1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Некогаш војник, сега џихадист

Силвија Штебер/ард/ Жана Ацеска23 ноември 2014

Омар ал Шишани не е само еден од најпознатите команданти на Исламска држава, тој игра и важна улога при регрутирањето борци од Германија. Неговото вистинско име зборува како од војник станал џихадист.

Неговото лице е едно од најпознатите меѓу борците на терористичката организација Исламска држава. Омар ал Шишани паѓа в очи со својата црвена брада на фотографиите и видео снимките. Овој 28-годишник во меѓувреме се вбројува во водечките кругови на ИД. Затоа, САД во септември го ставија на листата на меѓународни терористи.

Омар ал Шишани значи Омар, Чечен. Сепак, Тархан Батирашвили, како што гласи неговото вистинско име, не потекнува од Чеченија. Тој израснал во соседната јужнокавкаска република, Грузија. Но, тој е тесно поврзан со Чеченците и нивната судбина. Зашто, неговото родно село се наоѓа во долината Панкиси, која не само што граничи со Чеченија, туку таму и живее народ сроден на Чеченците-Кисти.

Обука во грузиската војска

Батирашвили воена обука добил во грузиската војска, во која служел од 2007 до 2010 година. Тоа го потврдува Иракли Аласаниа, од 2012 до пред неколку дена министер за одбрана на Грузија. Во 2010 година Батирашвили бил отпуштен од војска поради туберкулоза, така останал без работа. Неколку месеци подоцна, поради поседување нелегално оружје, бил осуден на затворска казна. Во затворот станал радикален и по пуштањето на слобода во 2012 година заминал во Сирија.

Гидо ШтанјбергФотографија: DW

Патот на Батирашвили покажува какви животни услови можат да ги мотивираат младите луѓе да тргнат во џихад и какви последици има тоа по државите како Германија. Извештаите за неговите борбени успеси од него направија идол за младите луѓе ширум светот. Пред Батирашвили да се заколне на верност на Исламска држава, командувал со група борци од Кавказ. Групата привлекувала Европејци, меѓу нив и Германци, пишува исламологот Гидо Штајнберг во својата книга „Германските борци во Ал Каеда. Глобализација на исламистичкиот терор“, што неодамна излезе од печат.

Пример-борците од чеченските војни

Според Штајнберг, другите германски џихадисти се тренирани во чеченските групи пред да се приклучат кон терористичката милиција ИД. Меѓу нив се вбројува во меѓувреме познатиот бивш рапер Десо Дог, односно Денис Кусперт. Како што наведува Штајнберг, тој очигледно бил обучен кај „Војниците на Сирија“. Водач на таа група бил Муслим Абу Валид, алијас Муслим Маргошвили, кој, како и Батирашвили, потекнува од грузиската долина Панкиси, а учествувал во втората Чеченска војна и поради тоа е ценет меѓу џихадистите. Штајнберг објаснува дека двете војни во Чеченија, меѓу 1994 и 2009 година, имале посебно влијание врз младите момчиња во Германија склони на џихад. Дури и членовите на т.н. група од Зауерланд (припадници на Исламската унија џихад, уапсени во 2007 година во една викендичка во Зауерланд во Германија), сакале да се борат на страната на Чеченците против руската државна власт. И атентаторот од 11 септември 2001 година, Мохамед Ата, како што вели Штајнберг, бил одушевен од борбата во чеченските војни. Оној кој учествувал во чеченските војни, до денесе се смета за посебно искусен во борбите.

Пропаганда на Исламистичка државаФотографија: picture alliance/abaca

Трауматизирани борци

Луѓето во самата Чеченија тешко можеа да ги преработат своите трауматски искуства од војната. Бројни мажи веќе не можеле да пронајдат пат за враќање во нормален живот во обично секојдневие. Причина за тоа не е само чеченската култура, туку и авторитарната власт на претседателот Рамзан Кадиров, објаснуваат познавачите на регионот. Власта на Кадиров зависеше од поддршката од Москва. Очигледно затоа тој дозволи толкување на историјата, според кое Чеченците сами ја сносат одговорноста за војна со Русија.

Бројни Чеченци последните години заминаа во европската дијаспора или пак во Турција, откаде пак многумина отпатуваа во војна во Сирија. Кадиров одрекуваше учество на борци-Чеченци на страната на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Но, во ретките сојузници на Асад, се вбројува токму рускиот претседател Владимир Путин.

Тврдењето на Кадиров гласи-борците како Омар ал Шашани само се претставуваат како Чеченци. И додека некои борци неоправдано се китат со името Чеченец, Батирашвили во одредена смисла тоа може да го каже за себе. Зашто, неговата татковина во грузиската долина Панкиси, беше тешко погодена од чеченските војни. Над 7.000 луѓе побегнаа од Чеченија во Грузија, а меѓу нив и радикални борци.

Иако овие борци беа протерани во 2002 година од долината Панкиси, недовербата остана. На народот Кисти се гледа како на безбедносен ризик и соодветно на тоа владее и таков однос кон него. Муслиманите се слабо интегрирани во политичкиот живот, ситуацијата во која живеат, во социјален поглед, често е уште полоша од состојбата во која се другите народи во Грузија.

За волја на вистината, владата во Тбилиси засилено настојува од 2002 година да се ангажира за подобрување на ситуацијата на воените ветерани и условите во затворите. Но, онаму каде младите луѓе не гледаат перспектива, џихадистичките идеи наоѓаат плодна почва. И не само во Грузија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми