1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Во игра две опции за матура 

ДТЗ
12 февруари 2021

Да се полагаат само два екстерни предмети, а за интерните да се впише просечна оценка или да се полагаат два екстерни предмета и два интерни, но во скратен обем.

Nord-Mazedonien Skopje | Schüler Proteste gegen online Unterricht
Фотографија: DW/P. Stonajovski

Ќе се постигне ли компромис за полагање на државната матура, откако барањата на матурантите, кои ја бојкотираа наставата, се доставени до пратениците во Собранието? Откако средношколците побараа државната матура, поради пандемијата, да не се полага како досега, на маса се најдоа две опции за решавање на проблемот. Првата опција е, од предвидените четири предмети, да полагаат само два екстерни, додека за интерните предмети да им биде впишана просечната оценка од четиригодишното школување. Другата опција, пак, е да се полагаат два екстерни предмети и два интерни, но во скратен обем. За Сојузот на средношколците е прифатлива првата опција, но конечна одлука ќе донесат по состанокот со членството. На оваа тема денеска се одржа јавна дебата, во Собранието, на која учествуваа претставници на Сојузот на средношколци, Државниот испитен центар, Министерството за образование и наука и пратеници, кои дискутираа за можните решенија за државната матура, откако матурантите повеќе од две недели ја бојкотираа наставата.

Две варијанти

Парламентарниот клуб на младински политики на денешната дебата предложи две варијанти на полагање, за кои не се потребни законски измени.  „На средношколците им се понудени две решенија за државната матура - да полагаат два екстерни испита, а за интерните да добијат просечна оценка од четирите години во средно образование или да ги полагаат предметите по скратени програми“, вели пратеничката Моника Зајкова од ЛДП. Според неа, скратувањето произлегува од претходно скратената настава поради ковид-кризата, неможноста соодветно да се следат предавањата и, како што тврдат средношколците, поради оскудните техничките услови.

-повеќе на темата: Средношколците притискаат за матурата, МОН не попушта

Двете предлог решенија за државната матура ќе бидат испратени во писмена форма до Министерството за образование и наука и до Владата од каде, Зајкова се надева на позитивен одговор. Според Зајкова, ова е пример за компромисно решавање на општествените проблеми и дека низ дебатата се наметнало оптимално решение за кое се надева дека ќе биде прифатливо за учениците, за Сојузот на средношколците, за МОН и за Владата. 

Матурантите на потег

За Сојузот на средношколците е прифатлива првата опција, но конечна одлука допрва ќе треба да биде донесена. Претседателот на Сојузот на средношколците Бленди Ходаи повикува на компромис за да се стави крај на образовниот хаос кој започна на 20 јануари. „Утре треба да ги разгледаме понудените опции и да одлучиме што ќе правиме. Еден од предлозите е да имаме два екстерни предмети и два интерни предмети. Вториот предлог е да се полагаат четири предмети по скратена програма. Уште не знаеме што ќе правиме. Наше барање е да полагаме само два екстерни предмети, а од другите два предмети да се извади просек од оценките што сме ги имале во свидетелствата“, вели Ходаи.

-повеќе на темата: И политиката се вклучи во средношколскиот бунт

Ако не биде постигнат компромис, тој најавува нови протести и блокирање на наставата. „Од понеделникот го прекинавме бојкотот, но од податоците што ги имаме, во период од 15 дена и од вкупно 15 илјади матуранти, 12 илјади ја бојкотираа наставата. За неоправдани изостаноци нема зошто да се плашиме, бидејќи над 51 отсто од вкупниот број матуранти ја бојкотираа наставата и затоа не може да се напишат неоправдани“, вели Ходаи. Ваквата изјава следи откако надлежните неодамна најавија дека матурантите коишто ја бојкотираа наставата ќе треба да ги надополнат изгубените часови.

Матурантите изминатиов период ја бојкотираа наставата барајќи да се намалат предметите за полагање на матура од четири на два - мајчин јазик и предмет по избор од областа во која матурантот планира да ги продолжи студиите. Тие на 8 февруари по две недели привремено го прекинаа бојкотот. Им дадоа рок на пратениците до крајот на месецот да ги усвојат нивните барања, откако во Собранието беше доставен предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за средно образование. Неделава тие остварија и средба со премиерот Зоран Заев на која разговараа за измени на концептот на државната матура. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми