1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На која карта игра Ердоган со бегалците?

Акал Дегер
4 март 2020

Воена ескалација во сирискиот регион Идлиб, притисок на мигранти на турско-грчката граница: кои конфликти на интереси се во игра и какви се калкулациите на турскиот претседател?

Griechenland Kastanies Flüchtlinge an der Grenze der Türkei zu Griechenland
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Papanikos

Која е целта на Ердоган?

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ретко кога стоел пред поголеми предизвици. Неговиот надворешнополитички ангажман во северносирискиот регион Идлиб доведе до вооружени судири со режимот на Асад и неговиот сојузник Москва. Во борбите веќе загинаа бројни турски војници. Последиците за цивилното население се катастрофални. Четири милиони Сиријци би можеле во следните недели да притиснат на граничните премини на турско-сириската граница.

Со својата изјава „Вратите се отворени“, Ердоган отвори пат за нов мигрантски бран кон Европа. Зад овој чекор се крие калкулација: вниманието на турската јавност се свртува настрана од сириската граница – кон европската граница.

Покрај тоа, Ердоган се надева преку зајакнатиот притисок врз Запад да го оствари и своето барање: сојузниците од НАТО да учествуваат и да ја засилат турската воздушна одбрана во северна Сирија. Освен тоа, Ердоган се надева ЕУ да ја натера руската влада да прифати прекин на огнот. Натамошна цел на турскиот претседател е добивање согласност за создавање безбедносна зона во северна Сирија.

Ердоган укажува и на тоа дека Бегалскиот договор меѓу ЕУ и Турција предвидува „само“ шест милијарди евра помош. Турската влада тврди дека досега за својата бегалска политика потрошила најмалку 40 милијарди долари. Ердоган во врска со најавата на ЕУ за зголемување на помошта за уште една милијарда, истакна дека очекувањата се многу повисоки. „Ние веќе не ги сакаме овие пари“, изјави тој пркосно.

Оправдани ли се барањата за поголема парична помош?

Државите од ЕУ по секоја цена сакаат да спречат повторување на бегалска криза како онаа која ја доживеаја во 2015 година. Токму затоа беше склучен договорот меѓу ЕУ и Турција во 2016 година. Тој предвидува мигрантите кои илегално стигнуваат во Грција, да бидат враќани во Турција, за што Анкара добива финансиска помош.

Договорот имаше јасна поголема ефикасност за ЕУ отколку за Анкара: во 18-те членки на ЕУ стигнаа само 25.000 бегалци, додека Турција прими 3,5 милиони. Турската влада е иритирана од оваа диспропорција.

Сцени како во 2015 година - илјадници бегалци во обид да стигнат во ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/A. Deeb

Анкара аргументира дека ЕУ не се држи до обврската за исплата на шест милијарди евра меѓу 2016 и 2019 година на Турција. И Европската комисија потврди дека до февруари 2020 година за проекти се одобрени само 4,7 милијарди евра, а од оваа сума на Турција ѝ се исплатени само 3,2 милијарди евра.

Остварливи ли се очекувањата на Турција?

Турската влада очекува поголемо залагање од ЕУ за примирје и извршување поголем притисок врз Русија. Но, напорите на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон да повлијаат врз шефот во Кремљ, досега не се успешни. На ниво на ЕУ се дискутираше околу санкции против Русија, но прашање е дали тие би го принудиле Кремљ на попуштање. Ни во случајот со украинската криза, санкциите на ЕУ не ја натераа Русија да се откаже од својата експанзивна политика во Крим и источна Украина.

Исплаќањето на финансиската помош се одолговлекува меѓутоа поради голема недоверба кон Анкара – кон тоа придонесува растечкото отстапување од демократијата, слободата на печат и владеењето на правото во Турција. Од ЕУ стигнуваат критики и на директното исплаќање на финансиската помош на турската влада, а не на меѓународите хуманитарни организации, како што често се бара.

Што ќе преземе сега ЕУ?

Брисел се обидува да најде дипломатски решенија за совладување на кризата на грчкиот дел од надворешната граница на ЕУ. ЕУ од една страна се обидува преку јакнење на надворешната граница да покаже солидарност со Грција и на тој начин да му сигнализира на Ердоган да се придржува кон Бегалскиот договор. Освен тоа, европските држави би сакале Анкара повторно да ја стави под контрола ситуацијата на турско-грчката граница и да ги запре жестоките немири на граничните премини.

Повеќе:

ЕУ цврсто застана зад Грција во справувањето со мигрантите

ЕУ му веруваше на Ердоган, сега нема план „Б“ за бегалците

Еврос: Реактивирање на опасната бегалска рута

Тензии на Лезбос: „Повторно ќе дојдат многу луѓе“

Претседателот на јужната, премиерот на северната граница

За оваа цел претставникот на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел заедно со еврокомесарот за кризен менаџмент, Јанез Ленарчич патувааше во Турција. На 6 март членките на ЕУ на вонреден самит на Советот на министрите за надворешни работи во Загреб ќе се обидат да договорат заеднички чекори. Ново издание на Договорот за бегалци е отежнато поради најновите барања на Анкара. Како предлог се споменува ставање на располагање поголема финансиска помош и согласност  парите да смеат да течат и во регионот Идлиб.

Што ќе направи Германија?

За германската канцеларка Меркел спречувањето на нова бегалска криза како онаа од 2015 година има врвен приоритет. Настаните на турско-грчката граница го доведоа Бегалскиот договор до пад, но таа како ретко кој друг шеф на влада во ЕУ притиска на продолжување на договорот на ЕУ со Турција. 

Важноста на овој дил за Меркел ја илустрира и зачестеноста на нејзините пофалби за турскиот однос кон сириските бегалци. Таа вети и дополнителна финансиска помош за надминување на кризата во Идлиб. Договорот за бегалци меѓу Европа и Турција германската влада го вреднува како чист успех и затоа и го брани. Од сите европски влади, Берлин најодлучно се обидува да го убеди Ердоган во натамошна соработка во бегалската политика.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми