1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Косово му се потребни нови импулси

14 декември 2010

Печатот од германското говорно подрачје ја коментира победата на Демократската партија на Косово и премиерот Хашим Тачи на неделните избори.

Весниците на германски пишуваат за победата на Хашим Тачи

Берлинскиот дневен весник „Тагесшпигел“ пишува: „Змијата повторно успеа“, алудирајќи на прекарот на претседателот на Демократската партија на Косово (ДПК) и поранешен водач на бунтовничката организација УЧК, Хашим Тачи.

„На Тачи нема да му биде едноставно да формира нова влада. Исто така нема да му биде лесно да го исполни едно од најзначајните предизборни ветувања, имено дека ако остане на власт во наредните 15 месеци на Косоварите ќе им овозможи влез без виза во Шенген-зоната на ЕУ. Притоа не кажа дека укинувањето на визите е поврзано со услови, кои за разлика од Србија и Босна и Херцеговина, Косово досега не ги исполни.

Косово мора да ’стави крај на културата на неказнивост’, изјави европратеничката од ЦДУ Дорис Пак, што набљудувачите го оценија како посочување на обвинувањата за корупција и криминал на претходната влада. Иако ЕУ го набљудува создавањето на правни државни структури, досега е уапсен само еден член на владата, министерот за транспорт Фатмир Лимај. Но, Лимај не е единствениот политичар од редовите на Демократската партија на Косово (ДПК) со сомнителни споредни примања“, констатира „Тагесшпигел“, па продолжува:

„Избирачката листа на ДПК меѓу народот е позната и како интерпол-листа. Премиерот Тачи во извештаите на тајните служби од Западот се посочува како клучна личност за организираниот криминал. Со ова политичко раководство и во иднина нема да има реформи.

Во иднината на Косово ќе мора да се смета со уште една политичка сила, имено движењето ’Самоопределување’ на националистот Албин Курти. Тој се залага за Голема Албанија и е против мисијата на ЕУ на Косово“, читаме во „Тагесшпигел“, во статијата со наслов „Убедлива победа на премиерот Тачи на изборите“.

Тоа што Тачи останува премиер, тоа е за европските дипломати доволно силна причина да ја пофалат „стабилноста“, пишува, пак, денешен „Берлинер цајтунг“ во статијата „Победа на косовската моќ во црно“.

„Но, во Косово единственото што е стабилно се корупцијата, опиеноста од моќ и тврдоглавоста. Граѓаните на Косово тамошната влада ги асоцира на колони црни лимузини, вештачки изјави на телевизија, нетранспарентни одлуки и фалбаџии кои вршат поткуп кога треба нешто да се постигне. Повторниот избор на истите политичари е резултат на резигнацијата на избирачите кои сметаат дека ни другите не се подобри. Во изминатите три години од независноста на Косово, премиерот Тачи си изгради мрежа на поддршка и ја утврди својата моќ. Со неговото име не се поврзува ниту една нова политичка иницијатива, неговата улога се состои единствено од проследувањето на финансиската помош од странство.

Европската мисија за воспоставување на правна држава и покрај неколку енергични акции, сепак не му се испречи на патот на криминалот на владата. За тоа е виновна фаталната противречност на таквите мисии, имено за реформи странците мора да имаат сојузници меѓу моќниците во таа земја. Но, најконструктивните можни сојузници се во истовреме и најкорумпирани. Граѓаните на Косово од нив можат да се ослободат само со сопствени сили“, се вели во „Берлинер Цајтунг“.

„Косово гласаше, на изборите најбројна беше партијата на оние кои не гласаа, над 50 отсто не го искористија своето право на глас. Тоа е особено загрижувачки факт, кој укажува на голема незаинтересираност за политиката, во овие политички турбулентни времиња“, констатира австрискиот весник „Ди Пресе“ во статијата со наслов „Непотполна држава: на Косово веднаш му се потребни нови импулси“.

„Дополнителен проблем е што Косово е социјално-економска темпирана бомба. Бројките се загрижувачки, има над 40 отсто невработени, а оваа бројка е многу поголема кај жените и младите. Се зголемува и стапката на сиромаштија, 54 отсто од Косоварите се борат за финансиски опстанок. 91 насто сметаат дека тамошната влада е корумпирана. Фрустрациите поради лошата економска состојба се големи, исто како и очекувањата за подобра иднина. Најголем предизвик за новата влада се социјалниот и економскиот сектор.

Во централните задачи на ЕУЛЕКС спаѓаат и реактивирањето и конкретизацијата на перспективата за проширување на ЕУ во поглед на Косово. Тие досега беа непотполни поради блокадите од Белград, недоволниот консензус во рамките на ЕУ и општиот замор на Унијата во поглед на пристапувањето на земјите од Западниот Балкан.

Сепак јасно е дека Србија нема да може вечно да тера инает, да се жали на фантомски болки и да им се спротиставува на промените. За Косово и Србија постои само една заедничка иднина, имено во рамките на ЕУ. Но, таквата иднина е невозможна без, делумно болни, компромиси од двете страни“, читаме во весникот „Ди Пресе“.

Автор: „Тагесшпигел“/ „Берлинер цајтунг“/ „Ди Пресе“

Превод: Јасна Мушиќ Јанчулева

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми