1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Сиријците им се заканува глад

Керстин Книп/ А.Трајковска8 декември 2014

Светската програма за храна алармира: Донациите за сириските бегалци не се доволни ниту за до крајот на декември. Ова е хуманитарна пропаст и безбедносно-политички предизвик.

Фотографија: Getty Images/K. Cucel

Триипол години по почетокот на кризата во Сирија, населението на земјата прво го загуби вниманието на светската јавност, а потоа и неговата наклонетост. Неодамна Светската програма за храна на ОН (World Food Programme, WFP) објави дека мора да ја прекине помошта за сириските бегалци. На организацијата и‘ недостигаат 64 милиони американски долари. Толку пари се потребни за луѓето да се прехранат барем во декември. Меѓутоа пари нема: Повеќе земји донатори дадоа ветувања, но досега не ги исполниле истите.

Досега програмата за храна на ОН можеше да поддржува скоро два од вкупно триипол милиони сириски бегалци во соседните држави. Од сега, објави портпаролката на оваа организација Абер Етефа, може да се згрижат само уште 200.000 најзагрозени бегалци. Со ова на многумина Сиријци им се заканува гладување. „Нашите прехранбени средства се доволни за до јануари“, појаснува Етефа.

Цинична медиумска стратегија

Исто и надвор од земјата сириското цивилно население стана заложник на војната, за која не е одговорно. Во рамки на границите на Сирија на населението му се закануваат две сили: од една страна армијата на режимот на Башар ал Асад, која во последните месеци од хиликоптери сееше бомби над градовите, од друга страна се терористичките групи како Исламска држава. Тие безмилосно им се спротивставуваат на сите кои не им се потчинуваат.

Со спектакуларни акции од медиумско-стратешка перспектива, како обезглавување на заложници, Исламската држава го привлече вниманието на светот. На режимот на Асад тоа му дава можност на меѓународаната заедница да и‘ се препорача како сојузник во борбата против ИД. Светската заедница сѐ уште се колеба дали да ја прифати подадената рака. Видеата со обезглавување на западни заложници го зголемуваат притисокот: Во ИД и нејзините потенцијални приврзаници во Европа многумина западни граѓани гледаат поголема опасност отколку во режимот на Асад.

Бегалци од Кобане во турско-сиријскиот граничен регионФотографија: DW/K. Sheikho

Гладот како оружје

Сега по медиумскиот пресврт би можел да следува и политички. Ако светската програма за исхрана нема да може повеќе да го прехранува цивилното население и секуларно насочените противници на Асад ќе бидат под притисок. Ако на сириските цивили им се заканува глад, за борците се зголемува притисокот, да го замолчат оружјето и конечно да го завршат конфликтот. Условите за тоа во ваков случај би ги диктирал само режимот на Асад. Меѓутоа во последните триипол години кај овој режим не може да се препознае дека во неговите пресметки ги зема во предвид и потребите на луѓето. Затоа гладот делува како натамошно оружје на режимот.

На ред се финансиски силните држави

По триипол години војна во делови на меѓународната заедница очигледно недостасуваат сила и волја натамошно да ги поддржуваат Сиријците. За тоа има различни причини, вели Луизе Амтсберг од партијата на Зелените, член на одборот за човекови права и хуманитарна помош во германскиот Бундестаг. Некои земји едноставно немаат средства, другите поради внатрешно-политички размислувања се откажуваат да го префрлат својот придонес.

Дотолку повеќе на ред се финансиски силните држави. Да се ангажираат е и во сопствен интерес. Имено крајот на помошта од Светската програма за храна е хуманитарен, но и безбедносно-политички проблем. Намалувањето на донациите ги става под притисок и соседите на Сирија, од кои некои имаат примено преку еден милион бегалци. „Во Либан се покажува колку е преоптоварена државата со бегалската ситуација. Ние Европејците не можеме да имаме интерес во тоа уште и оваа држава да стане кризно жариште“, вели Амтсберг.

Моќта на сликите

Комплексноста на војната во Сирија е товар и за голем број германски хуманитарни организации. Многуте, често променливи фронтови ја закочија подготвеноста за донации на Германците. Така на пример „Deutschland hilft e.V.“, сојуз на германски хуманитарни организации во изминатите месеци за Сирија доби донации од 1,26 милиони евра. Во истиот период за Ирак биле собрани 10 милиони евра. Индиректно и без да сака за тоа придонесе и Исламската држава. „Драматичните слики од Северен Ирак ги анимираа Германците на големи донации“, вели Бирте Штајгерт, референт за печат во „Deutschland hilft e.V.".

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми