Незаборавниот 9. ноември 1989
9 ноември 2014
9. ноември 1989 година- тоа беше магичен момент. Од несреќната бирократска формулација рано попладнето: „слободата на патување стапува во сила веднаш“, па до падот на Ѕидот во текот на ноќта. За само неколку часа, животот на Германците и на Европејците се промени. Се случи историја. ГДР, Источна Германија под комунистичка управа, имплодираше под притисок на протестите и бегалците. Падот на Ѕидот го означи крајот на ГДР, иако германското обединување беше остварено една година подоцна. Државата без Ѕидот и бодликавата жица, која им дозволи на своите граѓани слободно да патуваат, повеќе немаше причина да постои- со исклучок на нејзината врска со источниот блок и Варшавскиот пакт.
Но, Советскиот сојуз- предводен од реформаторот Горбачов, се воздржа од примена на сила, исто како и комунистичките властодршци во Источен Берлин. „Кинеско решение“ како масакрот на Тијананмен во Пекинг, беше исклучено. Мировното движење повеќе не беше брутално газено како во 1953 година во ГДР, 1956 година во Унгарија или во 1968 година во Чехословачка. Падот на Ѕидот беше крај на мирната револуција на источните Германци. žbž
9. ноември беше дена на среќа и солзи. Тој емотивно ги погоди Германците. Ги разбуди заборавените и потиснати чувства, желбата за обединување од обете страни, желбата за слобода на Истокот. Беше тоа вистински транс кој ги обзема Германците и Берлинците. Чувството на среќа поради која сите тогаш бевме надвор од себе. Беа тоа ден и ноќ на неописиви чувства кои покажаа дека ни 40 годишната поделба не може да го убие чувството на меѓусебна припадност- од кое мнозината бевме изненадени. Беше кажана и вонвременски убавата реченица на Вили Брант: „Сега сраснува она што си припаѓа едно на друго“. Но тоа беше сраснување кое не беше насочено против никој друг- а најмалку против соседите. Мирната револуција ја врежа Германија во центарот на Европа.
Востанието на источните Германци беше насочено кон комунистичката диктатура, против тоталитарната држава која регулираше сѐ. Беше тоа востание за една отворена земја во која луѓето повеќе не живееја во заробеништво. Поради тоа, главното барање беше за слободното патување; барањата за смена на општественото уредување всушност и не беа толку силни. И затоа е вистина иронија на историјата тоа што желбата на Германците на западот и на истокот за „силна држава која се грижи за граѓаните“ дел од заедничката политичка ДНК на повторно обединетата Германија. Бунтот против државата беше бунт против „оние горе“, но не и бунт за отворено општество.
Германија, по 9. ноември 1989 стана попротестантска, поисточна, идеолошки помека, и помалку контроверзна, а може да се каже и полева. На чело на таа држава се двајца источно- Германци: претседателот Јоахим Гаук и канцеларката Ангела Меркел. Кај нив се гледаат трагите од искуството стекнато со животот во ГДР. Тоа на некои понекогаш им пречи. Но, тоа е и нормално политичко секојдневие која во суштина и не го дели Истокот и Западот. Внатрешното единство е поцврсто одошто многумина мислат. А почна со заедничкото чувство на среќа на 9. ноември 1989 година.