1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недостигот на самокритичност на Меркел

Анја Брокман
9 јуни 2022

Германија го исчекуваше првиот настап на Меркел речиси исто како што Британците го чекаа јубилејот од владеењето на Кралицата. Но, тоа што го дочекаа беше повеќе налик на разочарување, смета Анја Брокман.

Deutschland Altkanzlerin Merkel zu Gespräch im Berliner Ensemble
Фотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Во публиката: обожаватели и новинари, при што имаше и поголеми преклопувања на двата табора. Тоа посебно се забележа по новинарот кој смееше да ѝ поставува прашања на поранешната канцеларка. „Таа е и останува моја канцеларка”, рече тој пред да се појави Меркел на бината и со самото тоа го „наштима“ расположението за она што повеќе наликуваше на аудиенција, отколку на интервју. Па така беше и логично што Меркел беше „режисерка” на вечерта и самата таа одлучуваше што ќе зборува за себе. Од човечки аспект се претстави како Германка од истокот, приврзана кон родината, даде увид во тоа како во изминатите месеци го направила преодот од активна служба во пензиониран чивек и раскажуваше за нејзиниот копнеж за приватност.

Малку самокритичност во однос на политиката кон Русија

Но, штом се отвори темата политика, Меркел се преобрати во канцеларката отпорна на многу нешта, одлика која за време на нејзиното владеење ѝ го донесе прекарот „тефлон канцеларка”. Секако, војната на Русија против Украина беше во фокусот на вечерта и прашањето во која мера политиката на Меркел имала некаков удел во тоа. Канцеларката во 16-годишното владеење влијаеше на надворешната политика во многу поголема мера од сите министри за надворешни работи заедно.

Анја БрокманФотографија: DW

Како што и се очекуваше, Меркел се придружи кон оние кои рускиот напад најостро го критикуваа. Разочарувачки таа вечер во театарот беше што кај канцеларката не можеше да се почувствува барем малку сомнеж во однос на нејзината политика, но затоа пак имаше дотолку повеќе оправдувања.

Во суштина таа аргументираше дека нејзината стратегија на економско приближување до Русија „ѝ купила време” на Украина. Така, земјата по анексијата на Крим во 2014-тата можела одново да се позиционира, како воено, така и политички. Фактички тоа може и да е точно, но дали Германија не можеше и навистина да стори нешто повеќе за Украина? Меркел брзо одврати дека нема ништо за што би требало да се извинува. Извинување никој и не очекуваше, но барем одредена мера на самокритичност.

Критиката е непожелнa

Секако е грешка политиката да се гледа само според нејзиниот крај. И на Меркел може да ѝ се верува дека ниту една политичка одлука не ја донела лекомислено.Но, вечерта не се зборуваше за тоа дека некои нејзини одлуки повеќе го имале во фокус доброто на германската економија отколку безбедноста на Европа. Тоа не беше предмет на критички потпрашања. Такви немаше ни кога Меркел впечатливо опиша дека уште во 2007-ма било јасно држењето на Владимир Путин: дека за него Украина е „геополитички заложник на Западот”, дека студената војна никогаш не завршила и дека Западот никогаш не направил соодветна безбедносна архитектура.

Колку и да е точна анализата, толку чудно отсутно делуваше Меркел во тој момент. Човек копнееше по новинар кој по ваков исказ ќе ја праша што тогаш од таквото сознание извлекла како заклучок за нејзиното политичко дејствување. И зошто не? Но, тоа секако ќе пречеше на концептот за вечерта, кој во преден план требаше да забавува и да ја возвишува поранешната канцеларка која ја маневрираше Германија низ многу кризи.

Сериозен осврт на нејзината политика на овој настан немаше. Да се изрече критика, тоа брзо стана јасно, таа вечер ќе беше нешто како огромна навреда. Се чини дека треба да протече повеќе време од шест месеци додека Германија да може барем малку да се дистанцира од оваа канцеларка.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми