1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Косово и натаму непроменети основните факти; оттука, ситуацијата и останува критична

3 јуни 2004

Контактната група за Косово побара до 10-ти јуни да и‘ биде поднесен извештај за состојбата со имплементирањето на процесот “Стандарди пред статус” во покраината Косово. Какви оцени би можел да содржи извештајот, како на ситуацијата таму гледа Јоханес Регенбрехт, заменик-директор на политичкиот оддел на УНМИК?

Ново насилство на Косово, како мартовското, не може да се исклучи
Ново насилство на Косово, како мартовското, не може да се исклучиФотографија: AP

Во разговор за Дојче Веле Јоханес Регенбрехт изнесе ваква слика на актуелната ситуација: “Не може да биде спречено повторно избивање на насилства, бидејќи и натаму остануваат основните факти: екстремно тешка економска ситуација, висока невработеност, одредена бесперспективност – посебно за младите. Многумина од нив немаат никакви, или професионалните изгледи им се многу лоши, немаат речиси никакви изгледи да патуваат во регионот или Европа поради визниот режим. Затоа, основното расположение кај населението е многу лошо. На ова се надоврзува и неразјаснетиот статус на Косово. Тоа се основните, и натаму непроменети факти. Оттука, ситуацијата останува критична. Но, нема алтернатива освен енергично да го продолжиме политичкиот процес што го дефиниравме и кој е во тек”.

Во однос на тоа какви конкретни мерки се преземаат во реализацијата на стандардите - осумте утврдени вредности или цели, Јоханес Регенбрехт појасни: “Ние, заедно со косовската влада, подготвивме еден комплет од акции. Тоа се повеќе од 100 поединечни мерки во кои точно се опишува кој, кога и што треба да направи за, на пример, да се оствари слобода за движење на малцинствата, толеранција, повторно да се поттикне и унапредува враќањето на внатрешните бегалци, како косовските Срби. Сето тоа се работи кои сосем конкретно се наоѓаат во планот за имплементација, врз чие спроведување работиме. Но, мора многу повеќе да биде направено за работите од едно апстрактно, побргу бирократско ниво, да се спуштат на ниво на луѓето, градовите, селата”.

За тоа, колкава вредност има решавањето на прашањето на статусот на Косово за смирување на ситуацијата таму, заменик-директорот на политичкиот оддел на УНМИК Регенбрехт вели:

“Статусот не е се‘. Дури, може да се случи по неговото прогласување - се‘ едно каков и да е, овде да започне големо отрезнување, зашто самиот статус не ги решава централните економски проблеми. Тој нема сам по себе да создаде работни места или перспективи за невработените млади. Тој факт посебно би требало да го разбере мнозинското население на косовските Албанци. Ние, инаку имаме јасен план: на крајот на јуни 2005-та година Контактната група, плус НАТО и ЕУ, заеднички со УНМИК и косовските институции, ќе го провери исполнувањето на стандардите. Потоа ќе се види дали ќе се премине на преговори за дефинитивниот статус или можеби ќе се оди во друга насока”.

Јоханес Регенбрехт, за тоа му нуди ли УНМИК на српското малцинство концепти за интеграција, за вклучување во животот на Косово, нагласува: “Да, пред се‘ со нашата сосем активна работа во врска со поддршката за повратниците. Не само УНМИК, туку и другите меѓународни мисии овде, Германија и други држави исто така, како донатори играат централна улога во градењето куќи, економската помош, овозможувањето безбеден транспорт, односно слобода на движење. Тие мерки ги спроведуваме со години и тука со голем успех соработуваме и со српските власти. Сега, заедно со косовските институции, преземаме обид за воведување децентрализација со пренесување на надлежности од владата на градовите и општините, кои би имале и сопствени финансии. Се‘ за што може да се решава на локално ниво, треба таму и да се прави‘.

На крајот, во однос на постоењето паралелни системи во кои Србите возат со стари регистрации, имаат српски документи, а Албанците на Косово имаат регистрации и документи од УНМИК, Јоханес Регенбрехт, заменик-директор на политичкиот оддел на УНМИК, во интервјуто за Дојче Веле рече: “Да, има паралелни структури во областа на образованието, здравството. Тие паралелни институции се трн во окото на косовското мнозинско албанско население. Со децентрализацијата сакаме да ги интегрираме во единствен косовски систем, при што по прашањата на јазикот и културата треба да биде оставен простор за самостојно уредување. Во моментов нема алтернатива за тие парарлелни институции. Многу косовски Срби би го напуштиле Косово да ги нема тие установи”.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми