1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

На сиромашните земји им се заканува банкрот

Сабрина Кеслер
29 јуни 2022

Прво короната, потоа инфлацијата, а сега растат каматните стапки. Многу сиромашни земји се соочуваат со банкрот. Светска банка сака да го спречи најлошото и предупредува на глобални последици.

Indien - Kampf für den Traum
Фотографија: Satyajit Shaw/DW

Јагату Гунасени губи надеж. Секој ден ги испраќа сопругата и синот да купат бензин за нивниот штанд за брза храна во Коломбо, главниот град на Шри Ланка, а тие речиси секој ден се враќаат со празни раце. Снабдувањето со гас е при крај. 

„Ако ништо друго, имаме остатоци од штандот за јадење. Не знам како другите готват и како врзуваат крај со крај“, изјави Гунасен за Блумберг.

Додека западниот свет се жали на економски грижи и стравувања од рецесија, Шри Ланка веќе се соочи со тоа: 23 милиони луѓе се борат со најтешката економска криза од 1948 година, откако земјата стекна независност од Велика Британија. Шри Ланка со месеци не може да ги отплати долговите во странство, а островската држава прогласи неликвидност во мај.

Стечајот им донесе огромни проблеми на жителите. Има недостиг на храна и бензин, а недостигаат и лекови во некои делови од државата. Фрустрацијата се рефлектира и во насилните демонстрации на улиците, што дополнително ја дестабилизира и онака нестабилната влада.

„Апсолутна катастрофа“ 

Расте загриженоста дека немирите ќе се прошират надвор од границите на земјата. Шри Ланка не е единствената земја која се бори со неликвидност. Комбинацијата на економски шокови и монетарно порамнување „ќе принуди голем број земји со низок бруто домашен производ да ги реструктуираат своите долгови“, вели американскиот економист Џон Липски, кој со години има високи позиции во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). „Тоа е апсолутна катастрофа и во тој правец одиме“. 

Според Светска банка, 60 отсто од најсиромашните земји во светот моментално се во должничка криза или им се заканува нешто такво. Земјите како Пакистан, Тунис, Етиопија, Ел Салвадор и Гана се дури и во опасност од банкрот. 

Експертите предупредуваат дека доколку се зголеми бројот на несолвентните земји, тоа ќе има глобални последици. „Ризикот од голема должничка криза со можен домино ефект е поголем денес отколку за време на пандемијата со Ковид -19“, предупреди Ребека Гринспан, генерален секретар на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (UNCTAD), пред неколку недели. 

Демонстранти во Шри ЛанкаФотографија: Dinuka Liyanawatte/REUTERS

Би било наивно да се тврди дека погодените земји не се делумно виновни за ваквата тешка ситуација. Во Шри Ланка, на пример, „отровен коктел“ кој се состои од лошо владеење, корупција и агресивни даночни намалувања од страна на браќата Готабај и Махинда Рајапакса, доведе до економска парализа. Махинда Рајапакса поднесе оставка од функцијата премиер на почетокот на мај по насилните протести, а неговиот брат остана претседател. 

Прво корона, па инфлација 

Нивниот стил на владеење ја доведе земјата до колапс. Поради даночните олеснувања се отвори огромна дупка во државниот буџет, а таа со корона кризата сè подлабоко ги голташе парите на даночните обврзници. Пандемијата го уништи најважниот извор на приход на Шри Ланка - туризмот. На ова треба да се додаде и поскапувањето на енергијата и храната, што е резултат на војната во Украина.

Фактот дека инфлацијата влијае на тој дел од светот многу повеќе отколку на Западот се припишува на силниот долар. Рекордната вредност на таа водечка светска валута е огромен товар за многу сиромашни земји, оние кои најмногу ја плаќаат енергијата, лековите и храната во долари.

Во многу африкански земји, луѓето трошат до 40 отсто од својот приход само на храна и пијалоци, што е двојно повеќе отколку во индустријализираните земји. Зголемувањето на цените не води само до празни паричници, туку и до глад.

Владите, од друга страна, првенствено се борат со огромен долг. Светска банка проценува дека 75-те најсиромашни земји во светот до крајот на годината ќе треба да отплатат околу 35 милијарди долари. На крајот на 2021 година истече мораториумот на долговите одобрени од земјите од Г20 по корона-кризата.

Зголемувањето на каматните стапки ги влошува проблемите

Должничката криза се влошува со повлекувањето на многу индустриски земји од „ултра лабавата“ монетарна политика на ниски каматни стапки. До пред само неколку месеци, земјите како Пакистан имаа корист од екстремно ниските каматни стапки во развиените и побогатите земји, но сега, кога многумина ѝ „објавуваат војна“ на инфлацијата, каматните стапки ширум светот растат.

Федералните резерви на САД ја зголемија основната каматна стапка за 75 поени - што не се случило во последните 30 години. Многу земји не можат да си дозволат ново задолжување за рефинансирање на старите долгови. Дури и земји како Египет, Виетнам, Турција или Филипините сега запаѓаат во тешкотии. „Должничката криза, која досега беше ограничена на земји со низок БДП, се шири и во земјите со среден БДП“, предупредува Светска банка во својот извештај.

Според Џеј Њуман, менаџер на хеџ-фонд, кинеската влада исто така одиграла голема улога во финансискиот колапс на земјите во развој. „Кина ги намами Шри Ланка и другите сиромашни земји во стапицата давајќи им дарежливи заеми“, напиша Њуман во авторска статија за „Фајненшл тајмс“. „Кина ја убеди Шри Ланка да финансира скапи и економски неоправдани проекти со позајмен капитал, а поради ненамирениот долг, Кина сега има 'камшик во раката'. Затоа, со нивното „Партнерство за глобална инфраструктура“ – проект вреден околу 600 милијарди долари – земјите од Г7 сакаат да воспостават противтежа на кинескиот „Нов пат на свилата“.

Инвеститорите повлекуваат пари

Како резултат на тоа, многу инвеститори кои претходно добро заработуваа и профитираа на финансиските пазари на брзорастечките земји, сега бараат да се ослободат од тие влогови. Со години ги мамеше аргументот дека таквите земји имаат повисок економски раст од големите индустриски развиени земји, но тоа веќе не е така.

Според истражувачката компанија „ЕРФР Глобал“, со седиште во Бостон, инвеститорите веќе повлекле повеќе од 40 милијарди долари во акции од финансиските пазари на брзорастечките земји оваа година. Во истиот период лани приливот на средства надмина 50 милијарди долари.

Сепак, за разлика од претходните должнички кризи, одливот на капитал не влијае само на професионалните инвеститори. Милиони мали инвеститори сега вложуваат на пазарите преку индексни фондови, таканаречени ЕТФ.

Ветувањето на Светска банка

За да се стабилизираат земјите како Шри Ланка и да се спречи ширењето и прелевањето на кризата, Светската банка вети дека ќе одвои 170 милијарди долари. Тоа е најголемата спасувачка програма во историјата на таа институција, по својот обем дури и поголема од финансиската помош за борба против пандемијата.

„Треба да се погрижиме овие пари и помош да стигнат до најсиромашните од сиромашните, бидејќи тие се најпогодени од оваа криза“, рече за Шпигел Пајкијасоти Сараванамуту, директор на Центарот за алтернативна политика (ЦПА) во Шри Ланка. И додава: „Ќе поминат околу три до шест години пред да можеме повторно да кажеме дека има некаква нормалност“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми