1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Невидливи и опасни

Естер Фелден | Матијас фон Хајн
23 октомври 2018

Во Северна Рајна Вестфалија има повеќе салафисти отколку во која било друга покраина во Германија. Јавно се речиси неупадливи, но и натаму многу активни. И се менуваат од ден на ден.

Köln Salafisten Veranstaltung
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Повторувај по мене", извикува германскиот конвертит и салафистички проповедник Пјер Фогел. Поттикната од воодушевениот народ младата девојка на сред улица во малото гратче Офенбах го прави токму тоа, ги повторува зборовите со кои се пристапува кон исламот. Тоа беше во 2010 година. На Jутјуб до ден денешен може да се најдат такви клипови од салафистичкото мисионарство во Германија.

Сѐ до 2016 година салафистите самоуверено и агресивно настапуваа во јавноста. Брадести мажи во поткусени панталони и широки бели наметки како Пјер Фогел особено во западниот дел на Германија, претежно на пазари и во пешачки зони делат бесплатни примероци од Куранот на германски јазик во рамки на спорната акција „ЧИТАЈ!". Јавно ја проповедаат во центрите на градовите нивната радикална интерпретација на исламот. Конвертитите пак насекаде во земјата се привлекуваат со т.н. „Семинари за исламот". Слободното време исто така се минува со браќата по вера на разни веселби со скара или натпревари во фудбал, во паралелен свет.

Повлекување по забраната

Денеска веќе не постојат штандовите со кампањата „ЧИТАЈ!". Во 2016 Министерството за внатрешни работи го забрани здружението „Вистинската религија", кое го организираше бесплатното ширење на Куранот. Здружението, како што се вели во образложението на Службата за заштита на уставниот поредок, „застапува идеологија која целосно го истиснува уставниот поредок, заговара оружан џихад и на цела територија на сојузната држава претставува центар за регрутирање и собирање на џихадистички исламисти и лица кои од џихадистичко-исламистички мотиви сакаат да отпатуваат во Ирак, односно Сирија."

Повеќе на темата:

-Салафизам: мисија под превез

-Голема рација против салафистите во Германија

-Во Германија има широка исламистичка и џихадистичка сцена

Фотографија: Getty Images/M. Wienand

Радикалните салафисти веќе речиси и да ги нема во јавноста. Но, тоа не значи дека се исчезнати. „Повеќето активности се случуваат далеку од очите на најголемиот број луѓе во општеството", вели Кан Орхон. Советникот на центарот Хајат за дерадикализација работи во скромна сала за состаноци на третиот кат од една зграда во центарот на Бон. Името „Хајат" не може да го прочитате на ниту едно ѕвоно, на интернет нема адреса, само телефонски број. Анонимноста е за клиентите на Хајат најважна. Орхон работи со лица кои веќе се салафистички или џихадистички радикализирани, со лица кои ја напуштаат идеологијата или се повратници.

„Придобивањето на млади следбеници се повеќе сѐ одвива преку директен контакт, онлајн. Комуникацијата се одвива преку Ватсап или канали за телеграми", вели Орхон. Тоа ја отежнува работата на полицијата или службите, да држат контрола над нив. "Салафизмот е насочен кон тоа да мисионира и да придобива нови членови", објаснува Буркхард Фраер, кој е на чело на Службата за заштита на уставниот поредок во Северна Рајна Вестфалија. Јавното мисионирање било многу намалено, но самиот процес и натаму се случува. Шефот на службата во разговор за ДВ нагласува дека „бројките веќе не се толку брзо растечки."

Има разлика од салафист до салафист

Во ниту една друга сојузна покраина нема повеќе салафисти отколку во Северна Рајна Вестфалија. Во ниту една друга покраина салафистите не се до тој степен радикализирани да одат на територијата на веќе разбиената "Исламска држава". Речиси 300 од вкупно 1000 џихадисти од Германија се од Северна Рајна Вестфалија. Практично сите исламистичко мотивирани напади и обиди за напади во изминатите години во Германија се сторени од лица кои се радикализирани преку салафистите. Тоа важи и за Анис Амри кој на 19 декември 2016 година го изврши нападот на Божиќниот пазар во Берлин во кој загинаа 12 лица. Тоа беше до сега најкрвав исламистички напад на територијата на Германија.

„Секако дека не е секој салафист автоматски и терорист, но секој исламски терорист претходно бил салафист." Таквиот исказ сѐ почесто се споменува во нашите разговори со сосема различни луѓе кои се занимаваат со случувањата во салафистичката сцена – заштитници на уставниот поредок, учители, советници во пункт за дерадикализација или пак во Службата за интеграција на градот Бон, кој важи за едно од упориштата ма салафизмот во Северна Рајна Вестфалија.

Отпадник или загрозувач

Од оваа точка мембраната за џихадистички ориентирани салафисти е порозна. Тие се подготвени за нивната визија за Исламска држава да применат и насилство. Околу 3000 приврзаници брои салафистичката сцена во најнаселената германска покраина. Според информации на тамошната Служба за заштита на уставниот поредок, околу 800 од нив се сметаат за подготвени на насилство.

12 проценти од сите приврзаници на салафизмот во Северна Рајна Вестафалија се жени. Уделот на жени меѓу оние кои отпатувале во Сирија или Ирак е уште поголем, односно 28 проценти. Од тие причини салафистичките жени и деца се под посебен надзор од државата. Тоа важи пред се за оние кои се повратници од распаднатиот „Калифат". Во градинките и училиштата во Бон веќе има деца на повратнички. За нив Кан Орхон од иницијативата за дерадикализација бара „инфраструктура за помош како детски психолози кои знаат да третираат траума, но и религиозните аспекти."

Кај мажите за разлика од жените е многу полесно да се докаже дека се повратници бидејќи активно се бореле, има пропагандистички видеа на мрежите и фалби на социјалните медиуми. Бројот на членови на исламистичко-екстремистичката сцена во германските затвори расте. Главниот јавен обвинител од 2013 година отвори истраги против 24 повратници од територијата на терористичката милиција Исламска држава во Ирак и Сирија.

Одговорот од сцената беше т.н.помош за затворениците. „Од гледна точка на безбедносните служби т.н.менторство на затвореници е голема опасност", вели Фраер. Менторство на затвореници конкретно значи дека затворениците имаат посети во затвор или примаат пошта од муслимански „браќа и сестри". Преку интернет собираат донации за подароци за затвореникот или неговата фамилија. Се работи за блискост, грижа и религиска припадност. Сето тоа секогаш има една иста цел. „Луѓето да се држат во сцената и да не бидат ресоцијализирани преку затворот", критикува Буркхард Фраер.

Во Северна Рајна Вестфалија центри на салафизмот се градовите како Менхенгладбах, Вупертал, Динслакен, Дортмунд, но и поранешниот главен град на Германија, Бон. Тука салафистичката сцена во Германија постојано привлекува внимание – како во 2012та кога дојде до насилна ескалација на демонстрација на Исламисти. Причината е што на анти-исламски собир на деснорадикалната партија "Pro NRW" биле прикажани карикатури на пророкот Мухамед. Еден млад учесник на контрадемонстрацијата нападна двајца полицајци со нож и им нанесе тешки повреди.

Смена на генерации

Салафистичката сцена во Германија се има многу променето од почетоците во 2003-та до сега, анализира Фраер. „На почеток имавме пред сѐ германофонска сцена." Првична цел во раната фаза била мисионерството. Многумина од тогашните протагонисти претходно биле „религиски аналфабети" кои малку знаеле за исламот, дури и ако потекнувале од муслиманско семејство. Со текот на времето сцената станувала сѐ посклона кон насилство, сумира Фраер. „Хајлајтот беше достигнат со заминувањата во Сирија, кога веќе не се работеше за тоа дали ќе ја менуваме нашата демократија, туку за тоа да се устоличи калифат на Блискиот Исток."

По воениот дебакл на Исламска држава шефот на Службата за заштита на уставниот поредок во Северна Рајна Вестфалија, гледа сосема нов развој. „Сега веќе има комплетни салафистички семејства, кои ја зацврстуваат сцената. Тука сега имаме салафизам на кој не му е потребен калифат, ниту идеолошко влијание од надвор. Тој се повеќе се развива во внатрешен екстремизам."

Сцената се изолира за да расте во паралелно општество. Различно од порано, кога салафистите им приоѓаа на луѓето на пазар или на улица за да ги конвертираат.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми