Азиланти од Западен Балкан остануваат во Германија
20 април 2018Барателите на азил од Македонија, Босна и Херцеговина и Србија имаат мали шанси да добијат статус на бегалец во Германија, но тоа на некои сепак им успева. Во одговорот на германската влада на прашањето на пратеничката група на Либералите во Бундестагот, се вели дека во 2017 година од сите три држави им била дадена дозвола за престој врз основа на барање за азил на 138 лица. На дел од нив им е признато правото на „супсидијарна заштита“, значи добиваат право да останат со оглед на тоа што се соочени со сериозни проблеми доколку се вратат во татковината, а дел од лицата смеат да останат врз основа на правилото со кое Германија се откажува од протерување поради болест на лицето.
Повеќе:
- Германија: Барателите на азил од Западен Балкан без шанси
- Парични премии за доброволно заминување од Германија
„Овие бројки не го поткрепуваат тврдењето дека со прогласувањето на земјите за сигурни, се крати индивидуалното право на азил“, нагласува портпаролката на пратеничката група на Либералите за миграциски прашања, Линда Тојтеберг. Оттука, според нејзе, „со сета претпазливост“ би требало да се размисли за тоа и други држави да бидат прогласени за сигурни. Нејзината партија бара за сигурни земји да се прогласат и Алжир, Мароко и Тунис.
Германија во 2014 година ги прогласи Македонија, Босна и Херцеговина и Србија за сигурни држави, откако претходно нагло се зголеми бројот на баратели на азил од овие земји. Една година подоцна за сигурни држави беа прогласени и Албанија, Косово и Црна Гора.
За сигурни држави се сметаат земји чии граѓани, според претпоставката, не се жртви на државен прогон или прогон и дискриминација на пример врз религиозна основа. За да добијат право на азил или друго право на престој, барателите на азил мора да докажат дека во нивниот случај сепак им се заканува прогон.