1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Независноста на Косово пред судот во Хаг

1 декември 2009

Во Меѓународниот суд на правдата започнува јавното сослушување во процесот за оценка на законитоста на прогласената независност на Косово. Аргументи „за“ и „против“ до 11.12 ќе изнесат Косово, Србија и 29 други земји.

Седиштето на Меѓународниот суд на правдата во Ден ХагФотографија: AP

Први на ред се српската и косовската делегација, кои на располагање ќе имаат по три часа да ги изнесат аргументите „за“ и „против“ независноста на Косово. За изнесувањето на ставовите на останатите земји им се определени по 45 минути. Шефот на косовската делегација, министерот за надворешни работи Скендер Хисени, во саботата пред заминувањето за Хаг истакна дека Приштина е целосно подготвена за овој процес:

„За време на тричасовното излагање ќе претставиме јаки аргументи во одбрана на правото на Косово да биде независна и суверена држава, односно за одбрана на политичката волја на народот на Косово за државност и независност.“

Шеф на српската делегација е Вук ЈеремиќФотографија: AP

Од 63 земји кои досега го признаа, во прилог на независноста на Косово ќе говорат претставниците на Албанија, Австрија, Бахреин, Бугарија, Хрватска, Данска, Финска, Холандија, Германија, Јордан, Норвешка, Саудиска Арабија, Велика Британија и САД.

Би било погрешно да се прејудицира конечната одлука

Србија е убедена дека правдата и правото се на нејзина страна. Претседателот Борис Тадиќ верува дека ставот на Меѓународниот суд ќе биде близок на српскиот и оти ќе се отвори перспектива за нови преговори меѓу Белград и Приштина. Министерот за надворешни работи Вук Јеремиќ, пак, својот оптимизам го базира врз следното:

„... врз основа на внимателни и грижливи подготовки, кои нашата делегација ги изврши советувајќи се со голем број моќни земји, кои одлучија да ги бранат нашите ставови...“

Аргументи против независноста на Косово покрај Србија ќе изнесат уште 14 земји: Аргентина, Азербејџан, Белорусија, Боливија, Бразил, Бурунди, Кина, Кипар, Лаос, Романија, Русија, Шпанија, Венецуела и Виетнам. За првпат во еден процес пред овој суд, своите ставови ќе ги претстават и сите пет земји постојани членки на Советот за безбедност на ОН.

Министерот Јеремиќ не е загрижен ни поради фактот дека осум од 15-те судии на овој суд доаѓаат од земји кои го признале независно Косово:

„Не постои совршена институција, но Меѓународниот суд на правдата е веројатно најнезависната институција во светот. Би било погрешно да се прејудицира конечната одлука, но ако ја погледнеме правната страна на процесот, мислам дека можеме да бидеме оптимисти.“

Предводникот на косовската делегација, Скендер ХисениФотографија: AP

Ќе има ли јасен одговор „за“ или „против“ независноста на Косово?

Но, веќе сега многу аналитичари и експерти се сомневаат дека Судот ќе даде јасен одговор на прашањето дали независноста на Косово е легална или не.

„Судот ќе донесе одлука, што ќе има двојно значење. По форма и по содржина оваа одлука ќе може да се толкува двострано“, тврди косовскиот стручњак за меѓународно право, Еќрем Зенељај.

Ваквите шпекулации ги подgрева и изјавата за руските медиуми на претседателот на судот во Хаг, Хисаши Овада, во која тој истакнува дека мислењето на Судот на крајот ќе биде неутрално. Овада тврди дека не може да се очекува јасен одговор „да“ или „не“, односно „за“ или „ против“ независноста на Косово. Мислењето на судот се очекува на пролет, наредната година.

Автор: Бахри Цани / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми