздух“, предупредува Лемеш.

Најтешко им е на хронично болните

Еден од „осудените“ е и Н.А од Сараево, кој долго страда од астма. „За нас  хронично болните,  зимската сезона во Сараево отсекогаш е сезона на гушење. Најлошо е што не можеме слободно да се движиме кога има смог, а мора да се оди до лекар, на работа...Единствен спас е бегство во планини, но тоа не е секогаш можно“, вели Н.А.

„Овде во Зеница веќе неколку дена владее густа магла и висок степен на влага во воздухот. Трпат и болните и здравите, а некои носат и маски“, вели С.Р. од Зеница. Лекарите потврдуваат дека загадувањето во градовите најмногу ги загрозува органите за дишење. Покачените концентрации на штетни материи во воздухот можат да доведат до  сериозни здравствени проблеми,  меѓу кои се срцеви заболувања и рак. Срцевите и белодробните пациенти се осетливи на загадувања, а во опасност се и децата и постарите лица.

Зголемен ризик од заболувања на дишните патишта поради загаден воздухФотографија: picture-alliance/dpa/dpa-Zentralbild/W. Grubitzsch

Д-р Боро Ногало, директор на загрепската Детска болница Сребрењак за лечење дишни болести, во разговор за Дојче веле истакнува дека во места со загаден воздух е почеста појава на алергии. „Се проценува дека за петнаесетина години околу 50 проценти од луѓето ќе имаат проблеми со алергии, зашто покрај загаден воздух, постои и глобално затоплување, како и поленација.  Загаденоста на воздухот  предизвикува и оштетувања на слузницата на дишните патишта, а во комбинација со алергени, доаѓа до алергиско запаление. На тоа се надоврзуваат болестите предизвикани од бактерии и вируси, па во зимско време доаѓа до зголемен број случаи на бронхитис и запаление на белите дробови“, вели д-р Ногало.

#dw_BalkanBooster: „Половина населба има белодробни заболувања“

02:26

This browser does not support the video element.

Повеќе да се слуша науката, помалку политиката

Инаку, во Хрватска ситуацијата со загаденоста на воздухот е нешто подобра отколку во другите држави во регионот. На загадување се изложени главно континенталните градови, а пречекорувања во 2018 година се забележани во Осијек, Загреб, Славонски Брод, Сисак и Кутина. „Главни предизвикувачи на загадување на воздухот се сообраќајот и употребата на цврсти горива, а загадување има главно во зимскиот период“, вели за Дојче веле шефицата на Одделението  за квалитет на воздухот при хрватското Министерство за животна средина, Нина Зовко.

Што можат да направат надлежните за граѓаните во регионот во зимските месци да дишат „со полни гради“? 

„Во индустриските центри се потребни филтри и технологија за намалување на емисијата на штетни гасови. Јавниот транспорт треба да биде унапреден и да биде подостапен за да се намали употребата на олку голем број возила. Би требало да се работи на затоплување на објекти заради намалување на потрошувачката на енергија за загревање. Еко-тестот за возилата мора да стане елиминаторен, наместо да биде чиста формалност, како досега. Неопходно е зголемување на површините на урбано зеленило и пошумување на околните ридови. Улиците треба почесто да се мијат за да се намали количината на прашина во градовите. Постепено би требало да се елиминира јагленот како енергес, зашто не живееме во 19, туку во 21 век. Наместо нови блокови термоелектрани на јаглен, потребни ни се повеќе обновливи извори на енергија“, потенцира Самир Лемеш, заклучувајќи дека решенијата не треба да се измислуваат, зашто веќе постојат и дека треба повеќе да се слуша гласот на науката, а помалку на политиката.   

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми