1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Косово в сабота се бира нов парламент

22 октомври 2004
Косово - избори
Косово - избориФотографија: AP

На изборите излегуваат дури 33 партии, чија изборна кампања помина без инциденти. Резултатите од изборите се очекуваат в недела. Ви нудиме извештај од Приштина за атмосферата спроти утрешно изјаснување.

Во идниот состав на косовскиот парламент има место за 120 пратеници, од кои 20 се резервирани за малцинствата, а од нив пак 10 за Србите. Од вкупно 33 партии мнозинството се албански, додека за гласовите на српското, бошњачкото и ромското малцинство конкурираат по две партии, а за оние на турското малцинство само една.

Овие парламентарни избори се сметаа за многу важно по иднината на Косово, бидејќи за време на мандатот на новиот парламент и влада треба да бидат донесени многу важни одлуки. Тоа го нагласи и шефот на УНМИК Сорен Јесен Петерсен:

“Ова се најважните избори кои се одржуваат на Косово од 1999-та година. Избирачите ќе го изберат парламентот и владата кои ќе бидат одговорни за исполнувањето на стандардите, а ќе бидат надлежни и за отпочнувањето на разговорите за решавањето на прашањето на статусот на Косово.“

Во подготовките за изборите имаше проблеми бидејќи “Листата на Србите за Косово и Метохија“ се реши да се вклучи во предизборната трка дури по истекот на формалниот термин за пријавување. Оваа партија го застапува мнозинството на Србите на Косово и на нејзино чело е Оливер Ивановиќ. Решението за учество на изборите падна дури по повикот на претседателот на српскиот парламент Борис Тадиќ. Централната изборна комисија стори се за да го одобри учеството на Србите на изборите:

“Изборите мораат да бидат што е можно посеопфатни. За таа цел сторивме се што беше технички можно за да ги вклучиме и Србите. Проблемот што се пријавија предоцна успеавме да го надминеме и конечниот резултат е дека сега ги имаме и Србите на изборите“ - истакнува секретарот на Изборната комисија, Аднан Меровци.

Тој ја оценува изборната кампања како многу мирна и според неговите податоци сите партии ги почитувале кодексот и принципите на УНМИК. Освен тоа политичките лидери ги повикале избирачите да излезат на изборите, бидејќи експертите стравуваат оти одзивот би можел да биде низок.

Кај албанските партии во центарот на изборната кампања се најде независноста на Косово. Така ЛДК на претседателот Ибрахим Ругова, која беше најголемата фракција со 48 од вкупно 120 пратенички места, со изборното мото ветуваше “слобода, независност и демократија“. Втората по големина партија во парламентот, ПДК на Хашим Тачи, освен тоа се осврнуваше на економски теми, како намалување на невработеноста од сегашните 70 на 40%:

“Визијата на ПДК ги зема предвид интересите на граѓаните на Косово. Таа нуди визија за независно Косово, за изградба на демократкси поредок, за економски развој и создавање нови работни места за младите. Тоа е европска визија за Косово“ - порача Хашим Тачи.

Тука е и партијата на Рамуш Харадинај, Алијанса за иднината на Косово, која исто како и претходната ПДК произлезе од УЧК. Добри шанси и се дава и на граѓанската иницијатива на Ветон Сурои, сопственикот на влијателниот весник Коха диторе и на ТВ станицата КТВ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми