1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недела - неработен ден пред Уставен суд

ДТЗ
18 јануари 2022

Бизнисмените ги оспорија пред Уставниот суд законските решенија кои овозможија недела да биде неработен ден за повеќето вработени во земјата.

Mazedonien Verfassungsgericht
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Стопанската комора на Северна Македонија поднесе две иницијативи до Уставниот суд за да се оформат предмети во врска со одлуката недела да биде неработен ден. Едната иницијатива се однесува на измените на Законот за работни односи со кој недела се прогласува за неработен ден, освен во одредени дејности кои се наведени како исклучоци.

Според Уставниот суд, подносителот го оспорува Законот за изменување и дополнување на Закон за работни односи објавен во „Службен весник на РСМ” бр.288/21, како спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Оспорениот закон се однесува на уредување на работата во недела.

Другата иницијатива се однесува на измените на Законот за трговија со кои трговија на мало не може да се врши во недела и на празници, освен во молови, на бензински пумпи, специјализирани продавници во туристички места, на манифестации-настани, зелени пазари и ако сопственикот сам си работи во дуќанот. Се оспоруваат одредби кои се однесуваат на работното време, инспекцискиот надзор и прекршочни санкции.

„Според подносителот оспорените одредби биле во спротивност со слободата на пазарот и претприемништвото (член 8 алинеја 7), владеењето на правото (член 8 алинеја 3) и начелото на еднаквост (член 9) од Уставот“, информира Уставниот суд.

Законското решение со кое недела е неработен ден, стапи на сила од 1 јануари годинава.  Ваквата новина се најавуваше со месеци наназад, а со неа се предвидени ригорозни казнени мерки за работодавачите кои нема да го почитуваат тоа.

Законот предвидува дека недела е ден за одмор за 92 отсто од работниците во земјава. Исклучок има за оние работни места каде не може да се прекине работниот процес односно за околу 8 отсто од работници. Оние кои работат во недела треба да земаат додаток на плата од најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа доколку со закон или колективен договор не е утврден повисок износ. Предвидено е да користат и слободен ден во наредните седум дена.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми