1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизвесна лидерската средба, роковите течат

Катерина Блажевска13 јуни 2016

Додека се чека да започнат преговорите на големата четворка, помалите партии бараат столче на масата за нив и за граѓанскиот сектор, а „шарените“ потсетуваат дека истекува рокот за исполнување на нивните барања

Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

До доцна синоќа партиите немаа никаква потврда дека денеска ќе се одржи најавуваната лидерска средба, иако за неа уште минатата недела наводно биле започнати одредени меѓупартиски подготовки на пониски нивоа. Од партиите се воздржани и не соопштуваат дали е усогласена рамка за нови преговори, од кои се очекува да донесат излез од кризата. Неинклузивноста, нетранспарентноста и тајноста на подготовката на преговарачкиот процес, се дел од причините поради кои вчера реагираа некои од другите политички партии и побараа да добијат петто столче на преговарачката маса.

„Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, немаат кредибилитет да зборуваат за реформи, стабилност и фер избори, бидејќи тие ги блокираат сите позитивни процеси во Македонија. Предлагаме да се формира реформска влада која ќе има обврска да спроведе коренити реформи и создаде услови за кредибилни избори“, рече Павле Трајанов, лидер на Демократскиот Сојуз, партија која сега е дел од Коалицијата за правда и промени. Оваа коалиција инсистира во преговарачкиот процес активно да бидат вклучени и други партии, медиумите и граѓанскиот сектор. Граѓанските организации се уште формално не го побарале шестото столче, но очекуваат нивните барања и предлози да бидат сериозно земени предвид при разговорите.

Оркестарот и публиката

Се губи ли довербата во она што четирите лидери може да го испорачаат како резултат? Според аналитичарот и поранешен амбасадор, Арсим Зеколи, „нивните дела не даваат ниту една најмала причина за верба дека тој квартет ќе го смени ритамот и ќе се сврти кон публиката“.

„Тоа е природата на оркестарот, стекната од минатото и преточена во никогаш незагрозената разгалена навика дека публиката доаѓа во театарот поради оркестарот, а не обратно. Затоа, однесувањето на четирите лидери не е детерминирано од нивните капацитети, колку што е предетерминирано од нашите вградени рефлекси и стравот од летање вграден во сите нас. Нивната меѓусебна пакост во јавноста и 'разумност' зад затворени врати е диктирана од свеста дека што и да направат, на крај на денот нивните верни кербери сепак знаат каде им завршува синџирот“, оценува Зеколи.

О друга страна, извори инволвирани во преговарачкиот процес, сметаат дека тешко е да се одредат критериуми, врз чии основи некој би добил петто или шесто столче во преговорите.

„Знаете ли колку партии и граѓански организации има? По кој критериум едни би влегле на преговорите, а други не? Она што е клучно, е сите нивни предлози да бидат ставени на маса, а не колку столчиња ќе има и дали ќе има директен пренес, како што некои бараат - преговори пред камери! Ако се влезе во таква дебата, ќе се се измести тежиштето на разговорите и ќе се разводни целиот процес“, сметаат соговорниците.

И додека лидерската четворка е на стенд-бај, во очекување средбата да се реализира од утре натаму, во исчекување се и учесниците во „Шарената револуција“. Тие секој ден потсетуваат колку денови остануваат до 18 јуни, рокот што го поставија за исполнување на нивните барања, а кои беа поддржани и од опозицијата. Во опзициската коалиција сметаат дека е време за нова рунда преговори, бидејќи се исполнети двата главни предуслови за тоа: изборите се одложени поради неисполнетите услови, и повлечена е претседателската одлука за аболиција. Се надеваат дека прочистувањето на Избирачкиот список, спроведувањето медиумски реформи и обезбедувањето непречена работа на Специјалното обвинителство, е „минималниот пакет“ услови кој ќе овозможи да се одржат фер избори наесен - на крајот од октомври или во почетокот на ноември. Сето тоа би било реализирано под палката на преодна влада, која од 1-ви јули дотогаш ќе има на располагање неколку месеци за да ги подготви условите за слободни и регуларни избори, а во чии резултати потоа никој нема да се сомнева.

СЈО и натаму на удар

Ваквиот опозициски план не наидува на поддршка кај власта. Од ДУИ сметаат дека нема услови за избори до крајот на годината, бидејќи е невозможно до 1-ви јули да се формира влада што ќе ги организира изборите. Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека техничка влада треба да се формира само 100 дена пред избори, а за да се договори датум за избори СДСМ прво ќе мора да даде потврда и да се обрзе дека Избирачкиот список е прочистен. Ова не е единствениот „камен на сопнување“. Додека опозицијата очекува Уставниот суд да се изјасни за уставноста на Законот за СЈО, оваа обвинителска институција станува мета на уште пожестоки напади од провладини медиуми, но и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ лично, кој минатата недела за првпат даде исказ пред суд како осомничен во предмет на СЈО. Од друга страна, ни Уставниот суд минатата недела не го зеде предвид барањето на СДСМ до 18-ти јуни да се произнесе за уставноста на законот СЈО. Оваа точка ја нема во предложениот дневен ред за седницата на Судот која треба да се одржи во среда, на 15-ти јуни. Иако дневниот ред може и да се измени, како што тоа и досега се случувало, според правни експерти, работите околу СЈО воопшто нема да одат „мазно“. Поранешниот уставен судија Бајрам Положани, не ја исклучува можноста Законот за СЈО или некои негови делови да бидат поништени.

„Може да се случи да се укине целиот закон или некои негови диспозиции, за мнозинството да добие во време и преку нови законски измени да го стави Специјалното обвинителство во рамките на Државното, како еден специјален оддел, со што би нашле соодветна уставна основа за да можат преку државното обвинителство да го контролираат“, изјави Положани за ТВ „Аласат-М“.

Од опозицијата велат дека уште пред Велигден бил постигнат меѓупартиски договор, дека ако Уставниот суд оцени оти Законот во целост или делови од него се косат со уставноста, партиите во рок од пет дена треба да подготват законски решенија со кои таа состојба ќе биде елиминирана и СЈО ќе може непречено да работи. Дали овој договор важи, ќе покажат и преговорите и евентуалните постапки на Уставниот суд. Роковите течат, а „Шарената револуција“ потсетува на значењето што го има СЈО во македонското општество.

„Упатуваме граѓански поглед на излезот од кризата. Излез од кризата не може да има ако нема правда, а правда нема да има - ако нема Специјално јавно обвинителство и ако нашите соборци и понатаму се под прогон. Одбројуваме уште шест дена до 18 јуни“, напишаа вчера на Фејсбук-страницата.

Од денеска се уште пет. Пет дена до 18-ти јуни или речиси „пет до 12“ .

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми