1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На српско-хрватската граница се тискаат бегалци

Вук Тешија
6 октомври 2016

Бегалците не доаѓаат во бранови, туку пристигнуваат „капка по капка“, зависно од тоа како и каде ќе можат да се протнат меѓу оградите и границите.

Serbien - Flüchtlinge auf Balkanroute, Aufenthaltszentrum in Sid,
Фотографија: DW/V. Tesija

Бранот бегалци од исток, од кој стравува цела Европа, (сѐ уште) не почнал. Стотици илјади луѓе се запрени во Турција и работа на „високата“ политика е како и кога тој проблем ќе се реши. Но, на локално ниво, наспроти оградите кои никнуваат на речиси сите источноевропски граници, проблемот сѐ уште е актуелен.

Во Бугарија има над 10.000 мигранти кои успеале да влезат во зоната на ЕУ од Турција, а не можат преку Дунав да дојдат во Романија. Неретко се дават во обид да ја преминат реката. Полека преминуваат илегално во Србија, каде во моментов има околу 5.500 бегалци. Колкумина се „во шумите“ никој не знае. Унгарија крена ограда долж границата со Србија, Романија и делумно со Хрватска и преминот на таа страна е речиси невозможен. Сите се надеваат на премин преку хрватската граница, но ни тоа веќе не е едноставно.

Полето ќе се надгледува со камери, сензори и радариФотографија: DW/B. Wesel

Ни птица не може да прелета незабележано

Иако нема ниту ограда ниту жица, постојат камери - инфрацрвени и термокамери, хеликоптери надлетуваат над рамнината која по жетвата е главно бришан простор, а на секој локален пат и полски пат дежураат полициски патроли. Тешко дека може и птица да помине, а камоли човек...

Освен тоа, Министерството за внатрешни работи распиша тендер „тежок“ 50 милиони куни за набавка на систем за заштита на државната граница, кој ќе биде поставен така што навистина никој да не може да помине незабележано. Тој ќе се состои од најмодерни камери, сензори и радари, а компјутерски ќе биде под надзор на центрите сместени во полициските станици. Со други зборови, целиот надзор ќе го врши техниката, а полицајците ќе интервенираат по потреба.

Иако доаѓањето од исток е колку-толку спречено, Хрватска има уште неколку проблеми. Првиот проблем е капацитетот за сместување бегалци. Центрите во Кутина и Порин кај Загреб се преполни, луѓето спијат по ходници, а спортската сала е пренаменета во просторија за спиење. Вториот проблем е што Хрватска ќе се соочи со уште еден бран бегалци, но овојпат од ЕУ. Имено, Хрватска е потписничка на Даблинскиот договор, според кој ќе ѝ бидат вратени сите мигранти кои на територија на ЕУ првпат се регистрирани во Хрватска, а кои не добиле азил во некоја од државите кои им биле цел. 

Како што се дознава од Министерството за внатрешни работи, од почетокот на годината до 28 септември 2016-та, Хрватска примила вкупно 3535 барања за повторно преземање и барања за преземање одговорност. Хрватска нема капацитет за сместување толкав број луѓе, но од Министерството велат дека нема причина за загриженост, затоа што главно се враќаат многу помал број луѓе отколку што има барања. „Најчесто не се успева во организацијата во пропишаните рокови, затоа што лицата кои треба да се вратат имаат можност за правен лек против таквата одлука, а некои бараат и различни начини за да го одложат или избегнат трансферот, со тоа што најчесто бегаат и се кријат“, велат од хрватското МВР.

„Ни на небо ни на земја“

И додека Хрватска не знае што да прави со бегалците кои треба да ги прими од ЕУ, во Србија сѐ повеќе се полнат центрите за бегалци долж границата со Хрватска. Според проценките, на хрватската граница „чекаат“ околу 1400 бегалци. Во Шид има три центри, а оној во центарот на градот, кај железничката станица, во моментов згрижува околу 400 мигранти. Полицијата и вработените се обидуваат да ги одржат работите под контрола, што понекогаш е многу тешко. Треба да се поделат три оброци дневно, да се одржува ред, да се пружи лекарска нега и да се спречат секојдневните тепачки меѓу луѓето кои се на работ на нервите, егзистенцијата и надежта.

Во центарот на Шид тие 400 деца, жени и мажи имаат слобода на движење и само тие три оброци дневно и ригорозниот надзор ги држат таму каде што се. Факт е дека мнозинството од нив сака на Запад. Ретко кој побарал азил во Србија.

„Сѐ им е обезбедено, од храна до кревети. Имаат и соба со компјутери и скајп за да можат да стапат во контакт со своето семејство. Има лекарска нега, бремените жени се пораѓаат во болниците, а амбулантата во склоп на центарот завршува сѐ што може да се направи на лице место“, вели Нада Гертнер од српскиот Комесаријат за бегалци.

Местото наликува на своевиден лимб - луѓето не сакаат да бараат азил во Србија, не сакаат ниту да се вратат назад во татковината, а во Хрватска, односно натаму во ЕУ - не можат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми