На Кина ѝ успеа слетување на задната страна на Месечината
ЕМФ / дв
3 јануари 2019
Кинезите тврдат дека тешкиот маневар успеал уште при првиот обид - вселенска сонда стигна на површината на Месечината и сега ќе ја истражува околината.
Реклама
Историски успех за Кина, која сѐ уште е новајлија во вселенските истражувања. Во 3:26 часот по средноевропско време вселенската сонда „Chang'e 4“ слета на кратерот Аиткен, во близина на јужниот пол на Месечината, јавија кинеската државна новинска агенција Ксинхуа и државната телевизија ЦЦТВ.
Со тоа Кина станува прва нација на која ѝ успеало да слета на задната страна на Месечината. По успешното спуштање на површината на Месечината, сега роботско возило од „Chang'e 4“ ќе го истражува теренот во околината. За таа цел, возилото е опремено со панорамска камера и многу други мерни апарати.
Меѓу другото, планирани се експериметни со ниски радио фреквенции. Без атмосферата на Земјата и други пречки, астрономите во тишината на Вселената можат подобро да фаќаат сигнали и се надеваат на нови сознанија во врска со настанувањето на ѕвездите.
Кинеските експерти пред почетокот на мисијата оценија дека таа ќе биде многу сложена и со многу цели. Како пречка беше наведен можниот проблем во комуникацијата со Земјата, поради тоа што на задната страна на Месечината не може да се создаде директна врска. Поради тоа, Кинезите уште во мај го поставија во позиција преносниот сателит „Queqiao“, кој треба да помага за испраќање на сигналите.
Освен тоа, „Chang'e 4“ носи и семиња, со цел да се провери дали е можно садење зеленчук во изолирана околина, при ниска гравитација на површината на Месечината.
На вселенската сонда има и апарат за мерење на зрачењето, изработен од научниците на универзитетот „Кристијан Албрехт“ во Кил, Германија. Апаратот една година ќе го мери зрачењето и концентрацијата на вода на почвата и податоците ќе ги испраќа до Земјата.
Сознанијата би требало да помогнат за подготовка на мисии во кои ќе има и луѓе. Во 2019 година Кина планира уште една мисија без екипаж, која би требало да земе проби од површината и да ги донесе на анализа на Земјата.
Разгледници од вселената
Сентинел 1 беше лансиран во вселената на 3. април 2014. година. Првиот сателит во рамките на европската програма за набљудување на Земјата - Коперникус треба да обезбеди податоци за анализа на животната средина.
Фотографија: ESA – S. Corvaja
Први фотографии од новиот сателит
Сентинел -1 би требало да тестира една револуционерна идеја: датотека на податоци во вселената. Сателитот е опремен со специјален ласер, кој овозможува брза размена на големо количество податоци. Тоа е посебно важно кога времето може да чини животи, како што е во случај на природни катастрофи. Сега можат да се видат првите фотографии.
Фотографија: ESA/ATG medialab
Први чекори
Само десетина дена по стартот во вселената, Сентинел -1 ја направи првата фотографија. Во согласност со европскиот проект, таа го прикажува белгискиот главен град Брисел.
Фотографија: ESA
Гигант кој се топи
Ова е фотографија на глечер на островот Пајн. Од таа гигантска маса на западниот Антарктик секоја година милијарди тони мраз завршуваат в море. Последица на глобалното затоплување: предниот дел од глечерот, според оценката на експертите, секоја година се намалува за еден километар.
Фотографија: ESA
Земјата долу
Каприви е област во североисточниот дел од Намибија. Во дождовниот период, од декември до март, реката Замбези поплавува многу делови од таа област. Со својата мрежа на водени текови, областа Каприви е единствена во Намибија во која преку цела година има вода, а со тоа и животни.
Фотографија: ESA
Најголема концентрација на истражувачи
Најсеверниот дел од Антарктикот го сочинува еден полуостров. Неговите планини се високи до 2800 метри и се сметаат за продолжение на јужноамериканските Анди. На антарктичкиот полуостров се наоѓа најголемата концентрација на истражувачки станици на континентот.
Фотографија: ESA
Мраз во движење
Аустфона на Свалбард во Норвешка, со своите 8.120 квадратни метри, е најголемиот глечер во Европа. Заедничките мерења на Сентинел-1 и Германскиот вселенски центар ДЛР покажаа дека таа област се движи десет пати побрзо отколку што досега се мислеше.
Фотографија: ESA/DLR/Gamma/University of Leeds/University of Edinburgh
Фотографија на имењакот
Овде со боја е означен островот Северен Сентинел, најзападниот Андамански остров во Индискиот Океан. Пристапот кон него од 1966. година е строго забранет. На него живеат припадници на племето Сентинел, кои упорно одбиваат секаков контакт со останатиот свет.
Фотографија: ESA
Најголемата солена пустина на светот
Салар де Ујуни е најголемата солена пустина во светот. Таа настанала пред повеќе од 10.000 години откако пресушило езерото. Салар де Ујуни се наоѓа на надморска височина од над 3.600 метри во југозападна Боливија.