На Берлин му падна камен од срцето по победата на Макрон
8 мај 2017
Меркел, Габриел, Шулц: сите се радуваат на победата на Макрон, а првенствено Социјалдемократите, Зелените и Левицата бараат промена на германската политика кон соседот.
Реклама
Олеснување! Ако постои еден збор кој би можел да ги сублимира реакциите во Германија по исходот од изборите во Франција,тогаш тоа е овој. Емануел Макрон е проевропски настроен и сака натамошна тесна соработка со Германија. Неговата противкандидатка Марин Ле Пен има сосем спротивни желби. Кратко по извесноста на изборната победа, канцеларката Ангела Меркел телефонираше со новиот прв човек во Париз. Разговорот бил многу срдечен, се вели од Франција, а портпаролот на германската влада Штефен Зајберт изјави: „Канцеларката се радува на идната доверлива соработка со новиот претседател, во духот на традиционално блиското германско-француско пријателство.“ Канцеларката, дополни Зајберт, го цени залагањето на Макрон во текот на изборната кампања за обединета и отворена ЕУ.Се споменува дека Макрон меѓу своите први посети во странство, го планира Берлин.
Задоволство од изборната победа на Макрон изрази и германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лајен. Во телевизиска дебатна емисија на Првата програма на јавниот сервис АРД, таа изјави: „Ова е добар пример како се добиваат избори со темата Европа. Ние како Европејци можеме да научиме нешто од ова.“ Присутна е воздржана надеж дека десниот популизам во Европа веќе го надмина својот зенит.
Габриел: Да ѝ се помогне на Франција
Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел исто така чувствува олеснување, но очекува и поинаква политика кон Париз: „Макрон сака првенствено рефомирање на Франција и нејзино враќање на сцената како втора економска и социјална сила, за што поседува и добра програма. Но, тоа ќе биде предизвик и за Германија.“
Како најбогата и економски најсилна ЕУ-држава, Германија сега треба да го поддржи Париз, истакнува Габриел: „Не можеме да продолжиме како и досега, во основа, настапувавме одбивачки кон Франција кога стануваше збор за инвестирање во развој и работни места. Макрон и за нас ќе биде посилен партнер.“ Во оваа изјава може да се прочита благо откажување од тврдата политика на штедење и буџетски рестрикции во рамките на ЕУ, политика за која првенствено се залага канцеларката. Откако Франција повторно има стабилно водство, мора да му се излезе во пресрет на новиот челник во Париз, сметаат во СПД, слично се изјасни и лидерот на партијата и канцеларски кандидат, Мартин Шулц: „Сега заеднички, да ја направиме Европа подобра!“
Зелените и Левицата: Огромни задачи пред Макрон
Партијата на Зелените смета дека новиот француски претседател е исправен пред мамутски задачи. Тој мора да ја врати довербата во политиката, „во спротивно, во време на неговиот мандат се заканува натамошно јакнење на Националниот фронт“, истакнуваат првите луѓе на партијата, Катрин Геринг-Екарт и Чем Оздемир.
Левицата во прв ред го поздравува поразот на деснопопулистичката кандидатка Ле Пен. „Но, бројните гласачи на Ле Пен се натамошен аларм за Европа“, изјавија шефовите на пратеничката група на Левицата во Бундестагот, Дитмар Барч и Сара Вагенкнехт, предупредувајќи: „Досегашната несоцијална политика води кон уништување на Европа. И планираните од Макрон социјални и резови во работничките права, во иднина уште повеќе ќе ја зајакнат Марин ле Пен.“
„Легендарни“ први дами - Брижит Макрон е најновата
За многу претседателски палати или кралски куќи, првите дами се гаранција за гламур. Кој се истакнува со ексцентричност, а кој со ангажман? Брижит Макрон за многумина уште е непозната.
Фотографија: Reuters/B. Snyder
Француската нова прва дама: Брижит
64-годишната Брижит Макрон, позната и како „Биби“, ќе се всели во Елисејската палата со својот 24 години помлад сопруг. Поранешната учителка него силно го поддржуваше во изборната трка. На прашањето зошто Емануел токму сега треба да стане претседател, се пошегува: „Претставете си како ќе изгледам јас во 2020 година.“ Таа планира да се ангажира за запоставените млади луѓе.
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Gobet
Првата дама на САД: Меланија
Сопругата на новиот американски републикански претседател Доналд Трамп имаше многу време за да се подготви за својата нова улога. Словенката по потекло претходно вредно постираше селфи и фотографии од раскошниот ентериер на становите на Трамп на Инстаграм. Меланија допрва треба да се докаже како прва дама. Кој знае какви способности се кријат во неа?
Фотографија: Getty Images/C. Somodevilla
Карла Бруни Саркози
По потекло Италијанка, Карла беше позната како модел и пејачка. Почнала да студира уметност и архитектура, но со 19 години ги прекинала студиите и се посветила на уметничка кариера. Во 2008. година таа се омажи за тогашниот француски претседател Никола Саркози. Карла Бруни Саркози и натаму важи за модна стилска икона.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Кралицата Ранија од Јордан
Повеќекратнатната мајка од 1999 година е јорданска кралица, сопруга на кралот Абдула Втори. Позната е по својот општествен ангажман во и надвор од земјата. Ранија учествуваше во демонстрациите против Исламска држава и најостро ја осуди терористичката милиција. За нејзиниот ангажман, германската канцеларка Ангела Меркел во 2015 година ја одликуваше со наградата Валтер-Ратенау.
Фотографија: imago/Xinhua
Инкосикати ЛаМбикиза
Таа е кралица на Свазиленд, но само една од многуте, зашто кралот Мсвати Трети има повеќе жени. Кралицата ЛаМбикиза меѓутоа е таа која најчесто го придружува апсолутистичкиот владетел во официјални пригоди, привлекувајќи внимание со впечатливи фустани. Во својата земја таа силно се ангажира во борбата против ХИВ и сида.
Фотографија: Getty Images/C. Jackson
Џеки Кенеди
Вдовицата на убиениот американски претседател Џон Кенеди до денес има бројни обожуватели. Жаклин „Џеки“ Бувие Кенеди потекнува од њујоршката висока класа и имаше француски корени. Таа и Џон Кенеди, со кого се омажи во 1953 година, секако беа најгламурозната претседателска двојка која било кога живеела во Белата куќа.
Фотографија: Getty Images
Грејс Кели
Од успешна холивудска актерка која настапуваше заедно со Гари Купер или Клерк Гебл, таа во 1956 година стана принцеза Грација Патриција од Монако. Според гласините, таа не била среќна во бракот. Наводно, таа дури изјавила дека денот на венчавката бил најлошиот во нејзиниот живот. Принцезата почина во 1982 година на 52 годишна возраст при автомобилска несреќа и - стана мит.
Фотографија: AP
Имелда Маркос
Оваа дама привлече внимание со својата ексцентричност и стремежот кон луксуз. Поранешната убавица со години беше сопруга на Фердинанд Маркос, десеттиот филипински претседател, кој диктаторски владееше со земјата. Имелда Маркос стекна слава со својата рекордна збирка од повеќе илјади пара чевли од светски дизајнери.
Фотографија: picture-alliance/Everett Collection
Мишел Обама
Во 2009 година Мишел Обама стана првата прва дама со црна боја на кожата во историјата на САД. Дипломирала на Универзитетот Принстон и право на Харвард, но не е ценета само поради дипломите, туку и поради својот стил на облекување. Таа го придружуваше својот сопруг Барак Обама на бројните патувања и постојано изненадуваше со креативната гардероба.
Фотографија: Reuters/K. Lamarque
Неостварен сон: „првото момче“ Бил Клинтон
Во американските медиуми многу се шпекулираше околу титулата на сопругот на жена-претседател. Екс-првата дама и губитничка на изборите во 2016 година, Хилари Клинтон, на шега го предложи изразот „прво момче“. Во секој случај, тоа би била соодветна титула за овој шармантен сопруг околу чие име се вртеа бројни скандали.