1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богат Луксембург, сиромашна Бугарија

СН/ агенции
14 јуни 2017

Благосостојбата во Европската унија е екстремно нееднакво распределена. Според најновите податоци на Евростат, најдобростоечки во минатата година биле граѓаните на Луксембург, додека најсиромашни се жителите на Бугарија

Bulgarien EU Beitritt Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Katsarova

Статистичката служба на Европската унија, Евростат, во најновиот извештај за благосостојбата во земјите членки на Унијата наведува дека Бугарија, според потрошувачката по глава на жител, се наоѓа на последното место. Бугарите имено во изминатата година трошеле 47 насто под просекот на ЕУ. Хрватска на индексот на благосостојба во ЕУ се најде на претпоследното место. Во оваа земја во минатата година вистинската индивидуална потрошувачка (АИЦ), како мерило за куповната моќ, беше 41 насто пониска од просекот во ЕУ, покажуваат првите проценки на Европскиот завод за статистика за 2016. година, кои  повторно  потврдуваат големи разлики во куповната моќ меѓу земјите членки на Унијата.

Луксембург имено ја задржа водечката позиција на списокот на земјите од ЕУ на индивидуална потрошувачка по глава на жител од 32 отсто над просекот во Унијата, што е сепак за 5 процентни поени помалку отколку во 2015. година, стои во извешатјот на Евростат. Следуваат Германија и Австрија со потрошувачка по глава на жител од околу 20 насто над просекот, додека Велика Британија, Данска и Финска ја предводат групата на земји во кои потрошувачката во 2016. година беше од 10 до 15 отсто над европскиот просек.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Италија, Ирска и Кипар е забележана потрошувачка под европскиот просек, а таа изнесува 10 проценти или помалку. Чешка, Грција, Словачка, Полска и Словенија се во групата на земји со потрошувачка од 20 до 25 отсто под просекот на ЕУ.

Потрошувачка околу 30 до 40 насто под просекот забележаа Естонија, Латвија, Унгарија и Романија, додека Хрватска и Бугарија се на дното со потрошувачка повеќе од 40 отсто под просекот на ЕУ, според податоците на Евростат за 2016. година.

Голема разлика меѓу земјите во ЕУ потврдува и показателот за Брутодомашен производ по глава на жител како мерило за куповната моќ.  И во оваа категорија последното место го зазема Бугарија со 52 отсто под просекот на ЕУ, додека Луксембург е прв со 167 отсто над европскиот просек, се вели во извештајот.

Ирска забележа БДП по глава на жител 77 отсто поголем од европскиот просек, додека Германија, Австрија, Данска, Холандија и Белгија се во групата на земји каде што БДП е 20 и повеќе проценти над просекот во Унијата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми