1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во германската проблематична метропола

Кај-Александер Шолц/Ж.А.18 септември 2016

Околу 2,5 милини берлинци денеска треба да излезат на избори. Кој ќе владее со главниот град во следните пет години? Никому во овој град не му е лесно, па ни на политичарите.

Фотографија: DW/E. Stasik

"Dit is Berlin" - „Тоа е Берлин“, воздивнуваат на берлински сленг староседелците, доселениците и туристите кога ќе доживеат непријатна сцена во Берлин или од некоја друга причина ќе се посомневаат во овој град-покраина. Оваа реченица е мантра за смирување. Кога јавниот сообраќај е во хаос, кога секакви градилишта секојдневно го ставаат на проба трпението на граѓаните или кога со месеци чекате добивање датум за регистрирање на автомобилот, тогаш како жител на главниот град на Германија сфаќате колку е тој преоптоварен од сопствената динамика.

Моментно главни се две теми. Првата е гробот за милијарди евра - уште не се знае кога ќе биде отворен новиот аеродром. Другата тема околу која се крева голема прашина е состојбата на училиштата. Во одделни градски населби експлодираше бројот на деца до толкава мерка што мора да се држи настава во контејнери. Во други училишта пак прокиснува покривот и водата протекува во училниците. Така, за младите генерации кои раснат во Берлин, училиштето станува траума која се врежува во сеќавањето.

На пат кон метропола

Но, да бидеме искрени: градови кои наводно добро функционираат како Минхен, Франкфурт, Париз или Лондон, не можат да се споредат со Берлин. Одвај да постои некој друг град со толку видливи рани и повредени души како Берлин. Прво бил светска метропола, потоа разурнат, за со децении подоцна да остане поделен како зона на Студената војна. По 1989 година Берлин, па и неговата управа, стана своевиден експеримент на сраснувањето на германскиот Исток и Запад.

Сега, по вториот мамурлук кој следеше по уривањето на Ѕидот и периодот на хистерија, овој град повторно е на пат да се врати во светската лига. Секоја година бројот на неговите жители се зголемува за 40.000. Тоа е голем предизвик за градската инфраструктура, со оглед што последиците од поделбата од градежнички аспект сѐ уште не се целосно надминати. Седиште на владата, туристичка Мека, главен град на сексот и забавата, магнет за отворање фирми и стартување бизнис се само некои од атрибутите со кои се опишува градскиот живот. Некои градски жители се во стрес поради дилемата - каде е нивното место во тој нов свет.

Вечно градилиште

Познатата изрека на поранешниот берлински градоначалник Клаус Воверајт: „Берлин е сиромашен, но секси“, е само делумно точна. Економскиот раст во однос на германскиот просек е пристоен, бројот невработени би можел да падне под границата од 10 проценти, а даночните приходи се големи. Па сепак, Берлин финансиски ги помага и натаму другите, побогати покраини. Притоа, долгот од 60 милијарди евра уште не е отплатен.

Оној кој ќе фрли поглед над берлинските покриви, ќе забележи бројни кранови. Со години е така. Во Берлин се гради и се гради. Во меѓувреме никнаа или никнуваат нови облакодери. Берлинскиот градоначалник Михаел Милер од СПД, кој сака да ја задржи функцијата, кратко пред изборите предложи посебен данок за странските инвеститори, со цел да не дозволи шпекулантите со недвижности да излезат од контрола. .

Градоначалникот Милер се надева на победа на СПДФотографија: DW/M. Fürstenau

Изборни прогнози: водство на СПД

Во целото ова шаренило, не чуди што партиските преференции во градот-покраина Берлин се поделени повеќе отколку во која било друга сојузна покраина. СПД е единствена партија која во моменталните анкети бележи над 20 проценти гласови. ЦДУ, Зелените и АфД се веднаш зад социјалдемократите и според анкетите, имаат речиси подеднаков број гласови. Притоа е сигурно дека ЦДУ е на второ место.

Политичките теми, актуелни на сојузно ниво, на изборите во Берлин имаат второстепена улога. Крајно, постојат доволно теми кои директно ги засегаат граѓаните и за кои треба да се гласа. Незадоволството во Берлин е традиционално големо. Тоа се покажа и пред овие избори. Мнозинството не би го реизбрало Михаел Милер на директни избори. Најголем дел од граѓаните исто така е незадоволен од Сенатот, берлинската покраинска влада. Многумина имаа покрупни очекувања од големата коалиција, составена од двете големи партии СПД и ЦДУ.

51-годишниот градоначалник Милер сака да го продолжи владеењето со Берлин, јавно се изјасни за коалциија на неговата СПД со Зелените. Но, резултатите од испитувањето на јавното мислење покажуваат - оваа сметка нема да се оствари. Причината е АфД, партијата Алтернатива за Германија, која ги расипа старите односи во поглед на формирање мнозинство во парламентот. Затоа, сега се зборува за тројна партиска коалиција: СПД, Зелени и Левица како најверојатна опција. Иако, ништо не е одлучено. Можеби ЦДУ сепак ќе излезе како најсилна партија на изборите во Берлин? Во август, според резултатите собрани од одделни институти за истражување на јавното мислење, СПД и ЦДУ беа рамо до рамо. Како би требало да изгледа владејачката коалиција? Едно е сигурно: ќе има доволно берлински граѓани кои ќе се возбудуваат поради изборните резултати. Тоа е типично за граѓаните на Берлин.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми