1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизвесен исходот на изборите на Косово

13 декември 2010

Партијата на актуелниот косовски премиер Хашим Тачи се прогласи за победник на вонредните парламентарни избори на Косово. Формирањето на новата косовска влада меѓутоа нема да биде лесно.

Премиерот во оставка Хашим Тачи пред гласачката кутијаФотографија: picture-alliance/dpa

Приврзаниците на Демократската партија на Косово до раните утрински часови на улиците и на плоштадите во Приштина ја славеа победата на нивната партија на вонредните парламентарни избори на Косово. Победата е наша, порача лидерот на партијата и актуелен косовски премиер Хашим Тачи во обраќањето до задоволните членови и поддржувачи на партијата.

„Изборите беа референдум за европската иднина на Косово“, порача Тачи.

Неговата партија според неофицијалните резултати освоила околу 34 насто од гласовите, додека нејзиниот поранешен коалициски партнер во владата, Демократскиот сојуз на Косово, околу 25 проценти. Меѓутоа двете партии во меѓувреме се длабоко спротиставени.

Сложени односи

На Хашим Тачи нема да му биде воопшто лесно формирањето на нова влада. На трето место според неофицијалните резултати од изборите е движењето „Самоопределување“ со околу 15 насто гласови. Многумина набљудувачи сметаат дека ова националистичко студентско движење ќе се погрижи за возбудувања во новиот парламент. Тоа се смета за екстремистичко и се потпира главно на младите гласачи, кои повеќе не веруваат во ветувањата на етаблираните партии.

Лидерот на досегашниот коалиционен партнер, Демократскиот сојуз на Косово, Иса МустафаФотографија: AP

На четвртото место е Алијансата за иднината на Косово на поранешниот премиер Рамуш Харадинај со 10 %, а на петтото е Алијансата Ново Косово, која освоила околу 7, 5 насто гласови. Овие партии го минаа законскиот праг од 5% за стекнување пратенички места во 120-члениот косовски парламент. 10 места во него се загарантирани за српското малцинство.

Бојкот на српското малцинство

Дел од Србите, главно оние кои живеат на северот на Косово, го послушаа повикот на владата во Белград и ги бојкотираа изборите. Претседателот на Српскиот национален совет за Северно Косово Милан Ивановиќ изјави дека од вкупно 140 илјади Срби со право на глас, на изборите излегле само 15 илјади. Тој истакна дека и по овие избори на Србите на Косово не може да им биде подобро, туку полошо. Најмногу гласови од Србите кои излегоа на избори, освоила Самостојната либерална партија, која и досега учествуваше во работата на косовската влада.

Автор: СН/ГЧ/дв/дпа/бета

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми