На Франција и се заканува рецесија
28 август 2012Францускиот премиер Жан Марк Еро призна дека неговата влада ќе мора да ја ревидира проценката за економскиот раст на земјата во 2013 година, откако анализите покажаа дека не може да се достигнат предвидените 1,2 проценти раст. Економистите прогнозираат раст на француската економија следната година од 0,5 до 1,0 отсто. Според анализите, земјата е на работ на рецесија, а тоа го покажува и растот на невработеноста. Според вчера објавените податоци, невработеноста во земјата пораснала 15. месец едноподруго и го достигнала највисокото ниво во последните 13 години.
Синдикатите предвидуваат дополнителен раст на невработеноста во септември, за кога повеќе големи компании се подготвуваат за масовни отпуштања на работници.
Неповолната економска клима многу брзо драматично го намали рејтингот на новоизбраниот француски претседател Франсоа Оланд, кој во кампањата ветуваше отворање на илјадници нови работни места, спонзорирани од државата.