1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На НАТО му е потребна нова стратегија за 21-от век

Нина Веркхојзер12 ноември 2008

Непосредно по изборот на новиот американски претседател, германската влада ги прецизира своите позиции во надворешната и безбедносната политика како и во трансатлантското партнерство. Кои се нејзините приоритети?

Канцеларката Меркел од идниот претседател на САД,Обама очекува подобро трансатлантско партнерство, но стравува дека тој ќе побара поголем германски ангажман во АвганистанФотографија: AP

Стабилизацијата на Авганистан останува најголемата надворешно-политичка грижа на германската влада. Тоа треба да биде и највисок приоритет за НАТО, порачаа во настапот пред учесниците на конференцијата на Германското атлантско друштво во Берлин, канцеларката Ангела Меркел и министерот за одбрана Франц-Јозеф Јунг.

Германија стравува дека Обама ќе бара поголем број германски војници за Авганистан

Меркел во говорот, кој се однесуваше на ангажманот на Германија во рамките на НАТО, го истакна значењето на успехот на мисијата во Авганистан за угледот на Алијансата во светот. Германскиот ангажман со околу 4500 војници во Авганистан ќе продолжи се’ додека оваа земја не биде стабилна и безбедна, истакна Меркел.

Меркел има намера со идниот американски претседател Барак Обама да разговара за концептот на содејство на воената и цивилната помош за Авганистан, кој го фаворизира германската влада. Канцеларката меѓутоа не кажа ниту збор за стравувањата во Берлин, дека Обама би можел да ја замоли германската влада да испрати повеќе војници во Авганистан и Бундесверот да дејствува и во јужниот дел на оваа земја, каде постојано се водат борби со бунтовниците. Владата во Берлин меѓутоа нема намера до изборите во Германија наредното лето да го проширува ангажманот.

Бундесверот во Авганистан е ангажиран пред се во помирниот северен дел на земјатаФотографија: AP

Разговорите во Советот НАТО-Русија треба да продолжат

Уште едно градилиште Меркел гледа и во односите со Русија. Но таа не остава простор за сомнеж, за тоа каде лежат приоритетите на германската влада.

„Тука не постои можност да се разбие трансатлантското безбедносно партнерство. Тоа го велам постојано и во разговорите со нашите руски партнери: ваквите обиди со децении не успевале, и нема да успеат ни во иднина“, порача Меркел.

Сепак таа истакна дека Русија е важен партнер за Германија. Министерот за одбрана Франц-Јозеф Јунг, пак, го критикуваше рускиот претседател Дмитри Медведев, дека на денот на изборот на Обама за претседател на САД најавил стационирање на руски ракети од краток дострел во Калининград.

„Тоа е погрешен сигнал во погрешен момент“, истакна Јунг. Тој меѓутоа се залага за продолжување на разговорите во рамките на Советот НАТО-Русија, кои беа замрзнати по војната во Грузија. Притоа би можеле веројатно да бидат надминати и разликите околу планираниот американски анти-ракетен штит.

Фотографија: AP GraphicsBank/DW

Нов стратегиски концепт за Алијансата

Јунг смета дека околу анти-ракетниот штит прво треба да се дојде до заедничка позиција во рамките на НАТО, зашто Европа не смее да се подели околу ова прашање.

„И второ, доколку е можно, треба да постигнеме консензус и во рамките на Советот НАТО-Русија“, порача Јунг.

Наредната година НАТО ќе го прослави својот 60-ти роденден и тоа не треба да го направи со 10 години стар стратегиски концепт, смета канцеларката Меркел.

„Затоа е важно, на наредниот Самит да дадеме задача да се изработи нов стратегиски концепт, кој ќе ни обезбеди јасна позиција за 21-от век и за тоа кои се идните задачи на НАТО“, истакна германската канцеларка.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми