1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Мерко да му купиме Меркомобил

30 март 2019

Мерко има вистинско чувство за мерка: за него ново возило, за пожарникарите половни. Замислете да било обратно. Не, не замислувајте. Коментар на Катерина Блажевска

Im Test: Audi A6 Avant
Фотографија: DW

Владата мораше добро да размисли кога реши лани да им подмири на општините 51% од вкупниот пријавен износ на долгови заклучно со месец септември 2018 година. Односно, требаше да ја услови таа финансиска поддршка со обврзувачки период во кој општините нема да трошат пари за непродуктивни цели, накратко речено - за чалам. А што е, ако не чалам и врвна ароганција и безобразлук, тоа што го промовира градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, пред целата јавност. На господинот градоначалник му било под чест да се вози во една од трите новокупени „шкоди“ за општината, во вкупна вредност од 114.000 евра. „Срамота е да се возам со 'шкода'“, рече тој.

Патем, не е задоволен што мора да се вози и во новото „Ауди А6“ купено за 66.700 евра. Всушност, мислел да си купи „Ауди А8“, ама си рекол - ајде да не претеруваме. Верувам дека сега длабоко се кае што не го купил. Бидејќи јасно потенцираше дека „и еден обичен граѓанин вози и подобар автомобил од градоначаниците и премиерот“.

A зошто да не? Патем, тука има една голема разлика. Тој обичен граѓанин, недостоен за споредба со величеството на еден градоначалник од калибарот на Мерко, автомобилот си го купува од свои, а не од општински пари. И тука каква било споредба е неоснована. 

Но, според признанието на Мерко, корените на неговата душевна болка на тема „возен парк“ не се предизвикани од обичните граѓани. Тие датирале уште од неговиот прв мандат кога возел „обична 'опел вектра'“. А судбината сакала тој во Калишта да се затекне токму со тогашниот претседател на Србија Борис Тадиќ и со неговата придружба, кои му го приредиле трауматичниот момент на вистината: сите до еден имале полуксузни возила од „вектрата“ на Мерко. Ова веќе личи на пристоен „аргумент“: не смее струшки градоначалник да има полошо возило од српски претседател - и точка.

Имајќи ги предвид овие негови критериуми, ги молам стружани да го држат Мерко подалеку од Скопје, кога во мај во главниот град ќе пристигне Папата Франциск. Замислете што ќе се случи ако папската делегација случајно се размине со скромноста на четири тркала на струшкиот градоначалник. Идејата за „Ауди А8“ ќе падне во вода, и ќе мора итно да биде заменета со нацрт за изработка на посебен „Меркомобил“, како пандан на „Папамобилот“. Проблем е што вториов разива брзина од само 25,7 километри на час, па „Меркомобилот“ ќе мора да биде проектиран на многу поголеми брзини.

Навистина немам ништо против еден градоначалник да има и најлуксузно службено возило, но доколку касата на општината е полна а не во долгови, и ако возните  паркови на сите општински служби се на највисоко ниво. Но, во случајот со Струга, воопшто не е така. Општината има долгови, а пожарите во изминатиот период покажаа колку е ужасна состојбата во тамошната противпожарна служба. Таа располага со шест возила, но двете клучни автоцистерни се надвор од употреба. Според вработените, тоа е голем проблем.

Фотографија: Imago/H. Rudel

„Струга нема хидрантска мрежа, а ова се возила кои бараат хидрантска мрежа. Сите се со 1.600 или 1.800 литри вода, па кога има пожар, кај граѓаните има чувство дека сме дојдени без вода. Таа вода е за 4 минути работа со овие возила. А, една цистерна со 8.000 или 10.000 литри вода е многу значајна. Имавме две, но тие се во расход“, изјави неодамна Бесим Кадриу од притивпожарната бригада во Струга, во емисијата „360 степени“.

Во истата емисија и Мерко објасни како работи за да го подобри тој возен парк.

„Веќе сум во преговори со надворешни пријатели од Струга кои работат во Европа, каде истите препродаваат, a и работат во противпожарни служби, за да ни обезбедат уште некое возило. Со 15 дo 20.000 евра по возило, можеме да набавиме добри возила, така што и оваа година паркот ќе биде во функција на граѓаните“, изјави Мерко.

Власта го локализира, но дали и ќе го изгаси финансискиот „пожар“ во општините?

Па зошто и за себе не си набавил добро половно возило од пријателите препродавачи? Но, не. Тој си купи ново „ауди“ од  66.700 евра што ќе му служи само нему, а кога станува збор за заштита од огнена стихија на повеќе од 60.000 жители, тогаш „одлични“ се и половни возила. Така Мерко покажа дека има вистинско чувство за мерка: за него ново, за пожарникарите стари возила. Замислете да било обратно. Не, не замислувајте.

Ваквиот потценувачки однос кон потребите на сограѓаните не е нова, туку стара практика. Тој и во 2011 година си купил ново „Ауди А 6“ (кое денес не е во возна состојба), но за противпожарната единица исто така обезбедил половно возило како подарок од градот Манчестер (претпоставувам, со волан на десната страна).

Возилата во кои се возат општинарите

00:43

This browser does not support the video element.

Лани во април, исто така обезбедил користено противпожарно возило како донација од невладината организација „Скафур“ од Швајцарија, со која општината имала потпишано меморандум за соработка.

„Oваа опрема ќе придонесе кон поголема ефективност на работењето на противпожарната единица и подобрување на нејзината ефикасност на терен“, изјавија тогаш од општината.

Нема одговор како „аудито“ на Мерко ќе придонесе кон поголема ефикасност во работењето? Колку за илустрација, просечната старост на противпожарните возила во Струга е 38 години, што ја доведува во прашање безбедноста на оние кои секојдневно ги користат. Но, зарем градоначалникот и за тоа да мисли? Доволно е што им обезбедил нешто - колку пополовно, толку поповолно. Тие самите нека внимаваат како ги возат крнтиите, а граѓаните - како ќе „возат“ на следните локални избори.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми