1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неисполнетите ветувања на ЕУ го дестабилизираат Балканот

Ројтерс
20 август 2018

ЕУ ги разочара проевропските елити на Балканот, па врз основа на таа фрустрација растат нови тензии, анализира агенцијата Ројтерс. Дел од тензиите е и дебатата за промена на границите, а шанса чекаат Русија и Кина.

Federika Mogherini trifft Ministerpräsidenten der Westbalkan-Länder
Фотографија: Regierung Mazedonien

Пред само три месеци Европската Унија на самитот во Софија свечено го повтори ветувањето до Западниот Балкан - она за блиски врски и пристапна перспектива. Но, веќе се јавуваат нови грижи. Од една страна, одредени балкански влади се прашуваат дали ветувањата на западните партнери од ЕУ и НАТО воопшто нешто вредат. Од друга, се разгорува и самиот регион каде заговорниците и противниците на ЕУ влегуваат во нови битки.

Минатиот петок (17.8) германската канцеларка Ангела Меркел по вторпат во неколку дена предупреди дека пред влезот во ЕУ мораат да бидат решени територијалните конфликти. И минатиот понеделник таа рече дека границите во регионот не се тема на разговор.

„Мораме да го повторуваме ова, затоа што одвремеßнавреме се случуваат обиди да се разговара за границите. Не можеме да го правиме тоа“, рече Меркел.

Границите повторно тема

На прв поглед изненадувачки е тоа што во 2018 година, значи две децении од крајот на балканските војни, воопшто се зборува за границите во регионот. Тоа е иницирано од загриженоста дека токму Албанија со прозападниот премиер Еди Рама би можела да го потпали политичкото буре барут. Бидејќи Албанија и поранешната српска покраина Косово сакаат на почетокот на следната година целосно да ги укинат меѓусебните граници.
Тоа во другите екс-југословенски републики го храни стравот од „големоалбански“ национализам. Бидејќи тоа би имало влијание и врз Македонија со нејзината бројна албанска заедница.
Дебатата за ново исцртување на границите се шири и во Србија. Претседателот Александар Вучиќ во игра ја стави размената на територии меѓу Србија и Косово за да ги реши сѐ поголемите проблеми на српското малцинство на северот на Косово.

„Но, секоја промена на границите во регионот е многу опасно“, предупредува Улф Брунбауер, директор на Институтот за југоисточна и источна Европа на Универзитетот во Регензбург. Во таков случај, додава тој, и Србите во Босна и Херцеговина би можеле да почуствуваат охрабрување и да се залагаат за обединување со Србија.

Фрустрации на Балканот

Брунбауер, но и бројни дипломати во Брисел гледаат врска меѓу политиката на ЕУ и повторното избивање на дебатата за границите. „Степенот на фрустрација меѓу проевропските елити е доста висок“, посочува Брунбауер. Причината е, смета, тоа што ЕУ едноставно не го почитува дадениот збор.

Токму блиските партнери на Германија, како Франција и Холандија, ја спречуваат ЕУ да отвори преговори со Албанија и Македонија, иако и двете земји, според проценките на Европската Комисија, ги исполнуваат сите критериуми. Сепак, претседателот Емануел Макрон го прогонува внатрешнополитички страв дека дебатата за проширувањето на ЕУ би можела да ги засили десничарските популисти на европските избори во мај следната година.

„Тоа ги засилува сомнежите на државите во регионот во тоа дали ветувањата на ЕУ воопшто нешто вредат“, ги опишува Брунбауер последиците. Албанскиот премиер Рама претходно во интервју за Ројтерс предупреди на катастрофални последици доколку ЕУ се откаже од ветувањето за проширување.

Москва и Пекинг се подготвени

Ни американскиот претседател Доналд Трамп не е од голема помош. Неговата забелешка за наводно „агресивниот народ“ во Црна Гора, отвори прашања кај новата членка на НАТО прашања за тоа колку суперсилата САД сериозно го сфаќа правилото дека во случај на опасност за една членка на сојузот, сите останати мора да се ангажираат.
„Може да се предвиди дека земји како Русија ќе влезат во вакумот кој го остава ЕУ“, вели Брунбауер. Официјална Подгорица јавно се жалеше на грубото мешање на Русија во земјата.

Отрезнување стигнува и од други страни. Кина до неодамна беше гледана како извор на финансиска помош. Само ден пред посетата на кинескиот премиер Ли Кечианг во Берлин, тој во Софија учествуваше на т. н. Самит 16+1. На него, кинеското раководство редовно се среќава со бројни јужноевропски членки на ЕУ и земји кои не се членки.

Официјално се работи за инфраструктурни проекти, но според некои сфаќања на бриселски дипломати, секако и за прашањето како Кина ќе стапи на европско тло. Во ЕУ тој ангажман на Пекинг се набљудува со скепса, иако Ли во текот на посетата на Берлин се обидуваше да го ублажи тој впечаток.

Но, токму еден проект во Црна Гора служи како предупредување дека Кина во сето и тоа како гледа корист за себе. Така, Кина финансираше само дел од автопатот кој треба да ја поврзе Црна Гора со Србија. Но, за вториот дел Црна Гора треба масовно да се задолжи кај Кинезите. Таа нова финансиска зависност, сметаат во ЕУ, и ја отвора вратата на Кина. Црногорскиот премиер Душко Маровиќ веќе говори за потесна соработка со Кина во областа на туризмот и енергетиката.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми