1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„На Косово се зборува со шепот“

19 јануари 2018

„До вчера плукаа по Ивановиќ дека е предавник, а сега го погребаа во Алејата на заслужни граѓани. Овој сарказам кажува сѐ. Не може така, луѓето не се стока,“ вели политичарот Марко Јакшиќ од Косово за Дојче веле.

Stadt Nordmitrovica im Kosovo
Фотографија: J. Đukić-Pejić

Дојче веле: Господине Јакшиќ, постојат многу шпекулации, а малку факти, но веќе чувме изјава од еден министер од српската влада дека не верува во расветлување на убиството на Ивановиќ. Што мислите Вие?

Марко Јакшиќ: Имајќи го во вид досегашното искуство, мислам дека тоа тешко ќе се разреши. Од доѓањето на Вучиќ на власт,  во последните пет години во Митровица се запалени стотина возила,  имаше бројни оружени напади на куќи, и мојот автомобил беше запален. Имав прилика овде во Митровица лично да го прашам Вучиќ дали тој стои зад палењето на мојот автомобил, и да ми одговори кој е сторителот, со оглед дека контролира четири разузнавачки служби, а градот е мал. Да потсетам дека на куќата на пратеникот Славиша Ристиќ беше фрлена бомба, се пукаше на неа, па ништо не се дозна. Се сомневам дека и сега нешто ќе се открие. Безбедноста на Србите беше многу поголема кога Министерството за внатрешни работи на Србија, пред неговата интеграција во рамките на Приштина, ги вршеше овие работи. Тоа го правеа во цивил, за разлика од сегашните униформирани, гледате дека градот е полн со сѐ и сешто... Митровица денес стана Колумбија, исклучително опасно место за живот. 

Од другастрана, не можеме да се оттргнеме од впечатокот дека сегашната власт во Белград од Оливер Ивановиќ направи мета... Тие на некој начин го носат на душа, зашто од него направија подвижна мета... Го обвинуваа за сѐ и сешто. Дали тие стојат зад неговото убиство или не, треба да покаже истрагата, иако се сомневам дека ќе се дојде до одговор. Меѓутоа, на претседателот на Србија не му се исплаќаат сите овие случувања. По поразот, Ивановиќ не му беше веќе политички конкурент. Знаете што, работите излегуваат од контрола, не можете да контролирате сѐ што се случува.

Марко ЈакшиќФотографија: J. Đukić-Pejić

ДВ: Многумина зборуваат за ситуацијата во северно Косово, а малку некој се осудува да каже имиња. Претседателката на Европското движење Рада Трајковиќ јасно го именуваше Милан Радојчиќ како господар на доброто и злото во северно Косово. Како Вие гледате на тоа?

Чув за таа изјава, но не можам да кажам дали бил тој или некој друг или трет. Но, безбедноста на Србите овде е многу лоша. Од неофицијални извори чув дека Оливер Ивановиќ се плашел за својот живот и дека на претседателот во Србија му кажал конкретни имиња. Но, сѐ остана на зборови. Гледаме како тоа заврши.

ДВ: Ивановиќ во последните месеци во повеќе настапи навести дека Србите на Косово се плашат од други Срби, џипови без регистрации, спреги на политиката и криминалот...знаете ли што точно мислеше? 

Важно е што многу Срби, првенствено овде од северно Косово, беа учесници на разни локални избори низ Србија. Чети одеа да вршат закани и извршуваа потреби на власта на локалните избори. Системот или стилот на владеење е од овде да се оди во други градови на Србија, а од други градови да се доаѓа овде кога има избори. Тоа е систем на хорди, воспоставен од власта...За жал, Србија стана мафијашка држава, досега не беше таква, но сегашниот режим ја направи таква и ова се жртви на тоа.

Повеќе на темата: 

Убиството на Оливер Ивановиќ - политичка саботажа

„На Косово треба да се реагира трезвено“

ДВ: Рековте дека насилството во српските средини на Косово ескалира од 2013. година, се нижеа убиства, зошто тогаш?

Па токму зашто Александар Вучиќ направи полумафијашки систем, не само на Косово, туку во цела Србија. Луѓето се плашат, страв завладеа во целата земја. Луѓето стравуваат да зборуваат, се зборува со шепотење. Тоа го немаше дури ни во времето на Слободан Милошевиќ, колку и да го обвинуваат. Ова сега е систем на власт според принципите на Коза ностра. Ако зборувате премногу, како дел од обичниот народ губите работа или не може да се вработите, некој може да ви пука во прозорец, да ви го запали возилото, а крајно можете да завршите како Оливер Ивановиќ.

„Митровица денес стана Колумбија, исклучително опасно место за живот“ Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Slakovic

ДВ: Пред половина година му напишавте отворено писмо на српскиот претседател дека „во воздухот се чувствува негова желба да се отараси од јужната српска покраина“. Како ги доживувате неговите последни изјави и неговата најавена посета на Косово?

Претседателот доаѓа овде за да пегла, зашто целата каша самиот ја замати. До вчера тврдеше дека нема етнички мотивирани убиства, а сега пак ги има. Во суштина, тој води непринципиелна политика. Сега ги напаѓа овие функционери, тоа се негови коалициски партнери. Не треба да се заборави, тој му даде поддршка и на Рамуш Харадинај, неговата Српска листа го изгласа Кадри Весељи за претседател на Собранието на Косово, со гласовите на Српска листа беше избран и Хашим Тачи, тој се сплетка со нив. Тоа е политика која не само што води кон одвојување на Косово од Србија, туку од Косово прави мафијашко гнездо. Оваа сегашна власт исто така имаше блиски односи со мафијашката власт во Црна Гора, тој вирус се шири.

Александар Вучиќ, што се однесува до него, одамна ќе се ослободеше од Косово. Тој се обидува да го задржи северниот дел од Косово, ако може, иако мислам дека нема да му успее, зашто не се води политика на таков начин. Мафијашката, криминална и шверцерска политика отиде предалеку за да би можело да функционира „јас тебе - ти мене“. Сѐ додека е Александар Вучиќ на чело на Србија, Косово ќе се оддалечува од Србија. Значи, неговото доаѓање е перење, аболиција за него за сето она што се случува овде во северно Косово.

До вчера го плукаа Оливер Ивановиќ дека е ѕвер, насилник, дека е предавник, а сега го погребуваат во Алејата на заслужни граѓани. Таа малициозност, тој сарказам едноставно кажува сѐ. Не можете така да постапувате, луѓето не се стока за толку жестоко да ги плукате, да ги газите. Од нив да правите подвижна мета, а кога ќе бидат убиени, од нив да правите херои и заслужни граѓани. Тоа е под секое ниво.

Марко Јакшиќ е член на Претседателството на движењето на Срби на Косово „Татковина“. Порано беше член на преговарачкиот тим на Србија во разговорите со претставниците на Приштина (2006-2008), потпретседател на Демократската партија на Србија и нејзин пратеник во српското собрание. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми