1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Независноста на Косово на проверка“

2 декември 2009

Со процесот пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг посветен на независноста на Косово се занимаваат и весниците од германското говорно подрачје.

Потписи под декларацијата за независност во косовскиот парламентФотографија: AP

„Ноје цирихер цајтунг“ во подолгата статија потсетува дека веќе 63 од вкупно 192 земји членки на ОН ја признале независноста на Косово. Во статијата под наслов „Независноста на Косово на проверка“ натаму се вели:

„Тоа што за независноста на Косово воопшто се расправа пред Меѓународниот суд на правдата, во секој случај е дипломатски успех на српската влада...Чекањето на овој процес и пресудата од него се една од причините што поголем број земји се’ уште се воздржуваат од признавњето на Косово како држава. Тука спаѓаат поголем број земји од Латинска Америка, Азија и Африка.

Притоа, надежта за јасна пресуда може да остане и попуста. Претседателот на Судот во Хаг, Хасаши Овада, неодамна за руската агенција Риа-новости изјави дека судот нема ни да се изјасни со јасно „да“ или „не“, туку ќе биде неопходно грижливо читање на пресудата на 30 страници - ова дотолку повеќе што и судиите имаат различни ставови. Изјавата на Овада предизвика остри реакции во Белград, бидејќи не му доликува на судијата да ја објави пресудата уште пред почетокот на судскиот процес.

Колку и да е немудра изјавата на судијата Овада, амбивалентноста во завршниот акт од судењето не треба да зачудува. Дотолку повеќе што навистина има спротивставени толкувања на меѓународното право по ова прашање, а и политичката тежина на одлуката е очигледна“, тврди „Ноје цирихер цајтунг“.

Спроти почетокот на процесот во ХагФотографија: AP

Во „Зидојче цајтунг“ на истата тема, пак, читаме:

„Доколку судиите ја прогласат независноста на Косово за правно одржлив чекор, тогаш тоа ќе има далекусежни последици за други региони со сепаратистички тенденции. Баскијците, Каталонците, Тибетанците, Палестинците и етничките малцинства во кавкаскиот регион со големо внимание ќе го читаат образложението на пресудата.

По ова прашање има две правни школи со различни мислења. Едните експерти за меѓународно право велат дека не постои општо признато право на сецесија. Таа не е можна без согласност на другата страна во спорот, како и на ОН. Но, дури и тие експерти признаваат дека политиката на потчинување што ја водеше Србија кон Косово во 90-тите години, ги турна Албанците во независност. Заговорниците на независноста, пак, тврдат дека прогоните на косовските Албанци од страна на српската држава не оставаат простор за автономија во рамките на претходната државна творба. Затоа независноста е легитимно решение... Во Косово, во меѓувреме, се создадени такви факти, кои се веројатно неповратни. Државноста во прва линија е фактички, а не правен процес“, заклучува „Зидојче цајтунг“.

Автор: НЦЦ/ЗЦ/ГЧ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми