120509 Köhler Bilanz
15 мај 2009На 23 мај 2004 година, на предлог на Христијанско демократската и на Социјално демократската унија, како и на Либералната партија, за претседател на Германија беше избран Хорст Келер. Пет години подоцна тој повторно е кандидиран, што, според уставот, е можно.
Билансот на еден сојузен претседател не се мери според успешните реформи, значајните закони или преживеаните владини кризи, туку пред се‘ според угледот кој го има кај народот. А Хорст Келер во тој поглед многу постигна. Две третини од Германците сакаат тој да остане на функцијата. Претседателот истовремено е и најомилен политичар во земјата. „Можеби затоа што тој не си дава големо значење, и оти не сака ништо друго да демонстрира отколку она што е, искрен човек“, претпоставува Хериберт Прантил од весникот „Зиддојче цајтунг“.
Меркел: човек кој ги освои срцата на Германците
Канцеларката Ангела Меркел реагираше радосно на подготвеноста на Келер вторпат да застане на функцијата:
„Верувам дека тој ги освои срцата на луѓето во Германија во последните години. Тоа го направи преку неговиот отворен начин на приоѓање и на кажување и на непријатни вистини.“
Помалку или повеќе прикриената критика на власта на Келер му донесе симпатии кај народот. Келер се промовира како врвен претставник на оние на кои политиката им е преку глава. За разлика од неговите претходници, економот со докторска титула пред изборот не беше политичар, туку службеник, последно беше шеф на ММФ.
66 годишниот претседател не блеска со големи визии и срцепарателни говори. Тој не е добар говорник, тежок хендикеп за еден претседател од кого сите очекуваат ориентација преку зборот. Келер тоа го компензира со труд, со барање одговори на проблемите, преку природна љубопитност за она, за што старите политичари покажуваат само рутинска заинтересираност.
Во земјата, тој се залага за подобро образование на младите, вклучувајќи ги и мигрантите. На надворешен план, тој посебно ги тематизира предизвиците на глобализацијата, растечкиот јаз меѓу сиромаштијата и богатите во светот. Негов посебен ангажман е Африка, каде често патува:
„Според мене, човечноста во светот решавачки се покажува во поглед на судбината на Африка. Денеска знаеме, помал ризик ќе беше ако изградевме железница низ Африка, отколку да инвестираме во угледната њујоршка Инвестмент банка.“
Невообичаен претседател
Неговата најава да биде невообичаен претседател, Келер двапати ја спроведе во дело. Двапати одби да стави потпис на закони на Големата коалиција, се посомнева неколкупати во уставноста на некои закони, но одлуката му ја препушти на Уставниот суд. Најважниот акт на Келер беше распуштањето на Бундестагот во јули 2005 година на барање на претходникот на Меркел, Герхард Шредер, кој свесно инсценираше гласање недоверба во Бундестагот, што му наштети на угледот на парламентот. Келер, и покрај тоа, даде зелено светло за нови избори, мнозинството Германци исто така би постапиле. Тој, инаку, повеќепати го пофали Шредер за неговата Агенда 2010, реформата на пазарот на труд.
Келер доби етикета „неолиберал“ поради неговото минато како шеф на ММФ, но таа веќе избледува. Неговиот берлински говор за финансиската и економската криза, во март 2009 година, беше пледоаје за силна држава, која мора да го регулира пазарот, зашто неограничената слобода крие уништување.
Автор: Бернд Греслер / Жана Ацеска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска