1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На ЕУ не ѝ треба уште една Ангела Меркел

Кристина Бурак
4 септември 2021

Ангела Меркел заминува од сцената на ЕУ – и време е, вели Кристина Бурак од ДВ. ЕУ треба да го прекине нејзиниот реактивен стил за да се справи со предизвиците со кои се соочува.

Deutschland | G20 | Compact with Africa meeting in Berlin
Фотографија: Michele Tantussi/REUTERS

По германските избори на 26 септември, кога Меркел по 16 години конечно заминува од канцеларската позиција, Европската Унија ќе се збогува со шефот на влада со најдолг стаж.  Јасно кажано, Меркел долго време беше главен играч на ниво на ЕУ. Таа доживеа и се справи со голем дел од кризите во Унијата и помогна ЕУ да остане заедно во моменти на длабоки поделби.  

Но, и  покрај тоа што секогаш се залагаше за тимот ЕУ, Меркел често преземаше акции откако го одолговлекуваше носењето одлука, најдолго што може. Дури во германскиот говорен јазик има нов глагол со кој се опишува овој нејзин стил кога некој е неодлучен и не презема ништо – се вика „меркелување“.

16 години реактивна политика

Додека Меркел беше лојален реторички застапник на идеолошките вредности на ЕУ, многу од нејзините одлуки на ниво на Унијата беа резултат на одолговлекување, пресврт во последен момент или решенија за кои повеќе немало друга опција.

Тоа не значи дека не биле контроверзни, а понекогаш и смели. За време на финансиската криза во еврозоната и Грција, Меркел на крајот се спротивстави и на догмата на нејзината конзервативна партија за „затегање на ременот“ и германското јавно мнение за спасот на грчката влада. Но, тоа следеше откако прво инсистираше на тоа дека ваков потег не е во опција и не презеде акција се додека целиот блок не висеше на работ на бездна поради долгот кој се закануваше да го разниша целиот систем.

Строгите економски услови во спасувачкиот пакет за Грција и пакетите за помош на останатите јужномедитерански држави во потешкотии исто така доведоа до критики дека Меркел им го наметнува „германскиот начин“ и на останатите држави – што не е баш чувство кое поттикнува солидарност во ЕУ. Се сеќавам на разговорите кај нас дома, во моето шпанско семејство, дека беа полни со огорченост кон Германците кои и понатаму имаа корист од ниските цени за пакет аранжмани на плажа во Шпанија, додека на Шпанците гледаа како им се кратат јавните трошоци а невработеноста енормно растеше.

Потоа во 2015 кога милиони азиланти од Сирија бараа безбедност во Европа, Меркел донесе политички храбра и морално исправна одлука да не ги затвори германските граници. Но и ова беше реактивна одлика, донесена откако пропадна обидот за договор за пропорционално распоредување на бегалците во сите ЕУ земји и откако земјите во Унијата како Унгарија им дозволија на десетици илјади азиланти да патуваат кон јужната германска граница.

Кристина Бурак, автор на текстотФотографија: DW/P. Böll

Неодамнешното нејзино „да“ за „корона-фондовите“ или поделба на долговите на ниво на ЕУ – анатема за Меркел за време на нејзиното канцеларување – дојде по многу „не“ кои првично опстојуваа и покрај до сега невиденото економско затворање, поттикнато од пандемијата.

Како конзервативка, Меркел по дефиниција се залага за задржување на статус кво. Таа нерадо презема чекор напред се додека не биде залепена до ѕид. Но, додека ова досега помагаше ЕУ да функционира понатаму, тоа повеќе не е доволно.

Се бара: визионерски германски лидер во однос на политиката на ЕУ

Следниот германски канцелар треба да обезбеди проактивно, визионерско лидерство за да се исполнат сегашните и идните предизвици на блокот. И додека дел од Германците, од историски причини се чувствуваат нелагодно како предводници на европската политика, многу е важно да се запомни дека има разлика меѓу моќ и лидерство, како и тоа дека многу Европејци денес го гледаат Берлин како свој главен град.

За доброто на ЕУ, следниот германски канцелар мора да биде некој кој не е само дел од тимот туку може и да го обедини. ЕУ мора да биде способна да ги предвиди и „надмудри“ предизвиците наместо да реагира спорадично – а предизвици има многу.

Со климатската криза во полн ек, неносење смели одлуки не е опција за глобален политички лидер.

Рускиот тврдокорен став бара некој кој ќе може да го препознае и да се подготви за можен иден проблем, повеќе отколку некој кој одбира да го заобиколи соседот поради домашните енергетски интереси и геополитички желби.

Кинеската решеност да го зацврсти своето глобално влијание, намерно заладувајќи ги транатлантските односи, значи дека ЕУ мора себеси да се позиционира како посилна и понезависна, вклучително и во исполнувањето на таргетите за трошоците во одбраната.

Дополнително, внатрешните расцепи во Унијата бараат поиновативно и покреативно размислување во однос на политичките договори, можеби и отстапување од Меркеловиот пристап на задолжителен консензус секаде каде што е тоа уставно можно. Последно, но не и најмалку важно е дека канцеларот мора постраствено да комуницира, промовирајќи ги успесите на ЕУ и инспирирајќи доверба и воодушевување меѓу граѓаните во Унијата, особено кај помладата генерација. Патем, и Германците спаѓаат во граѓани на ЕУ. Анкета на ЕЦФР од април покажува дека огромни 45% од Германците се или амбивалентни во однос на членството во ЕУ, или пак сметаат дека тоа е лоша работа. Следниот германски канцелар може да започне проактивно да ја гради иднината на ЕУ, дома.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми