1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

На Запад, од ништо - нешто ново

25 март 2022

Кај Западот има многу нови нешта, а тоа што недостасува е да се престане со кажување што НАТО не може да прави и да се почне со сериозно илустрирање на крвникот од Кремљ–што сѐ НАТО може да направи. Пишува Ивор Мицковски

Ukraine Krieg mit Russland Mariupol
Фотографија: Maximilian Clarke/ZUMA PRESS/picture alliance

Присуството на Бајден на трите самити на НАТО, Г7 и на Европскиот совет кои се одржаа во рок од 12 часа, е потврда за новостекнатата компактност и единство во таборот на западните демократии. Ништо помалку, овие вонредни средби се одржуваат со цел да се воспостави поголема координација и подобра способност за соочување со кризата која пред точно еден месец ја започна Русија со инвазијата врз Украина.

Целта на трите средби е програмирање на заедничките и споделени мерки на економски, стратешки и културен план, со цел агресорот што повеќе да се маргинализира и изолира. Во заедничката изјава на  НАТО повторно јасно се осудува руската агресија, прецизирајќи дека „ескалирачката реторика на  претседателот Путин  е неодговорна и дестабилизирачка“.

Но, настрана повикот да запрат непријателствата, ветувањата за нови санкции кон Русија и Белорусија, заложбата за обезбедување ново вооружување за Украина и внимателното следење на воените злосторства,  НАТО Алијансата  реално малку што повеќе може и сака да направи.

Испраќањето на војска во Украина, како и затворањето на воздушниот простор (no fly zone) над нападнатата земја, не доаѓа предвид. Избегнувањето на директен судир со Русија е од суштинска важност, без тоа, ризикот од нуклеарна војна на Стариот континент драматично би се зголемил. Испраќањето на дополнителни 40 илјади војници на  источното крило на НАТО  и воведувањето на четири нови мултинационални тактички групи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка е со цел да се заштитат членките на НАТО, а не за да се стави крај на војната во Украина. Таква е актуелната позиција на НАТО.

Можеби најважниот момент од документот на НАТО е поканата насочена кон Кина „да не ги поддржува воените напори“ на Русија и „да не ѝ обезбедува на Москва решенија со кои би ги избегнале западните санкции“. Со тоа Западот имплицитно признава дека казнените економски мерки наметнати од Вашингтон и Брисел може целосно да профункционираат само под услов ако наидат на соработка од големите незападни држави.

-други колумни од авторот: Судирот на Путин со историјата

Без разлика што Западот мора и понатаму да калкулира или што не знаеме како Москва планира да ја поправи својата воено-стратешка ситуација која делува заглавена од храбриот украински отпор и тешките тактички грешки на Русија, главната новина од западниот фронт доаѓа од успешноста на евроатлантското сојузништво предводено од САД.

Прво, комплетно е воскреснат американскиот лидершип преку Џо Бајден и НАТО, со што експресно се залечија поделбите во западниот табор, особено после хаотичното повлекување од Авганистан. Поддршката за Украина, иако делумна, делува суштинска за нивниот отпор, додека во исто време САД се обидуваат да воспостават конвергенција на интереси со Кина на Ши Џинпинг.

Второ, најголемиот успех на Бајден е во силната кохезија помеѓу ЕУ и САД која настана како реакција на руската инвазија. Бајден обезбеди од германскиот канцелар Олаф Шолц да го стопира гасоводот Северен тек 2 и Германија да ја зголеми својата воена потрошувачка. Потоа, ги предводеше големите светски економии, меѓу кои и Јапонија, да ги воведат најголемите економски санкции кон Русија во својата историја, како и да го насочи Пентагон кон реализирање на најголемата воена поддршка на еден антируски отпор уште од времето на Авганистан, во осумдесеттите.

Ако на тоа го додадеме капацитетот на американските разузнавачи да го антиципираат секој чекор на Путин уште од ноември месец, способноста на НАТО да ги инволвира неутралните Шведска и Финска во сите свои одбранбени одлуки, да се зголеми бројот на воени трупи за 100 илјади на европскиот континент и да се пренесат санкциите кон Москва на сите глобални финансиски центри, тогаш не е тешко да се заклучи дека Бајден успеа во само еден месец да ги искористи сите грешки на Путин и да се врати во улогата на „лидер на слободниот свет“ и обединител на западните демократии.

Американскиот претседател Џо Бајден и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во БриселФотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

И тоа не е сѐ, затоа што двата сојузници на Вашингтон кои се најблиски до Москва, односно, Израел и Турција, одеднаш се претворија во клучни протагонисти на деликатните преговори кои оставаат отворен канал со Путин за евентуална средба и договор со Зеленски. Јавна тајна е и дека Пентагон веќе има воспоставено контакти со сериозни соговорници од рускиот воен врв со цел да го држи под контрола нуклеарното сценарио. Конечно, и покрај сите недоразбирања и ривалството, различните погледни и интереси, Бајден веќе одржа средба со Џинпинг врз кој Америка врши огромен притисок и го потсетува дека не може да продолжи да седи на две столчиња, каде ќе заработува и работи со Западот, додека со Русија ќе навива за распад на западната глобална доминација. Позицијата на Кина ќе мора да се кристализира и тоа ќе се случи во догледно време.

-други колумни од авторот: Владетелот мора да биде здрав

Историјата нѐ учи дека во време на војна работите знаат да се променат молскавично брзо и токму затоа, недискутабилно е дека Западот предводен од САД успева да одржи еден широк фронт на сојузништо и соработка, силна економско-воена кохезија со ЕУ околу санкциите и воената помош за Украина, подеднакво силна поддршка за Зеленски во тристраните преговори преку Анкара и Ерусалим, како и растечки дијалог со Пекинг со цел да се индивидуира заедничко решение за воените дејствија во Украина.

Тоа е главната разлика помеѓу Бајден и млаките реакции на сите негови претходници, од Буш, преку Обама до Трамп, на секоја претходна воена акција наредена од Путин, било тоа да е Грузија во 2008, Крим и Донбас во 2014-та, Сирија во 2015-та или Либија во 2017-та. Останува проблемот и импресијата дека сѐ тоа како да не е доволно. Оттука и прашањето што Западот, НАТО и Америка можат повеќе да направат за Украина, а за што и понатаму не сакаат одлучно да се определат?!

НАТО треба без вдоумење да застане зад ставот дека опстојувањето на Украина како суверена и независна држава е апсолутен приоритет за Алијансата. НАТО би требало да го повтори и присвои предупредувањето на Бајден дека ако Русија употреби хемиско оружје во  инвазијата на Украина,  Соединетите Американски Држави ќе одговорат. Алијансата би требало и јасно да подвлече дека сите, особено Путин, но и сите негови воени старешини и цивилни функционери вклучени во војната со Украина, индивидуално ќе се соочат со одговорност за своите постапки за какво и да било направено воено злосторство. Сојузниците би требало да промовираат и создавање на Специјален меѓународен суд за таа цел. На сите руските генерали и воени старешини треба да им е јасно дека никој нема да помине неказнето за цивилните жртви и за нехуманото и недискриминирано бомбардирање и уништување на украинските градови.

-други колумни од авторот: Трите војни на Путин

Во моментов воената помош за Украина од земјите членки на НАТО е огромна, но не е координирана. Тоа треба итно да се промени и НАТО да го зголеми и квалитетот и квантитетот на вооружувањето за Украина. Сите заедно треба да се потрудат кон обезбедување на вистински хуманитарни коридори. Треба да престане хипокризијата дека само затоа што Украина не е членка на НАТО, не може да ѝ се достават одредени вооружувања. Само за потсетување, НАТО го предводеше спречувањето на етничко чистење и во Босна и во Косово иако ниедна од нив не беше членка на Алијансата. Ако Русија продолжи со својата крвничка агресија, НАТО треба веднаш да ѝ достави на Украина ракетни системи земја-воздух С-300, вооружени дронови и Миг-29 авиони.

Ивор МицковскиФотографија: Privat

Јасно е дека никој не сака ескалација кон тотална војна или проширување на конфликтот, но НАТО и сојузниците имаат морална должност да ги заштитат украинските животи. Доколку Русија продолжи како што тргнала, особено во втората фаза на својата неуспешна инвазија, тогаш НАТО треба да ја потсети Москва дека и нејзе не ѝ одговара тотална војна со Алијансата. Таква војна Русија речиси сигурно би ја изгубила. И да не претеруваме со нуклеарните закани, тие ниту се лесни за изведување, ниту се така брзи како што ги замислуваме од филмовите. На Путин мора да му се објасни дека НАТО е подготвена да отиде чекор подалеку од само одбрана на своите членки. Во спротивно, се испраќа пораката дека може да прави што сака во Украина, па дури и да употреби и оружје за масовно уништување.

На точно еден месец од почетокот на агресијата врз Украина, кај Западот има многу нови нешта, но тоа што сеуште недоставува е да се престане со кажувањето што НАТО не може да прави и да се почне со сериозно илустрирање на крвникот од Кремљ – што сѐ НАТО може да направи.

Историјата нѐ подучила дека стравот од поголема војна, речиси секогаш не довел токму до тоа. Одговорностите на НАТО не се само кон членките - тоа е мит. НАТО и Западот имаат и стратешки обврски, но и подеднакво морални одговорности. Една од нив е и решавањето на воените и хуманитарни кризи на тлото на Европа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми