1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Нема брз прием на Украина во ЕУ

Барбара Везел
23 мај 2022

Постепен реформски процес паралелно со обнова на земјата - така претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен си ја замислува европската перспектива на Украина. Барбара Везел смета дека друга опција и не постои.

Знак на солидарност: Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во украинска народна носија
Знак на солидарност: Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во украинска народна носијаФотографија: European Union

Солидарноста е убаво, големо и политички важно чувство. А великодушна, милозлива солидарност со Украина е она што се бара во моментов. Но, одлука за пристапување кон ЕУ треба да се носи со разум, независно од зажареноста на емоциите.

Уште пред да може и да се помисли на зачленување нови земји, мора во рамки на ЕУ да бидат итно средени некои работи. Меѓу нив е и укинување на принципот за едногласно носење одлуки. Неподносливото натегање околу ембаргото против Русија каде Унгарија повторно максимално го користи потенцијалот за уцена, покажува дека не може да се продолжи вака.

Што и е на ЕУ итно потребно

Квалифицираното мнозинство на земјите членки мора конечно да скокне преку својата сенка и да се потпре на тоа дека светот нема да потоне ако една земја биде надгласана. Не преостанува ништо друго освен да се потпреме на демократскиот разум на мнозинството на Европејците. Потоа мора да бидат применети казните за земји кои упорно и во очигледна анти-европска намера ги прекршуваат правилата. Тоа мора да се ограничи на темелните вредности и човековите права. Но, мнозинството членки мора конечно да го надмине стравот од тоа да се казни една земја и да и се одзеде правото на глас.

Барбара Везел, авторка на коментарот

Тоа секогаш треба да е последно средство и да остане исклучок. Но, без оваа санкција ЕУ останува без заби со оглед на нејзините противници во внатрешноста. Институционалната и економската солидарност во Европа има големо значење и ние мора да водиме сметка тие да не бидат злоупотребени против мнозинството од страна на несолидарни земји членки.

Сигнал за Украина е исправен потег

Важно е Украина политички да се охрабри и да и се даде цврст сигнал во правец на Европа. Без разлика дали ќе се оживее повторно старата идеја за Европа во две брзини и ќе се направи еден вид “претсобје” за кандидатите за членство, како што неодамна бараше францускиот претседател, или пак ќе се основа геополитичко здружение како што сега предлага претседателот на Советот, Мишел, во секој случај треба да има нешто што на земјите кандидати ќе им даде чувство дека се има слух за нив, дека уживаат во одредени бенефиции и дека се дел од поширокото семејство.

Повеќе: Проширување на ЕУ - дали сега сѐ ќе оди побрзо?

Следниот чекор, фактичкото пристапување кон ЕУ, е толку драгоцено што не може да се биде доволно претпазлив. ЕУ под притисокот на настаните сѐ повеќе се развива во политички сојуз. Стариот поредок базиран на економски вредности е важен, но безбедносни и геополитички размислувања играат сѐ поголема улога. Ако ЕУ сака да биде глобален играч мора да си го брани единството. А голема земја како Украина би можела да го наруши деликатниот европски баланс. 

Страотните видеа од Мариупол на украинска болничарка

01:47

This browser does not support the video element.

ЕУ е „изгорена”

По големиот бран на пристапување на земји од југоисточна и средноисточна Европа, се виде колку е тешка соработката со земји кои ваушност сѐ уште не се зрели за членство во ЕУ. Видовме дека процесот на трансформација од авторитарна во демократска форма на владеење трае многу подолго отколку што се надеваа и дека се можни уназадувања. Затоа е разумен планот кој Урсула фон дер Лајен го подготви за Украина: по крајот на војната кога особено ЕУ ќе мора да изброи многу милијарди за обнова на земјата, тоа ќе мора да биде поврзано со паралелен реформски процес. Независно судатво, функционална полиција, стабилни институции како противтежа за политиката, образование и здравство на европско ниво, силно граѓанско општество - сето тоа се дел од базичните услови за прием во ЕУ. 

Назад во војна: Украинците се враќаат дома

02:08

This browser does not support the video element.

Трпение за да не се загрози процесот

Човек не смее да биде наивен. По прозападната, демократска влада на Зеленски за неколку години би можел повторно да дојде националистички режим. Европејците мора да бидат сигурни дека такво уназадување нема да се случи во нивниот двор. Украина е огромна земја со голем потенцијал, но и исто толку големо заостанување во демократскиот развој. Во борбата против корупцијата и организираниот криминал Киев и пред војната воопшто не беше на нивото што Брисел одамна го бара.

Бавен процес со реформски чекори кои може да се контролираат се во интерес на двете страни. Украина на крајот ќе биде демократска држава интегрирана во западните структури. ЕУ ќе биде побогата за една вредна членка. Толку трпение и разбирање треба да има Киев дури и во актуелните околности - скратена постапка како политички симболичен потег би можел и ЕУ да ја повлече во несреќа.

:

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми