1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Незапирлива демонтажа на режимот – царот е гол!

Зоран Јордановски
19 ноември 2016

Последици од „Денот Д“ кога СЈО влезе во УБК: се разобличува големата лага, пукаат клучните шевови на „системот Груевски“. Неговата демонтажа е во тек. Колумна на Зоран Јордановски.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во градењето и опстојувањето на автократски режим придонес даваат многу фактори, но три се од посебна важност: улогата на тајната полиција, правосудството и медумите. Ова како пример во практична настава се огледува и во македонскиот случај. Разнишување и на само еден дел од таа конструкција ја нарушува нејзината статиката до степен на дестабилизација на системот во целина и неминовно води кон негово уривање. 

Теоријата на заговор на душмани од странство против патриотскиот режим во Македонија е најсериозно разнишана откако клучните факти од аферата со „бомбите“ се преточени во официјален обвинителен акт: имало масовно илегално прислушување на повеќе од дваесет илјади директно таргетирани или индиректно вовлечени граѓани, тоа е правено од домашни (пара?-) државни структури, а не од странски служби. Се разбира, ова уште е само тврдење кое, како што налага правната држава, низ судска обработка треба да добие потврда како вистина. Но, формалното обвинение значи дека првичните сомневања сега се поткрепени и со факти кои можат да ги докажат. Тие факти СЈО ги обезбеди вршејќи истрага во УБК и со нив ја разобличи Управата за безбедност и контраразузнавање како центар на обезбедувањето на моќта на владејачката клика. По тој „Ден Д“ УБК стана и епицентар на „земјотресот“ со разорни последици за таа клика и нејзината моќ. Фактите што ги презентира СЈО се најдобро објаснение за сѐ што се случуваше во драматичните деноноќија кога Јанева и членови на нејзиниот тим таму вршеа истражни дејствија и за тоа зошто беа толку и на сите можни начини попречувани од водечки функционери на Министерството за внатрешни работи.

Комичари во правосудството

СЈО влезе само во едно од овие три осила, а уште пред да ги објави своите наоди започна и имплозија во второто – правосудството. Незадоволството кај дел од службениците на Јустиција толку нарасна, што конечно дел од судиите се осмелија да го кренат гласот против првиот човек во Основниот суд Скопје 1 и неговите махинации во функција на заштита на „системот Груевски“. Потврда, пак, дека е сериозно разнишан овој потпорник на тој систем е и отвореното дистанцирање на претседателката на Врховниот суд и нејзините оцени за работата на челникот на судот во Скопје. Независно од тоа дали е во прашање одбрана на честа на судиската професија, калкулации спроти избор и реизбор на водечките функции или принципот „спасувај се кој може“, во еден од бедемите на режимот се отвори длабока пукнатина. Врз оние кои го кренаа гласот се темели надежта дека не е докрај изгниено судството во Македонија, иако и врз нив ќе остане сенката на предолгото молчење кое ги прави индиректни соучесници во конституирањето и одржувањето на „системот Груевски“. Мразот е пробиен, стравот ја губи силата. Белки сега и други судии ќе покажат чест и морал и - кревајќи го гласот на протест - ќе ги истуркаат на чистина своите „Сваровски-колеги“ за јавноста да може до крај да ги идентификува. Тоа е неопходно, не заради линч, туку токму заради примена на принципите на владеењето на правото врз оние, кои наместо да го бранат, го газеа тој принцип. Засега уште „се држи“ Јавното обвинителство (она формално регуларното, одамна ставено во скутот на „системот Груевски“), иако знам за барем еден случај на обвинител кој уште многу порано си отиде од таму токму поради притисоците и политиката што се води во ЈО. Зошто од таму уште нема никаква реакција? Белки не е дека Катица Јанева ги зеде во СЈО сите обвинители кои беа подготвени да работат според законските прописи? Посебна приказна се челниците на ЈО и на Судскиот совет. Колку комичен впечаток оставаат сега, кога „царот“ е сѐ повеќе разголен, а тие се прават слепи!

„А вие што тепате црнци!?"

Во таква светлина сѐ повеќе запаѓаат и медиумските курири на власта, како што во македонската  јавност се означуваат потпорниците на „системот Груевски“ во медиумската сфера. Не е ли смешен обидот да се амортизира дејството на најновото обвинение и изнесените факти во врска со илегалното прислушување со примена на принципот на замена на тезата? На тие факти, во очигледна неможност да се побиваат, им се спротивставува цитирање на тези на претседателот на СДСМ за сосема друго прашање (двојазичноста). Ова ме потсети на стар виц од времето на Советскиот Сојуз. За време на посета на американски државник на Москва, возејќи се низ градот, гостинот зачудено забележал: „Зарем уште имате бандери по улиците?" – „А вие што тепате црнци, а!?", реагирал навредениот домаќин. 

Фотографија: picture-alliance/dpa
Зоран Јордановски

Медиумските курири остануваат меѓу најтврдокорните бранители на „системот Груевски“ оти нивните фронтмени и сопствениците се повеќе од потпорници – тие се де факто дел од тој систем. Затоа кога-тогаш ќе мора да ја споделат неговата судбина и консеквенциите за одговорноста. За да не остане простор за погрешно толкување: не смее да се стави под прашање медиумската слобода и правото на слобода на говорот – иако медиумските курири ги газат основните принципи на професионалното новинарство - туку да се испитаат нивните коруптивни мотиви, за што има доволно индиции и веќе на македонската јавност познати докази.

Распад на системот - со и без изборите

Со последните случувања, особено со најновото обвинение поднесено од СЈО, и за голем дел на приврзаници на „системот Груевски“ и на симпатизери на идејата наречена ВМРО се склопи мозаикот, се обликува сликата која не сакаа да ја видат од првиот момент – ако појдеме од обелоденувањето на „бомбите“ како нулта точка. Тоа е слика на систем расипан до коска, без какви било морални скрупули, кому не му се туѓи никакви средства кои служат за одржување и надградување на неговата моќ и материјално богатство. Шевовите на тој систем пукаат на разни страни истовремено и власта веќе не може да ги крпи. Иако системот не е непосредно пред целосен распад, тој неминовно му претстои. Затоа сметам дека изборите од 11. декември не се пресудни за Македонија. Тие можат во најдобар случај (од агол на гледање на креаторите на „системот Груевски“!) да го оддолжат, но не и да го запрат неговиот распад.

Фотографија: Petr Stojanovski
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми