1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Србите тешко им паѓа зборот „геноцид“

12 јули 2011

На денот кога во Меморијалниот центар Поточари, во близина на Сребреница, мирот го најдоа 600 жртви од геноцидот, само еден месец по апсењето на Ратко Младиќ, медиумите во Србија ја ингорираат или маргинализираат темата.

Фотографија: picture alliance / dpa

Медиумите во Србија ја третираа годишнината од геноцидот во Сребреница само како уште една вест од светот. Оние медиуми, кои сепак му посветија внимание на злосторството, во кое српските сили пред 16 години убија над осум илјади Бошњаци во Сребреница, сложно ја следат формулата, според која зборот „геноцид“ се заменува со „злосторство“, како што стои и во декларацијата, што минатата година беше усвоена од српскиот парламент.

Електронските медиуми како РТС и Б92 ја ставија информацијата за годишнината од масакрот меѓу ударните вести. Уредникот на српскиот неделник „Време“, Дејан Анастасијевиќ, нагласува дека секој медиум различно ја третира Сребреница. „Кај повеќето од нив таа се наоѓа меѓу темите од останатите делови на светот, нешто што Србија не ја погодува многу сериозно“, нагласува Анастасијевиќ.

Тој сепак нагласува дека во последните години многу работи се промениле на подобро, бидејќи до неодамна воопшто не се ни говорело за случувањата во Сребреница. Напредокот, меѓу другото, се гледа и во тоа што српскиот претседател Борис Тадиќ бил во Сребреница, а пред само неколку денa го посетил Сараево. „Тадиќ и во неделата (10.07.) рече дека злосторниците одговорни за Сребреница мора да се најдат зад решетки“, нагласува Анастасијевиќ.

Фотографија: picture alliance / dpa

Геноцидот мора да се именува како таков

И ако електронските медиуми и` посветија мало внимание на годишнината од геноцидот во Сребреница, печатените речиси и да не ја споменаа. Наместо тоа, простор им дадоа на проблемите со кои се соочуваат Србите во дијаспората.

Очигледно зборот „геноцид“ тешко им паѓа на луѓето, вели Анастасијевиќ. „Тоа не е резултат на притисок одозгора, туку мислам дека поголемиот дел од населението не може да поверува колку е страшно тоа што се случило. Треба да поминат уште неколку години, додека јавното мислење околу тој настан потполно се смени“, нагласува уредникот на неделниот весник „Време.“

Истиот проблем го согледува и Борка Павиќевиќ, директорка на Центарот за културна деконтаминација. Таа додава дека доколку геноцидот не се именува како таков, тогаш постои опасност од миноризирање и на другите злосторства. „Многу е битно да излезете на крај со стореното злосторство. Ако имате геноцид, а не го именувате, тогаш во однос на тоа се намалуваат и секојдневите злосторства, кои не изгледаат така страшно“, нагласува Павиќевиќ.

Aвтор: Жарка Радоја/Трајче Тосев

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми