На самитот на НАТО и министрите од БиХ, Македонија и Црна Гора
11 мај 2012На самитот на лидерите на НАТО во Чикаго на 20. и 21. мај ќе присуствуваат и шефовите на дипломатии на Македонија, БиХ и Црна Гора и ќе учествуваат во расправата за клучни теми како партнерската соработка и операциите во Авганистан, но нема да стане збор за проширување на Алијансата.
Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен на прес-конференција денеска соопшти дека поканата до министрите од овие три земји е со цел да им се оддаде признание на партнерски држави кои придонесуваат во операциите на НАТО во светот.
Расмусен уште претходно јасно стави до знаење дека на самитот нема да стане збор за можен прием на нови членки, иако „политиката на отворени врати“ останува и за неа ќе се дискутира на собирот на лидерите.
Претходно и САД потврдија дека проширувањето нема да биде тема на самитот во Чикаго.
Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Филип Гордон, вчера во Сенатот соопшти дека сите членки на НАТО не гледаат со ентузијазам на проширувањето.
„Македонија ги исполни клучните критериуми неопходни за членство и учествува во регионалната и глобална безбедност. САД целосно го поддржуваат процесот во ОН под покривителство на посредникот Нимиц. Вклучени сме во процесот и ги повикуваме Македонија и Грција да најдат взаемно прифатливо решение за името, со цел да се исполни одлуката од самитот во Букурешт и да и` се понуди членство на Македонија“, рече Филип Гордон.