1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На повидок ЕУ со две брзини

Барбара Везел
4 март 2017

ЕУ размислува за својата иднина - и тоа не само поради Брегзит, туку и поради тоа што исчезнува заедништвото меѓу земјите членки. Изгледа дека некои од нив ќе поминат полошо од други - и тоа со право, смета Барбара Везел

Belgien | EU-Kommissionspräsident Jucker stellt neues Weißpapier vor
Фотографија: REUTERS/Y. Herman

„Ние никогаш нема да се согласиме ЕУ да се подели, бидејќи тоа е најлесен начин таа да ослабе“, се слушаше на состанокот на Вишеградската група во Варшава. Едноставно човек да не верува, бидејќи владите во Полска, Унгарија и Чешка, но во дел и во Словачка, веќе некое време ја ставаа под прашање европската соработка и солидарност. Да се потсетиме на антиевропските изјави на Виктор Орбан и на оние против Брисел од страна на полската владеачка партија Право и правда (ПиС).

Што се случи? Зошто сега тие пеат поинаква песна?

Предлози за иднината на Европа

Причина за тоа е актуелната расправа за новиот поредок во Европа. Таа не се води само поради Брегзит, туку и поради растечката неспособност во Унијата да се изнајде компромис. Политиката за бегалците е само еден пример: група источноевропски земји со месеци блокираа каков било смислен напредок.

Меѓутоа, фрустрацијата е уште поголема. Популистичките движења во многу земји членки, ја карактеризираат ЕУ како извор на сето зло, на кои националните влади не се спротивставуваат сериозно. Ним им е поедноставно Брисел да биде постојан виновник за сѐ. Италија нуди навистина лош пример: сопствената неспособност за реформи се продава како последица на фиктивното штедење во ЕУ. Бепе Грило може на Италијанците да им зборува дека за лошата состојба на економијата во земјата е виновна ЕУ - и никој не му противречи.

Барбара Везел

Шефот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, на оваа бедна состојба на Унијата одговори со пет предлози за иднината: Тие се движат од „одиме натаму како ништо да не се случило“ преку курсот на намалување кон „ЕУ лајт со сопствен пазар“ до „ЕУ со коалиција на волните“. Овие идеи се дизајнирани да ја насочат дебата за иднината на Европа и наскоро да доведат до резултат.

Меркел веќе донесе одлука

Оние кои ги следеа неодамнешните настапи на германската канцеларка знаат во која насока се оди: таа повеќепати зборуваше за Европа со „различни брзини“. Овој израз означува идеја за група земји кои се јадрото на ЕУ и кои сакаат потесна соработка. На работ остануваат земјите кои не сакаат во сѐ да учествуваат.

Меѓутоа, секој во Берлин и во Брисел остро негира дека со тоа би се создал систем на две класи во ЕУ. Ангела Меркел во повеќе наврати истакна оти сите се повикани да учествуваат. Меѓутоа, земјите во Европа всушност се соочуваат со избор: или поблиска соработка во областа на одбраната, финансиската политика, даноците и.т.н., или живот во последните клупи во ЕУ. Европа изгледа дојде до точка од која поинаку веќе не оди.

Некои се уплашени

Одеднаш се будни оние кои ЕУ досега ја сметаа за своја главна каса, каде подигаат милијарди за сопствениот државен буџет. Еден бугарски весник заклучува дека во таква ЕУ со јадро, другите земјите ќе завршат поразени на работ на таквата заедница. И во полските медиуми со непријатност се констатира оти европскиот воз би можел да ја напушти станицата, не чекајќи ја Полска.

Многу земји членки придонесоа за проблемите во ЕУ. Малку кој е без мана, меѓутоа придонесот на некои беше посебно деструктивен - се однесуваа како злобни тинејџери кои сакаат да го уништат родителскиот дом. Веќе на крајот на месецов во Рим ќе бидат поставени првите насоки за курсот на реформи во ЕУ. И некои наскоро би можеле да се најдат пред врата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми