1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Албанците имаа конструктивна улога во процесот со Бугарија“

7 јули 2022

Партиите не треба да ја злоупотребуваат ситуацијата за политички поени, вели аналитичарот Џелал Незири.

Nordmazedonien Proteste in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Дали предупредувањата за опасност од меѓуетнички тензии се навистина на повидок или станува збор за изолиран инциндент? Одговорот на овие прашања треба да го дадат надлежните институции, по  вчерашниот инцидент кај плоштадот „Скендербег“,  кога група луѓе почнаа да фрлаат тврди предмети кон учесниците во протестот, а  полицијата ја спречи ескалацијата и приведе лице кое е осомничено за пукање од огнено оружје.

Денеска во Собранието ќе се одржи седницата на Комитетот за односи меѓу заедниците, на која ќе присуствува и првиот потпретседател на Владата и министер за Политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби. 

Како аналитичарите го оценуваат односот на партиите на Албанците кон  францускиот предлог,  но и кон стравувањата на македонскиот народ за третманот на идентитетските прашања во него? Аналитичарот Џелал Незири нема дилеми дека таа улога е конструктивна. 

„Партиите на етничките Албанци несомнено дека одиграа конструктивна улога во целиот процес на преговорање и договарање со Бугарија. Беа солидарни во одбраната на етничкиот идентитет на Македонците, кој сериозно беше разнишан од страна на деструктивни и антизападни политички сили во Бугарија. При последното ‘не’ за првата верзија на францускиот предлог, Владата добила поддршка и од опозициските политички субјекти на етничките Албанци во Северна Македонија. Една ваква солидаризација, повторно ја отвори старата тема кај Албанците – за нивното дефинирање во Уставот како ‘20 проценти’, при што имаше и критики кон партиите да не застануваат во одбрана на македонскиот етнички идентитет, сѐ додека тој процент ги дефинира нивните права“, објаснува Незири. 

Со разум, а не со емоции 

Со модифицирањето на  францускиот предлог,  Незири смета дека ситуацијата е поинаква.

„Со последните измени на  францускиот предлог кој се смета за европски  и ја има и поддршката на САД, етничкиот идентитет на Македонците е зачуван со тоа што македонскиот јазик како главен столб на тој идентитет е јасно дефиниран, без фусноти или какви било други формулации. Кога сме кај историските фигури и настани, кои исто така се дел од етничкиот идентитет но не се столб како јазикот, мислам дека истите ќе бидат дел од преговарачката рамка преку Договорот за добрососедство. Овој Договор и тој од Преспа им даваат можност на Бугарија, но и на Грција, да го диктираат нивното спроведување. Иако овие договори се дел од билатералните односи, кои вообичаено се во рамките на Процесот на стабилизација и асоцијација, во нашиот случај се префрлија во Процесот на пристапните преговори. Зошто имаме ваква ситуација? Мислам дека проблемот е во немањето капацитет истите да се спроведат, иако се потпишани. Во конкретниот случај, ова е гаранцијата која Бугарија ја бараше од ЕУ дека Договорот ќе се спроведе“, оценува Незири. 

Според него, овој процес треба да се менаџира со разум, а не со емоции. 

„Партиите не треба да ја злоупотребуваат ситуацијата за политички поени, туку да се однесуваат државнички. А медиумите треба стриктно да се држат до професионалните стандарди при известувањето. Ние сме сведоци на најголемиот судир меѓу Западот и Русија, при што Северна Македонија како најнова членка на НАТО е ‘aхиловата пета’ на Западот. Земајќи ја предвид стратегијата на Русија за проширување на влијанието преку поттикнување на етнички и верски поделби, истото може да се случи и сега“, предупредува тој. 

Бугарија со внимание ги следи протестите во СкопјеФотографија: Husamedin Gina/Anadolu Agency/picture alliance

Еволуција на ставовите 

Како е во Бугарија? Иако одобрувањето на францускиот предлог е завршена работа, истражувањето на јавното мислење спроведено од 25-ти јуни до 1-ви јули од „Алфа Рисрч“, покажува дека и во Бугарија има незадоволство од францускиот предлог, но тој не резултираше со протести како во Скопје. На прашањето „Требаше ли Бугарија да го крене ветото за Македонија“, 42,4% од испитаниците го одобриле укинувањето на ветото, 53,2% не го одобриле, а 4,4 немале став. Истражувачите констатираат дека одобрениот француски предлог сепак не водел кон општествени катаклизми, како што предвидувале многу од аналитичарите. Од „Алфа рисрч“ промената во расположението во споредба со пред неколку месеци, ја сметаат за показател дека одговорното политичко лидерство било способно да донесе уверување во општеството и еволуција на ставовите на јавноста.

Во моментов,  вниманието на Софија  е насочено кон протестните пораки во Скопје, со забелешки дека во нив има говор на омраза. Но токму тоа се толкува и како македонски подарок за позицијата на Бугарија.

„Протестите во Северна Македонија од последните денови го покажуваат тоа што Бугарија се обидуваше да и го каже на ЕУ, а не беше разбрана. По овие протести, ЕУ целосно ја разбра бугарската позиција и зошто Бугарија беше принудена да го блокира почетокот на преговорите на РСМ“, вели Милена Милотинова, новинар и автор на филмовите „Само затоа што беа Бугари“ и „Хроника на едно национално предавство“, презентирани како „дела за расветлување на процесите на македонизација во Вардарска Македонија по 1994 година и на животот на Бугарите во тогашната Социјалистичка Република Македонија“.

„Протестите се поддржани од главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер одамна настојува да го денунцира билатералниот договор меѓу Софија и Скопје. Ете зошто Софија настојуваше тој Договор да влезе во преговарачката рамка и да има европски гаранции, вклучително и за негово исполнување. Мислам дека веќе на сите во ЕУ им е јасно каде е проблемот. Тој не е во Софија, и никогаш не бил во Софија. Тој секогаш бил во Скопје и во моментов клучот за решавање е во Скопје“, вели Милотинова за БНР. 

Притоа реторички прашува - се сеќавате ли во 2019 година кој ги блокираше РСМ и Албанија да почнат преговори со ЕУ? 

„Тоа беа Франција и Холандија. Холандија сметаше дека РСМ е доста понапред од Албанија во исполнувањето на европските критериуми. Три години подоцна стигнавме до обратна варијанта: Албанија има многу поголем степен на подготовеност од РСМ и Холандија ја поддржува Албанија да продолжи сама ако РСМ не го прифати францускиот предлог. Се надевам и искрено верувам дека политичарите во Скопје ќе постапат одговорно и ќе го прифатат францускиот предлог кој ќе им отвори пат кон ЕУ“, вели таа. 

Јавно доделување на бугарски државјанства 

Водителката и филмска авторка, посочува кои треба да бидат следните чекори на Бугарија.

„Оттука натаму, освен да следи како се исполнуваат критериумите, Бугарија има и доста друга работа да заврши: да го деблокира процесот за давање на бугарско државјанство на десетици илјади молби кои во моментов се на стенд бај и да ги поправи правилата за добивање бугарско државјанство“, посочува Милотинова.

Вели дека ги поддржува актуелните предлози - чинот на добивање бугарско државјанство да не биде „нем“ како досега, туку да биде свечен чин, пред бугарското знаме и со интонирање на бугарската химна. Смета дека треба да има и јавен регистер на оние кои добиле бугарско државјанство, со оглед дека македонските граѓани тоа го добиваат со изјава за бугарско потекло. Според неа, тоа ќе покаже и кои македонски политичари имаат бугарско државјанство и дали наспроти тоа некои од нив водат антибугарска кампања. Сугерира дека бугарското Министерство за образование во перспектива треба да размисли и за отворање на бугарски универзитет во РСМ, каков што имале Албанците, Турците и други заедници.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми