Традиционалното турско гостопримство за бегалци важи само со ограничувања. На некои места веќе имало насилство против бегалци. За голем дел од 3,6 милиони Сиријци на Босфорот животот станува помалку пријатен.
Реклама
Сиријци, кои не се пријавени во Истанбул мора да го напуштат градот и да се вратат во провинцијата во која биле пријавени. Гувернерот за тоа има поставено рок до 20 август годинава. За 27-годишниот Мохамед веста е шок. Тој ужива т.н. преоден заштитен статус и веќе пет години живее и работи во Истанбул. Регистриран бил во Адана на југот на Турција, каде сега би требало да се врати.
„Тешко е сега да заминам во Адана. Немам работа, не познавам никого, жена ми има дозвола за престој за Истанбул, јас морам да бидам со неа тука. Истанбул ми е дома.", вели Мохамед. Во Истанбул е роден и неговиот тригодишен син. Мохамед е еден од околу половина милион Сиријци кои живеат во Истанбул без дозвола за престој. Во изминатите недели полицијата во рации фати голем број мигранти без регулиран престој. Нивниот број според информации на властите изнесува 15 илјади. Околу 2600 од нив се одведени во логори надвор од Истанбул, во провинциите во кои биле регистрирани при нивното доаѓање во Турција, вели министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу: „Нема да има протерувања на Сиријци кои имаат преоден заштитен статус. Само ги враќаме на местата на кои се регистрирани. "
Во Сирија протерувале само криминалци, вели Сојлу. Со сторувањето на кривично дело тие го губеле специјалниот статус. Сепак бегалци како Мохамед раскажуваат дека некои од нивните сограѓани биле уапсени и пратени во провинцијата Идлиб каде сеуште се водат борби. Озан Текин од пробегалската платформа Гечмениз вели дека и едниот и другиот се на некој начин во право. „Чувме дека некои Сиријци кои имаат преоден заштитен статус не се враќаат во провинџиите во кои се регистрирани, туку директно на сириска територија. Тука има и одредено самоволие, бидејќи некои власти престојот на Сириец во провинција во која не е пријавен исто така го третираат како казнен деликт." , вели Текин.
Многу Турци ги поздравуваат ваквите мерки против Сиријци. Колку повеќе се чувствуваат последиците од економската криза, толку погласни се критиките за бегалската политика. Предрасуди се шират дека Сиријците имале привилегирана положба. Мохамед и неговата фамилија може само да сонуваат за такво нешто. Наместо да студира како што посакувал, тој сега работи седум дена во неделата по 12 часа дневно во текстилна фабрика за 400 евра месечна плата. Голем дел од неа го дава за кирија. Пари од држвата не добиваат. Наместо тоа сега имаат и страв од неа, вели Мохамед. „Можно е полицијата да ни дојде дома и да ме уапси или да ме фатат кога одам на работа. Секое утро и велам на жена ми, ако денес не си дојдам веројатно сум во Идлиб, зашто немам дозвола за престој во Истанбул."
Без разлика дали Мохамед ќе биде фатен од полицијата или пак доброволно ќе замине во Адана, неговата фамилија барем на преодно време ќе биде разделена.
Озан Текин од платформата Гечмениз се надева дека тоа ќе биде спречено. „Не сум сигурен дали владата навистина ќе има храброст да го спроведе најавеното. Ќе има лоши ситуации. 450 илјади луѓе со лисици и едноставно да ги утоварите? ...ужасна престава. Мислам дека нема да се случи тоа."
Актуелно секој ден се појавуваат нови снимки на интернет од Сиријци кои се уапсени и се транспортираат во автобуси во непредвидлива иднина.
Бегалци кои го сменија светот
Новиот претседател на САД го ограничи влезот за бегалците во земјата. Многу поранешни бегалци станаа светски познати музичари, актери, политичари или научници.
Фотографија: imago/Thomas Bielefeld
Алберт Ајнштајн
Познат по неговата Теорија за релативноста, германскиот Eвреин, добитник на Нобелова награда, Алберт Ајнштајн, бил во посета на САД во 1933. година кога му станало јасно дека не може да се врати во нацистичка Германија. Во една прилика тој напишал дека се чувствува како „привилегиран од судбината“ што живеел во Принстон, но речиси бил „засрамен што живеел во таков мир, додека останатите страдале“.
Фотографија: Imago/United Archives International
Марлен Дитрих
Германската пејачка и глумица Марлен Дитрих веќе беше ѕвезда и живееше во САД, кога го доби американското државјанство во 1939. година и ѝ сврте грб на нацистичка Германија. Проминентната бегалка говореше против Хитлер и настапуваше за војската на САД за време на војната. Истовремено, нејзините филмови беа забранети во Германија. Но таа кажа: „Родена сум како Германка и засекогаш ќе бидам тоа.“
Фотографија: picture-alliance/dpa
Хенри Кисинџер
Професор на Харвард и авторитет во областа на меѓународните односи-Кисинџер беше 56-от државен секретар на САД и одигра клучна улога во обликувањето на надворешната политика. Во 1938. година, Хенри Кисинџер, роден во Баварија, избега од Германија за да не се соочи со прогон од нацистите. Чувствата кон татковината останаа исти: „Германија никогаш не престана да биде дел од мојот живот“, изјави тој.
Родена во денешна Република Чешка, Медлин Олбрајт и нејзиното семејство дојдоа во САД во 1948. година кога комунистите ја презедоа власта во нејзината татковина. Таа почна да се занимава со политика и стана највисоко рангираната жена во владата на САД: Медлин беше првата жена државен секретар на САД (1997-2001).
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Loeb
Џорџ Вајденфелд
Роден во Виена во 1919. година, лордот Џорџ Вајденфелд бил британски Евреин и издавач. Тој емигрирал во Лондон по анектирањето на Австрија од страна на нацистите. Бил соосновач на издавачка куќа и работел во кабинетот на првиот претседател на Израел. Го финансирал спасувањето на христијаните од Сирија и Ирак. „Не можам да го спасам светот... но имам долг за отплаќање“, се неговите зборови.
Фотографија: picture-alliance/dpa/N.Bachmann
Бела Барток
Унгарскиот композитор, виртуоз на пијано и колекционер на народна музика, Бела Барток, иако не бил Евреин, се спротивставил на подемот на нацизмот и прогонот на Евреите. Во 1940. година тој се преселил во САД. Тој еднаш изјавил: „Мојата главна идеја е братство на луѓето, над сите конфликти“.
Фотографија: Getty Images
Милош Форман
Иако веќе бил познат режисер во татковината, тој ѝ го свртел грбот на Чехословачка и се преселил во САД по Прашката пролет во 1968. година. Подоцна, Милош Форман режираше два меѓународно познати филмови, кои освоија Оскар.
Фотографија: picture-alliance/abaca/V. Dargent
Изабел Аљенде
Чилеанскиот претседател Салвадор Аљенде беше насилно симнат од власт со пучот од 1973. година. Ќерката на неговиот братучед, Изабел, избегала во Венецуела откако почнала да добива смртни закани. Таа подоцна се сели во САД. Нејзините романи се меѓународно признати класици на магичниот реализам, како „Куќата на духовите“ и „Ева Луна“.
Фотографија: Koen van Weel/AFP/Getty Images
Мириам Макеба
Мириам Макеба беше на турнеја во САД, кога властите во Јужноафриканската Република ѝ го поништија пасошот поради нејзино учество во кампањата против апартхејдот и подоцна ѝ забранија да се врати во државата. Нејзината песна „Пата пата“ беше светски хит во 1967. година. Легендарната пејачка живееше во САД и Гвинеја пред повторно да може да се врати во сопствената земја, една деценија подоцна.
Фотографија: Getty Images
Седечки бик
Лидерот на Сијуксите, Татанка Ијотаке – Седечки бик е еден од најпознатите поглавари на домородните Американци во историјата. Неколку години од животот ги поминал како бегалец во Канада, каде што заминал во 1877. година. Во 1881. година се враќа во САД, каде првично бил затворен, по што бил ослободен и вратен во резерват.
Фотографија: Imago/StockTrek Images
Невен Суботиќ
Како и неговиот колега, Ведад Ибишевиќ од Херта Берлин, играчот во Бундеслигата, Невен Суботиќ побегна од војната во БиХ како дете. Свесен за тешките животни услови, Суботиќ во 2012. година основа фондација за помош на луѓето во најсироманите делови на светот и пристап до чиста вода.