На повидок вистинско новинарство
16 мај 2014
За идните членови на редакцијата на „Краутрепортер“, онлајн-новинарството веќе подолго време е колабирано. За бројни медиуми, бројот на посетите е поважен отколку издржаните истражувачки приказни. Светот се објаснува преку вонредни вести.
„Не сакаме повеќе да чекаме големите новинарски куќи конечно да соберат храброст и на интернет да овозможат вистинско новинарство. Веќе со години со голем ангажман работиме за етаблирани медиуми. И уверени сме дека сега дојде време за нешто ново“, се наведува на интернет-страницата на Краутрепортерите. Се работи за група германски новинари кои во иднина планираат да нудат сериозни и темелно истражени теми. Меѓу нив има и бројни познати имиња од германската медиумска сцена.
Ваквиот проект има и висока цена. Краутрепортерите не кријат дека само за првата година работа ќе им бидат потребни околу 900 илјади евра. Од тие пари би се плаќале и новинарите- во просек меѓу 2.000 и 2.500 евра месечно со обврска да објавуваат најмалку по една приказна месечно. Парите би требало да се соберат од претплатниците, околу 15 илјади кои би плаќале по 60 евра годишно.
Идејата потекнува од Холандија. Таму веќе една година многу успешно функционира „Де Коресподентен“ со околу 60 илјади претплатници. Само тие имаат пристап до текстовите. Во Германија тоа би било поинаку- пристапот би бил отворен за сите.
Сето тоа на прв поглед звучи добро и ветувачки. Но, веќе сега можат да се слушнат остри критики и тоа од колеги- новинари. Некои го критикуваат општиот изглед на страницата, односно начинот на претставување на проектите кој го сметаат за сувопарен. Други пак наведуваат дека всушност не постојат никакви информации за тоа што воопшто читателите можат да очекуваат од Краутрепортери (самото име потекнува од Велика Британија каде Германците погрдно ги нарекуваат 'краутс' или 'зелкари' - народ кој првенство се храни со зелка, од краут што на германски значи зелка).
Голема самодоверба, малку жени
Критиките одат и во насока на наводно „преголемата самодоверба по прашањето на квалитетот на текстовите на самите новинари“, иако не е јасно по што оваа група новинари ќе се разликува од другите во однос на истражувањата. Блогерот Феликс Швенцел го критикуваше проектот и поради тоа што во него има многу малку жени. Од 25 новинари, само 6 се жени.
На оваа критика од Краутрепортери веќе одговорија и се извинија. „Моравме подобро да внимаваме на рамнотежата во редакцијата. Тоа во иднина нема да се повтори. Кога проектот ќе тргне со реализацијата и со проширувањето на редакцијата, ќе водиме сметка и за тоа“, се вели на нивната интернет-страница.
Но и покрај критиките, Краутрепортери веќе привлекоа бројни читатели. Во нивниот фонд досега уплатиле три илјади претплатници. Доколку се оди според планот, првото издание треба да биде објавено во септември годинава.