1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Германија ѝ се заканува највисока инфлација

ЖА /ДВ
13 април 2022

Петте водечки институти за економски истражувања за годинава предвидуваат многу помал економски пораст и константно висока инфлација. Можна е и „остра рецесија“

Deutschland | Symbolbild | Coronavirus | Wirtschaft
Фотографија: Florian Gaertner/photothek/imago images

Германската економија годинава ќе забележи раст од само 2,7 %, произлегува од заедничката пролетна прогноза на пет економски институти.

„Опоравувањето од кризата со коронавирусот е закочено од последиците на војната во Украина, но сепак продолжува", изјави заменикот претседател и шеф на одделот за конјунктура на Институтот за светска економија во Кил (ИФВ), Штефан Котс. Корекција е направена и кај прогнозата за 2023 година, но нагоре – од 1,9 на 3,1 процент. Основа за ваквото предвидување е натамошно нормално  снабдување со руска енергија.  Доколку испораката на руски гас нагло прекине, сликата која ја претставуваат економистите е многу помрачна. Во таков случај економијата годинава ќе порасне за 1,9 %, а во 2023 ќе падне за 2,2 %. „Во случај на запирање на дотокот на  рускиот гас,  на  германската економија  ѝ се заканува остра рецесија“, предупреди Котс. Во двете години во такви околности би „изгореле“ вкупно 220 милијарди евра економски учинок.

Највисока инфлација во последните 40 години

Економистите засега немаат добри вести за  потрошувачите,   цените  годинава во просек ќе пораснат за 6,1 %, што е највисока стапка во последните 40 години.

Страв од рекордната инфлација - Германците складираат храна

01:05

This browser does not support the video element.

„Доколку дојде до прекин на испораката на руска енергија, инфлацијата би достигнала дури 7,3 %, највисока вредност од постоењето на Сојузна Република Германија“, гласи прогнозата.

Со оглед на  високата инфлација  и мрачните конјуктурни изгледи, институтите ја гледаат монетарната политика на Европската централна банка растргната во конфликт меѓу „стабилизирање на цените и производството, на сличен начин како во текот на двата нафтени шока во 1973 и во 1979 година“, се вели во прогнозата.

Институтите очекуваат „поплашливо“ подигање на основната каматна стапка во Европа отколку во САД. Таму Американската централна банка, ФЕД, ќе ја подигне постепено водечката каматна стапка до крајот на годината на 2,75 %. Кај ЕЦБ напротив може да се очекува поголемо подигнување на каматата дури во четвртиот квартал, со што таа би достигнала 1 процент, предвидуваат економистите.

Одлука на ЕЦБ

Европската централна банка утре (14.04.2022) ќе одлучува во врска со основната каматна стапка, која уште е на рекордно ниско ниво од 0,0 проценти, додека чувањето пари кај ЕЦБ се „казнува“ со негативна камата од минус 0,5 %.

Советот на ЕЦБ најави приспособување на „сите негови инструменти“ според потребата, заради постигнување и стабилизирање на стапка на инфлација на среден рок на границата од 2,0 %. Но, последните поскапувања од 7,5 проценти значително ја надминаа целта.

Истовремено, пролетната економска прогноза констатира робустност на германскиот пазар на труд. Бројот на невработени годинава ќе се намали за 300.000, на вкупно 2,3 милиони лица, и ќе се одржи на тоа ниво и во 2023 година.

Ако дојде до запирање на дотокот на руски гас, може меѓутоа да се очекува пораст на бројот на невработени на речиси 2,8 милиони лица.

Заедничката прогноза на економските институти служи како база врз која сојузната влада ги креира сопствените проекции, кои пак претставуваат основа за проценка на даноците.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми