1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Незаштитени археолошки локалитети

Антоанела Димитриевска17 август 2013

Од 5120 познати археолошки локалитети во Македонија, заштитени се само 103, но со најголемиот дел од нив не се знае кој и како управува, па непроценливо археолошко богатство преку црни канали се одлева во други земји.

ХераклеаФотографија: DW

Се вели дека во Македонија и најмало камче да поместиш, ќе најдеш археолошки предмет од некој од бројните археолошки локалитети кои ги има буквално на секој чекор. Најголем дел од тоа се археолошки локалитети од типот населби и некрополи. Кој ги истражува и колку се заштитени?

Не се знае кој управува со вредните археолошки локалитети

Во земјата има специјализирани институции како музеи, конзерваторски центри и специјализирани научни центри за археологија на факултетите, што значи дека има доволно стручен кадар од областа на истражување на археологијата. но, како што за ДВ потенцира Јован Ристов од Националниот конзерваторски центар, „проблемот не е во стручен кадар, туку е во неконтинуираното истражување на археолошките локалитети и инцидентни истражувања од типот ’ајде сега ќе бараме антички Македонци’ и слични истражувања“.

Тој воедно смета дека проблем е и лошата насоченост на парите:

„За жал, парите под име на археологија одат за сосема други работи. Воедно луѓето од културата често сметаат дека за она што се нарекува безбедност на локалитетите е задолжена полицијата и другите органи. Тоа е погрешен концепт, кој негативно се одразува на археолошкото богатство. Археолошката заштита треба да биде редовна активност на музеите, конзерваторските центри и сите што управуваат со археолошкото богатство“.

Ристов посочува како пример дека „Министерството за култура за 2013 година не издвоило ниту денар за безбедносна заштита на археолошкото богатство“.

Иако се во сопственост на државата, во најголем дел не се знае кој управува со нив, а исклучок на тоа се само Стоби и Хераклеа. Вредни археолошки локалитети се препуштени на градските музеи и конзерваторски центри во Македонија, а тиe кон нив се однесуваат како кон нешто споредно за управување. Државата треба да го дефинира подрачјето кое е под заштита. „Попусто имаме 5120 локалитети, кога само 103 имаат статус на заштитено добро, се‘ друго е претпоставена вредност, што значи валоризацијата, вреднувањето, е многу слабо“, потенцира Ристов.

Фотографија: AP

Неконтролирано одлевање на археолошкото богатство

Поради големиот број археолошки локалитети многу е тешко тие да се обезбедат од 'дивите' копачи, но и од сите кои имаат имоти во нивна близина. Често земјоделците при обработување на нивите ненамерно неповратно уништуваат одделни вредни локалитети.

„Порано вредното археолошко богатство, најчесто од бронза и глина, но често и златни и други предмети, се нудеше на бројните колекционери, странски музеи и антикварници директно на рака, а сега најчесто тоа се продава преку интернет“, потенцира за ДВ, Драги Несторовски, пензиониран инспектор за културно наследство при МВР.

„Голем дел од тоа порано се купуваше во Грција, бидејќи Грција водеше и води политика да приграби се‘ што е македонско и да го прикажува како свое“, дециден е Несторовски.

Според информацијата од МВР дадена за ДВ, „најчесто археолошкото богатство кое потекнува од територијата на Р. Македонија, преку разни канали на црниот пазар се продава во Грција, Италија, Австрија и другите западноевропски држави, но има некои предмети кои стасуваат и до САД, Канада и Австралија.“

Од МВР информираат дека во соработка со Јавното обвинителство и Управата за заштита на културното наследство секојдневно се работи на откривање на ’диви’ копачи и препродавачи на археолошко богатство, и се наведува дека во 2010 година МВР ја реализираше оперативната акција „Фаланга“, при што приведе 26 лица осомничени за инволвираност во криминални активности на илегално ископување од евидентираните археолошки локалитети и нивно присвојување и продавање во земјата и странство. Во мај годинава МВР ја спроведе акцијата „Фаланга 2“ при што беше приведена 19-члена група осомничена дека од неколку археолошки локалитети вршела илегални ископувања на археолошки предмети со голема културна и археолошка вредност.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми