1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Турција ѝ се закануваат санкции и од САД и од ЕУ

БГ
10 јули 2019

Два одвоени конфликта со САД и со ЕУ се закануваат да ја стават Турција под санкции од Вашингтон и Брисел. САД се лути поради набавката на ракетни системи од Русија, додека ЕУ реагира на односот кон Кипар.

Belgien Trump und Erdogan beim NATO Gipfel
Фотографија: Reuters/T. Zenkovich

Турција е на праг сериозно да ги наруши односите со своите сојузници во САД и ЕУ, а се соочува и со санкции поради својата државна политика.

Турското МНР денеска ги повика САД да избегнат штетни чекори кои можат да ги нарушат билатералните односи, откако Стејт Департментот потврди дека на Анкара ѝ се закануваат „реални и негативни последици“ поради набавката на руските ракетни системи С-400.

„Ги повикуваме САД да избегнуваат погрешни чекори, кои ги исклучуваат дипломатијата и дијалогот, кои ќе им наштетат на односите“, изјави портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Хами Аксој.

По средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Осака, шефот на турската држава Реџеп Таип Ердоган соопшти дека САД не планираат да воведат санкции против неговата земја поради набавката на С-400 од Русија. Трамп рече дека Турција не била третирана фер, но не исклучи санкции.

САД сметаат дека системот С-400 не е компатибилен со одбранбената мрежа на НАТО и може да ги загрози ловците од типот Ф-35, кои Турција сака да ги купи од САД. На Турција ѝ се заканува исфрлање од програмата Ф-35 и други санкции доколку ја заклучи испораката од Русија. Вашингтон веќе го запре тренингот на турските пилоти во рамките на програмата Ф-35.

„Разгаленото дете на Европа“

Истовремено, Турција е под закана од санкции и од ЕУ, поради дупчењето за гас и нафта во водите во непосредна близина на Кипар. ЕУ дипломати денеска ќе разговараат за можните мерки, а конечната одлука треба да ја донесат министрите за надворешни работи на земјите-членки в понеделник.

Турскиот брод Јавуз трага по нафта и гас во водите околу КипарФотографија: Reuters/M. Sezer

Анкара денеска ги отфрли критиките од Грција и од ЕУ дека дупчењето во водите на Средоземното Море е нелегитимно, и оцени дека ЕУ не може да биде непристрасен медијатор во спорот околу Кипар. Во моментов, два турски брода започнаа со дупчење во водите во близина на островот. Кипар смета дека однесувањето на Турција е спротивно на меѓународното право.

Во јуни годинава, лидерите на ЕУ ја предупредија Турција да престане со дупчење во водите околу островот.

Турција, пак, тврди дека дел од приморската зона околу островот Кипар е под јурисдикција на кипарските Турци, чија држава е признаена само од Анкара.

Турција оценува дека Грција ја заслужува титулата „европско разгалено дете“ и дека Кипар со години, заедно со Атина, го прекршува меѓународното право и го турка источниот Медитеран кон нестабилност.

„Тоа што се членки на ЕУ не им дава за право да ги узурпираат легитимните права и интереси на кипарските Турци“, соопшти турското министерство за надворешни работи.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми