1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот со Софија: Отворена дебата на затворена седница!

18 јули 2017

Досега не се познати деталите од нацрт-договорот за добрососедство меѓу Софија и Скопје, освен дека ќе биде потпишан на официјалните јазици на двете земји. Неговото финализирање наиде на голема поддршка, но и на реакции

Bulgarien Mazedonien Zaev bei Borissow in Sofia
Фотографија: Reuters/S. Nenov

На затворена седница со почеток во 10 часот, денеска пред собраниската Комисија за надворешна политика ќе биде претставен Нацрт-договорот за добрососедство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија. Барањето за одржување на седница било упатено од Владата, а се очекува на неа да присуствува премиерот Зоран Заев.

По премиерската средба на 20-ти јуни во Софија,Зоран Заев и Бојко Борисов најавија потпишување на Договорот за добрососедство на 2-ри август во Македонија, како и заедничка прослава на Илинден. Од тогаш до денес, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги поставува истите прашања: што содржи Договорот, дали е симетричен или асиметричен и кога ќе биде презентиран пред македонската јавност? Ваквите прашања се интензивираа откако министрите за надворешни работи од двете земји, Никола Димитров и Екатерина Захариева, минатата недела го усогласија текстот на нацрт-договорот.

„Постигнавме компромис за текстот. Потпишувањето на договорот за добрососедство ќе ја зголеми довербата меѓу нас, ќе покаже дека сме сериозни и дека сакаме да создаваме пријателства во регионот“, изјави шефот на македонската дипломатија во интервју за Ројтерс.

Минатата недела, при презентирањето на реформскиот план „3-6-9“ пред Комисијата за европски прашања, премиерот Заев најави дека нацрт-договорот со Бугарија ќе го стави на увид пред пратениците.

На официјалните јазици

Ни јавноста во Бугарија засега нема информации за текстот на договорот. Она што е извесно, е дека тој ќе биде потпишан како што е предвидено со заедничката Декларација од 1999 година, а која беше основа за нацрт-договорот: на официјалните јазици на двете земји, односно на официјалниот јазик согласно со Уставот на Македонија, и на официјалниот јазик согласно со Уставот на Бугарија.
„Јазичната клаузула е една иста (од 1999 година- н.з) и нема да ја менуваме“, изјави Захариева.

Бугарската опозиција во повеќе наврати го критикуваше нацрт - договорот, оценувајќи го како „антибугарски“. Пратеникот Валери Жабљанов од Бугарската социјалистичка партија (БСП) го повика премиерот Бојко Борисов да се откаже од неговото потпишување.

„Признавањето на основните тези на македонизмот како подтекст на договорот, крие огромни ризици и опасности и за Бугарија и за односите на Балканот“, изјавил Жабљанов.

„Интерпретации на темата се непотребни, а ново отворање на прашањето е безвредно и за двете земји“, одговори Захариева.

„Ако некој профитира од слични дебати, тоа се само противниците на европската перспектива на Република Македонија и на приближување меѓу двете земји“, потенцира Захариева, потсетувајќи ги пратениците дека редица бугарски влади од 2012 година следат една иста политика во однос на Договорот за добрососедство.

Како што објавуваат бугарски медиуми, „нацрт-договорот минатата недела бил внесен во тајното деловодство на бугарскиот парламент“.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Провокаторите да стивнат

Поранешниот бугарски премиер, Иван Костов (со мандат од 1997 до 2001 година), кој во 1999 година ја потпиша Декларацијата за соработка меѓу двете држави со тогашниот македонски премиер Љубчо Георгиевски, во колумна под наслов „За нашата одговорност кон Македонија“ објавена на бугарскиот портал „Медиапул“, вели дека „национален интерес на Бугарија е да има сигурни соседи, и затоа треба да ги поддржи амбициите на новата власт во Скопје за членство во евроатлантските сојузи“. 

„На внатрешнополитички план, Владата на Зоран Заев со поддршка на парламентот треба да ги разреши сите проблеми со своите соседи за да ги исполни барањата на НАТО и Копенхашките критериуми на ЕУ. Изворот на тие проблеми е доктрината за македонизмот наметната при управувањето на Никола Груевски, создадена од Коминтерната и поддржана од Кремљ“, пишува Костов, потенцирајќи дека расчистувањето со неа е тешко и бара време.

Костов се залага за поддршка на интеграцијата на Западен балкан во ЕУ, но смета дека не е препорачливо Софија да биде првата која ќе авансира поддршка за владата во Скопје, особено пред да се преземат какви било активности не само во односите со Бугарија, туку и за решавање на другите два проблема  - спорот за името и внатрешно-етничките односи.

„Авансирањето може да ги засили антибугарските ставови, кои Југославија, а во последните години и ВМРО-ДПМНЕ ги насадија меѓу етничкото мозинство; особено по нивната категорична убеденост дека имало провокации на македонските Албанци и мешање на Тирана“, оценува Костов. 

Според него, обезбедувањето на етничкиот мир е првото прашање што треба да го реши Македонија, второто е решавање на спорот за името, а дури потоа - односите со Бугарија. На крајот, тој ги повика „бугарските провокатори да си ги намалат децибелите кон Република Македонија“.

„Реалностите таму не можат да бидат оспорени, како оние поврзани со бугарската идентичност на нашата заедничка историја, така и денешните - поврзани со нејзината државност, суверенитет и институции“, порача поранешниот бугарски премиер. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми