Неизвесност пред изборите за Бундестагот
20 септември 2013![](https://static.dw.com/image/17101559_800.webp)
Последната анкета објавена од Втората програма на германската телевизија ЦДФ покажува дека владејачкиот сојуз од партиите на Унијата и Либералите имаат многу тесно мнозинство. ЦДУ/ЦСУ и ФДП според оваа анкета би освоиле 45,5 проценти од гласовите. За СПД, Зелените и Левицата би гласале 44,5 проценти.
Според една анализа на институтот Инса за весникот „Билд“ пак црно-жолтата коалиција (партиите на Унијата и Либералите) би освоиле 44 проценти, и со тоа не би имале мнозинство. Социјалдемократите (СПД), Зелените и Левицата би имале заедно 45 проценти. Наспроти анализата на ЦДФ, според Инса еврокритичната и деснопопулистичка партија „Алтернатива за Германија“ исто така би го минала прагот од 5 проценти и би влегла во парламентот.
Телевизијата ЦДФ, за првпат по повеќе децении, наспроти договорот со првата програма на германската телевизија АРД објави анкета во неделата пред изборите. Телевизијата го образложува овој чекор со новите тенденции по покраинските избори во Баварија, каде сѐ повеќе избирачи одлуката за кого ќе гласаат ја донесуваат во последните денови пред изборите.