1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Косово уште е напнато

29 ноември 2011

Советот за безбедност на ОН го разгледува новиот извештај на Генералниот секретер на Светската оранизација, Бан Ки Мун за ситуацијата на Косово.

КФОР ги отстранува српските барикадиФотографија: dapd

Советот за безбедност на ОН денеска го разгледува најновиот извештај за состојбата на Косово. Во него генералниот секретар на Светската организација оценува дека случувањата на северот на Косово можат да го дестабилизираат Балканот.

Српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ го повика Советот за безбедност без одложувања да преземе чекори и да осигура дека повеќе нема да се повторуваат едностраните насилни акции на Косово.

„Ако сме искрено заинтересирани за мирот и стабилноста на Косово, ако нашата цел е повторно да се воспостави стабилноста и да се подобри квалитетот на животот, тогаш не може да има оправдувања за одбивањата веднаш да се одговори на овој повик“, рече Јеремиќ.

Во редовниот извештај што се разгледува во Советот за безбедност и е за периодот од 16-ти јули до 15-ти октомври, Бан Ки Мун оценува дека случувањата врзани за административните премини „значајно придонеле за влошување на безбедносната состојба на северот на Косово, поларизирајќи ги ставовите, како и за ширење на јазот меѓу заедниците на северот на Косово и институциите во Приштина“. Бан Ки Мун изразува и надеж дека „членовите на Советот за безбедност ќе упатат јасна порака до Приштина и Белград одговорно да пристапат за смирување на тензиите и спречување на ново насилство на северот на Косово“, заклучува Бан Ки Мун.

Тадиќ го повикува КФОР да се повлече од отстранувањето на барикадите

Додека се очекуваше почетокот на седницата во ОН, српскиот претседател Борис Тадиќ го повика КФОР да се откаже од акцијата за отстранување на барикадите, бидејќи таа акција може да ги загрози животите на граѓаните. Во исто време тој им се обрати и на политичките претставници на Србите во Косово со барање да ги повикаат граѓаните да ги отстранат барикадите.

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Во оваа ситуација само екстремистите имаат корист и во оваа атмосфера не можат да се решаваат проблемите“, рече Тадиќ.

Србите наместо да се повлечат, на главниот пат во местото Јагњеница истурија песок од два камиона и направија нова барикада. Војниците од КФОР одговорија со фрлање солзавец. Вчера на тоа место КФОР ги отстрани блокадите, а во судирите беа повредени десетина граѓани и 23 војници од КФОР.

Автор: Александар Методијев / Александра Трајковска/ Бета

Редактор: Ж.Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми