1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На НАТО му треба нова стратегија за Русија

Н. Гебел / Б. Георгиевски13 март 2014

Шпионски летови и повеќе заеднички вежби во централна Европа треба да ги уверат земјите-членки на Алијансата во регионот. Критичарите велат дека кризата во Украина покажува оти на НАТО му е потребна нова стратегија.

Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

На неодамнешната средба со украинскиот премиер Арсениј Јацењук, генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен го нарече конфликтот „најголема закана за европската безбедност од крајот на Студената војна“. Иако не е членка, Украина може да биде сигурна во поддршката на НАТО“, вели Расмусен.

„Украина ќе се најде во средината на битката меѓу Русија од една и Западот од друга страна. Тоа може да стане многу непријатно“, вели Дмитриј Тренин од Карнеги центарот во Москва за ДВ.

Но, досега, НАТО организираше заедничка воена вежба со Романија и Бугарија во Црното море, испрати ловци во базите во Литванија и Полска, и Авакси кои го надгледуваат небото над Полска и Романија.

Дали е НАТО подготвен?

„НАТО мора да ја покаже својата сила за да ги убеди своите членки дека сѐ уште функционира“, вели Волфганг Целнер од Центарот за истражување на мирот и безбедноста на Универзитетот во Хамбург. Но, додава тој, НАТО не може да стори многу во однос на Украина, Русија и Крим, затоа што не сака да ризикува војна со Русија. Тренин, пак, смета дека Украина ќе остане нестабилна во догледно време, а таквата состојба може да го запали светлото на Студената војна, која овојпат нема да ја карактеризира „статична воена конфронтација“ или идеолошка битка, туку борба во областа на „економијата, човековите права, инфомациите“.

Арсениј Јацењук и Андерс Фог РасмусенФотографија: picture-alliance/dpa

И покрај тоа што никој не очекува враќање на Железната завеса, односите меѓу Русија и НАТО ќе имаат влијание и врз други конфликти и треба да бидат реконфигурирани. Голема задача, за која НАТО и не е многу подготвен, смета Жил Мерит од бриселскиот тинк-тенк Безбедносна и одбранбена агенда.

„По крајот на Студената војна, Западот погрешно ги отпиша Русите, затоа што преовладуваше чувството „ние победивме во Студената војна. Имаше речиси ритуално понижување на Русите. Овој триумфализам беше многу штетен, и јас мислам дека рускиот народ никогаш не му прости на Западот поради тоа“, вели Мерит. НАТО, ЕУ и САД од средината на 90. години воопшто и немаат дипломатска стратегија кога е во прашање Русија, дополнува тој.

Ноншалантноста на Алијансата

Тренин вели дека стратегија постои, и дека Русија не била запоставена, туку едноставно на неа било гледано како на „помлад партнер“ за кој се очекувало да се „приспособи на новата реалност и да ја прифати улогата на НАТО“. НАТО го нарекуваше овој пристап „партнерство и соработка“, но тој не ја исполни својата задача. Уште од раните 90. години, Борис Јелцин, Владимир Путин и Дмириј Медведев бараа да се приклучат кон западниот систем, но Западот ги одбиваше. Овој ноншалантен однос, сега ја прогонува Алијансата, вели Џонатан Ејал од британскиот Кралски Институт. Околу 40 проценти од членките на НАТО се од поранешните членки на Варшавскиот пакт, и доколку НАТО не одговори на нивните безбедносни стравувања, ќе стане ирелевантен.

Борис Јелцин и Хелмут КолФотографија: picture-alliance/dpa

„На источните Европејци им беше кажувано да не бидат толку опсесивни во гледањето непријател во Русија. Сега нивните стравувања се покажуваат точни и НАТО ќе мора да отвори повеќе бази во Источна Европа“, вели Ејал. Целнер се согласува дека буџетот за одбрана во земјите-членки на НАТО ќе мора да се зголеми, бидејќи за земји како Полска и Балтичките земји поддршката во случај на конфликт е од огромно значење.

„Мислам дека најголемиот губитник од кризата во Украина ќе биде Русија, бидејќи ќе го постигне она што очајнички се обидуваше да го избегне, а тоа е да го добие НАТО директно на своите граници“, вели Целнер.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми