1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На изборите во БиХ победа на националните партии

Самир Хусеиновиќ
3 октомври 2016

На локалните избори во БиХ најмногу гласови добија кандидатите на националните партии. Овие избори му овозможија и враќање на голема врата на Фикрет Абдиќ „Бабо“.

Bosnien und Herzegowina | Kommunalwahlen
Фотографија: Klix.ba

Локалните избори во Босна и Херцеговина ќе бидат запаметени по враќањето на политичката сцена на воениот злосторник Фикрет Абдиќ „Бабо“, но и по инцидентите во Столац, каде изборите на сите избирачки места беа прекинати вчера попладне, околу 15 часот. На улиците на овој херцеговски град беа распоредени единици на специјалната полиција, откако физички беше нападнат претседателот на Општинската изборна комисија Иван Периќ. Врз Периќ наводно се нафрлил кандидатот за градоначалник Салмир Каплан. Според неофицијални информации, Периќ претходно сменил одделни бошњачки членови на избирачкиот одбор кои укажувале на изборни неправилности, а со отворање на одделни избирачки места во Столац се доцнело и по неколку часа. Надлежните служби спроведуваат истрага за случајот.

Столац не е и единствениот град во кој имаше инциденти и проблеми со гласањето. Коалицијата на невладини организации „Под лупа“, која го следеше изборниот процес во БиХ, извести за најмалку 93 „критични ситуации“. Најмногу пријави имало поради „притисок врз избирачите“, „семејно гласање“, „закани кон набљудувачите“, „непостапување на членови на избирачките одбори според актите на Централната изборна комисија“ и „гласање во име на друго лице“.

Се врати на голема врата: убедлива победа на Фикрет Абдиќ „Бабо“Фотографија: Reuters

Враќање на Фикрет Абдиќ

Локалните избори на политичката сцена во БиХ го вратија воениот злосторник Фикрат Абдиќ „Бабо“, кој во Велика Кладуша е избран за градоначалник на општината. Предвоениот директор на Агрокомерц, воен претседател на т.н. автономна област „Западна Босна“ и кандидат на Лабуристичката партија, Фикрет Абдиќ, доби речиси двојно повеќе гласови од кандидатот на Демократската народна заедница Адемир Мулалиќ.

Неизвесно е во Сребреница. Кандидатот на српските партии за општински градоначалник, Младен Грујиќ, уште вчеравечер околу 21 часот прогласи своја победа. Медиумите известуваат за „исклучително напрегната ситуација“ во Сребреница, каде победата на Грујиќ се прославува со „националистички песни“, скандирање „Србија“ и „бесно возење“ по улиците на градот. Во градот беше тензично во текот на целата ноќ, а полициските сили се зајакнати. Досегашниот градоначалник Ќамил Дураковиќ за Дојче вече изјави дека за Сребреница „сѐ уште ништо со сигурност не може да се тврди, додека не стигнат резултатите од гласањето во отсуство и по пошта“.

Граѓаните најмногу гласови им дадоа на националните партииФотографија: picture-alliance/dpa/F. Demir

Најзадоволни се лидерите на националните партии

Според нецелосните податоци на Централната изборна комисија, најмногу гласови на изборите добија кандидатите на националните партии. Претседателот на Коалицијата за слободни и чесни избори „Под лупа“, Вехид Шехиќ за ДВ коментира: „Луѓето кои живеат на овие простори не можат да се оттргнат од 'националниот зов', не размислувајќи што тоа им носи. Сѐ уште живееме во време, во кое главна тема е војната. Кога војната е главна тема и кога имате три полуафирмирани вистини за сѐ што се случуваше, лесно е да се направи хомогенизација на народот во БиХ. Тоа се случува во секој изборен циклус. За жал, ние секои две години имаме избори и секои две години проживуваме исто минување низ воените страдања. Тоа е испробан рецепт на оние кои политичката опција ја градат на т.н. заштита на виталните национални интереси. Од друга страна, граѓанската опција не е јасно артикулирана. Што се однесува до изборната победа на Фикрет Абдиќ, ние живееме во едно многу неморално општество. Почитувајќи го Уставот и законите на оваа држава секој кој издржал казна за кривични дела од сферата на воени злосторства има право да се кандидира на изборите и да се обиде да освои власт. Тоа е повеќе морално отколку политичко прашање, а кога зборуваме за морал во БиХ, тој не постои. Тоа е проблем и на политичките партии: дали во ваква ситуација е упатно да се предлагаат луѓе со такво минато? Тоа зборува за нашиот морал. Исто така, слушам дека најмногу гласови во Сребреница во моментов има кандидат кој го негира геноцидот во тој град. Ниту тоа не треба да изненадува никого, затоа што негирањето на геноцидот е општа политика во Република Српска. Ние сѐ уште не сме минале низ колективна катарза, низ вистинско соочување со минатото и затоа ни се вакви и изборните резултати“, вели Вехид Шехиќ за ДВ.

Во минско поле: Еден ден со босанските деминери

00:44

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми