1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија се штити од одлив на капиталот

ЕМФ/миа28 јуни 2015

НБРМ презема заштитни мерки против значителни одливи на капитал од РМ кон Грција, кои би можеле да предизвикаат нарушување на рамнотежата во билансот на плаќања и нарушување на стабилноста на финансискиот систем.

Фотографија: DW/Medana Weident

Воведените мерки од страна на НБРМ се со рок на траење најмногу до шест месеци. Според НБРМ, со преземените мерки дополнително се зајакнува отпорноста на финансискиот систем на надворешни фактори. Како што појаснуваат од Банката, превентивните мерки се однесуваат на ограничување на капиталните одливи од резидентите во Македонија (физичките и правните лица) кон грчките субјекти врз основа на новосклучени капитални трансакции, но не и на ограничување на одливите врз основа на пристигнати плаќања за веќе склучени капитални трансакции.

„Интенцијата на превентивните мерки е да се ограничат само капиталните одливи кон Република Грција и кон субјекти од Република Грција (како што се одливите за основање друштво, вложување во хартии од вредност, вложување во документи за удел во инвестициски фондови, вложување во инвестициско злато, финансиски кредити, долгорочни заеми и слично), но не да се блокира, ниту на било каков начин да се отежне сегашното и идното комерцијално работење со субјектите од Република Грција“, се наведува во соопштението на НБРМ.

Во него се додава дека тековните трансакции остануваат слободни: не се врши ограничување на приватните трансфери, ниту на трансакциите врз основа на размена на стоки и услуги, вообичаените банкарски инструменти за плаќање и кредитните инструменти кои се поврзани со прометот на стоки и услуги помеѓу резидентите и субјектите од Грција (како на пример, плаќање врз основа на увоз, акредитиви, гаранции, транспортни услуги, туристички и други патувања, и.т.н.). Исто така, за да се задржи сигурноста на странските инвеститори за остварување на правата од нивната сопственост во Македонија, не се ограничуваат ниту одливите врз основа на остварените дивиденди.

Заради обезбедување на средствата што домашните банки ги имаат во банките во Грција, македонските банки се должни да ги повлечат сите кредити и депозити од банките со седиште во Грција и нивните филијали и подружници во Грција или во странство, без оглед на договорената рочност. Сепак, за да се овозможи непреченото одвивање на платниот промет со странство за трансакциите што не се забранети, е направен исклучок од ова барање за средствата на тековните (кореспондентните) сметки кај тие банки.

Досегашните прудентни и супервизорски мерки и лимити за банките во однос на вложувањата во хартии од вредност, вклучително и грчките хартии од вредност (обврската за издвојување повисок процент на резервации за пласманите кон земји и субјекти од земји со понизок кредитен рејтинг од определениот и лимитот за изложеност на нашите банки кон нивните матични субјекти во висина од најмногу 10% од сопствените средства), се надополнети со експлицитна забрана за сите резиденти за вложување во грчки хартии од вредност (хартии од вредност издадени од централната банка, централната влада, локалната и регионалната власт во Грција, како и хартии од вредност издадени од правни лица со седиште во Грција и нивните филијали и подружници во Грција и во странство).

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми